Достапни линкови

Борбата против корупцијата поткопана од неефикасното правосудство


Транспаренси интернешнл го објави индексот на перцепција на корупција
Транспаренси интернешнл го објави индексот на перцепција на корупција

Власта отвора нови случаи против корупција, но „фалинките“ во правосудството ги поткопуваат тие напори, наведува Транспарени интернејшнал. Годинава Македонија е на 85-то место, со 40 индексни поени на Индексот на перцепција на корупција. Иако се бележи минимално подобрување од лани, сепак нашата држава во 2022 година ја одбележаа големи корупциски скандали, a судството и владеењето на правото беа засенети со нови скандалозни обележја, вели Слаѓана Тасева од ТИ- Македонија. Подобри од нас во регионот се Црна Гора и Косово.

Недостигот на интегритет при избор на клучни фигури во судството и неефикасното водење на тековните случаи против корупција ги поткопува напорите во вистинска насока на властите во Северна Македонија кои отвораат нови случаи на корупција, се наведува во Индексот на перцепција на корупцијата што годишно го изготвува Транспаренси интернејшнал.

Оваа меѓународна организација во извештајот објавен на 31 јануари на Македонија и дава 40 индексни поени и ја сместува на 85-то место од 180 држави и територии. Индексот користи скала на бодови од нула (многу корумпирана земја) до 100 (некорумпирана земја).

„Резултатот е загрижувачки! Покажува недостаток на интегритет и почитување на законите, како и пад на демократските процеси. Иако се бележи минимално подобрување, сепак нашата држава во 2022 година ја одбележаа големи корупциски скандали, a судството и владеењето на правото беа засенети со нови скандалозни обележја, меѓу кои и сознанието дека кандидати положиле правосуден испит без притоа да ги исполнат сите законски предвидени услови за полагање на истиот и да ги исполнат сите критериуми. Уште полошо е што овие случаи останаа без разрешница“, вели претседателката на Транспаренси интернешнел Македонија Слаѓана Тасева.

На презентацијата на извештајот, Тасева порача дека за лошиот резултат се виновни сите, и судство и обвинителство, политичката волја, тоа што е спроведено само 30 отсто од Стратегијата за борба против корупција.

Од Јавното обвинителство, за Радио Слободна Европа, велат дека не коментираат наводи во објавени извештаи на други институции или организации.

„Како институција, Јавното обвинителство во континуитет посветено работи на зајакнување на кадровските капацитети и на интензивирање на постапувањето против сите кривични дела, особено во борбата против корупцијата“, стои во одговорот на Јавното обвинителство до РСЕ.

Во извештајот на Транспаренски во делот за Македонија се наведува дека за да се обезбеди одговорност и да покаже вистинска волја за борба против корупцијата, владата мора соодветно да обезбеди ресурси и да овозможи независност на Комисијата за спречување на корупцијата (ДКСК) и на институциите одговорни за истрага на корупцијата и организираниот криминал.

Во годинешниот извештај Македонија напредувала за еден индексен поен. Во ланскиот извештај земјата имаше 39 индексни пеони и беше на 87-мо место. Најлошо рангирање земјата имаше во 2021, кога беше на 111-то место на листата за перцепција на корупцијата со 35 индексни поени. Најдобар резултат во изминатата деценија Македонија имаше во 2014 година, кога со 45 индексни поени беше рангирана на 64 место во светот.

Неколку месеци наназад странските амбасадори во земјава ги засилија повиците до властите во Македонија посериозно да се зафатат со решавање на проблемот со корупцијата и имплементација на законите.

Акцентот на антикорупцијата го стави сегашната американска амбасадорка Анџела Агелер уште пред да го почне мандат во земјава. Набрзо откако ја презеде функцијата во ноември лани, таа рече дека е збунета од изборот на новиот шеф на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, Ислам Абази, кој има лични познанства со челниците на ДУИ, бидејќи како што рече „САД потрошија милиони долари на обука на обвинители“ во правосудниот систем.

За време на владеењето на СДСМ, од 2017 наваму, отворени се случаи против двајца генерални секретари на влада, беше суспендирана шефицата на Обвинителството за борба со организиран криминал, во затвор заврши поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, која го предводеше обвинителството кое требаше да води случаи за високи функционери, беа осудени и неколку судии, како и неколку функционери од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак јавноста му забележува на правосудниот систем што процесите против сегашните и поранешните политичари се одолговлекуваат и што тие што имаат пари се спогодуваат за помали казни и полесни затворски услови.

Дека довербата во правосудството не е на високо ниво, покажа и анкетата на Меѓународниот републикански институт – ИРИ, објавена на 20 декември, 2022. Според неа, 76 отсто до граѓаните имаат голема недоверба или до некаде не им веруваат на судството и обвинителството и дека таа бројка со години се продлабочува.

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), е ажурна во иницирањето постапки против функционери за кои постои сомнеж дека се корумпирани, но ретко кој од предметите завршува со судска разрешница.

Пред нас се Црна Гора и Косово, а зад нас Албанија, Србија и БиХ

Просечната оценка за Источна Европа и Централна Азија, во кој регион спаѓа и Македонија, е 35 - далеку под глобалниот просек од 43. И додека подобрувањата во неколку земји нудат надеж, регионот има долг пат да го сврти текот против долгогодишната корупција, стои во извештајот на Транспаренси интернејшнл.
Според нив, низ Источна Европа и Централна Азија, корупција е на високо ниво и е тесно поврзана со политичката нестабилност, ослабените институции и, во најекстремните случаи со насилен конфликт.

Во регионот, владите ги поткопуваат демократските процеси, го сузбиваат граѓанскиот простор и ги ограничуваат медиумските слободи во маѓепсан круг на корупцијата и авторитаризмот, со што регионот на Источна Европа и Централна Азија е на второ место со најниски резултати на Индексот на перцепција на корупцијата за 2022 година.

Најдобро рангирани земји од овој регион се Грузија со резултат од 56 индексни поени, потоа Ерменија со 46 и Црна Гора со 45. Најлоши, пак се Таџикистан -24, Азербејџан -23 и Туркменистан -19 се најлоши.

Од земјите од Западен Балкан, подобро рангирани од Македонија се Црна Гора и Косово, а зад нас се Албанија, Србија и Босна и Херцеговина, која има најниски резултати во овој регион.

Србија и Босна и Херцеговина годинава бележат најнизок историски резултат.

Балканот не е отпорен на организиран криминал

Регионот на Западен Балкан е познат по својата ниска отпорност на организираниот криминал, се наведува во извештајот на Транспаренси. Земјите бавно се справуваат со овој ризик и сè уште недостасуваат одговорни институции, соодветни ресурси и независност.

Неодамнешната ескалација на тензиите меѓу Косово и Србија ги зголеми безбедносните ризици во регионот, со што беше поткопана и прекуграничната соработка, што е клучно за успешна борба против организираниот криминал.

„Потранспарентно и поодговорно носење на политичките одлуки, вклучително и за време на дијалогот Косово-Србија, ќе создаде клима за конструктивно решавање на овој замрзнат конфликт и ќе овозможи спроведувањето на клучните реформи како предуслов за интеграција во ЕУ“, се наведува во извештајот.

Годинешниот индекс на перцепција на корупција открива дека во 124 земји стагнира нивото на корупција, а се зголемува бројот на земји во кои нивото се влошува.

„Корупцијата го направи нашиот свет поопасно место. Како што владите колективно не успеаја да направат напредокот против тоа, го поттикнаа сегашниот пораст на насилството и конфликти и ги загрозија луѓето насекаде. Единствениот излез е државите да ја завршат напорната работа, да ја искоренат корупцијата на сите нивоа, за да се овозможи владите да работат за сите луѓе, не само за елитите“, вели Делија Фереира Рубио, претседавач со Транспаренси Интернешнл, во извештајот што го објавува оваа организација.

Најдобро рангирани земји во светото, според индексот на перцепција на корупцијата се Данска, Финска, Нов Зеланд, Норвешка, Сингапур, а на дното се Јемен, Венецуела, Јужен Судан, Сирија, Сомалија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG