Достапни линкови

СДСМ на конгрес- само Заев е сигурен


Зоран Заев и Радмила Шекеринска на лидерска средба
Зоран Заев и Радмила Шекеринска на лидерска средба

В недела, на конгресот на СДСМ, само една позиција е сигурна- претседателската на Зоран Заев откако тој во март како единствен кандидат беше избран за претседател на партијата на првите директни избори на кои гласаа сите партиски членови.

Владејачката партија на конгресот, кој ќе се одржи онлајн поради пандемијата со коронавирусот, треба да ги избере речиси сите други раководни позиции, освен претседателската. На два дена пред конгресот извори од СДСМ не откриваат многу повикувајќи се на тоа дека нивниот лидер Зоран Заев по официјалните државни посети денеска пристигнува во земјава. Тој треба да ги предложи заменик претседателот и потпретседателите, па во партијата ги очекуваат неговите предлози.

Она што е извесно е дека досегашната заменик претседателка Радмила Шекеринска по 28 години високи партиски позиции сега нема да биде дел од раководните структури откако и сама најави дека нема да се кандидира. Гласините во јавноста, кои засега не ги потврдуваат, е дека актуелната министерка за одбрана најверојатно ќе биде македонска амбасадорка во Соединетите Американски Држави. Повлекувањето на Шекеринска, пак, ги отвори и гласините дека Заев расчистува со поранешните социјалдемократски кадри. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека повлекувањата на препознатливи партиски лица не се ништо ново и невообичаено.

Арсовски:СДСМ ќе треба да најде нови лица
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:16 0:00
Директен линк

„Тоа му се случило на ВМРО-ДПМНЕ неколкупати, со Љубчо Георгиевски, со Никола Груевски, на СДСМ со Бранко Црвенковски, така што тоа не се невообичаени ситуации. Се разбира, таквиот дисконтинуитет ќе бара од СДСМ да најде нов бренд, нови лица, за нова политичка понуда која ќе го пополни тоа место“, вели Арсовски.

Извори од СДСМ велат дека се уште е отворена можноста да нема заменик претседател на партијата, функцијата која беше првпат воспоставена во 2013 година кога и Заев беше првпат избран за партиски претседател по заминувањето на Бранко Црвенковски.

Од постоењето на позицијата заменик претседател нејзе ја извршуваше Шекеринска, а сега извори од СДСМ велат дека и покрај можноста да се укине, најверојатно Заев ќе предложи повторно да остане таа позиција и дека најверојатно повторно ќе ја извршува жена. За имиња која би можела да биде наследничката на Шекеринска во партијата се воздржани.

Заев ќе предлага и потпретседатели

Отворена е и можноста да има помалку потпретседатели од сега, нешто што го најави и самиот Заев откако во март беше избран за претседател на партијата. Досега потпретседатели беа Оливер Спасовски, Мила Царовска, Мухамед Зекири и Коста Петров. Од овие четворица само Спасовски има стаж во партијата од деведесеттите години, a останатите тројца во влегоа подоцна.

Истиот извор од СДСМ на прашањето дали ќе има некој од новоизбраните раководни позиции кој ќе биде со подолг партиски стаж велат „сите можности се отворени, но потешко бидејќи политиката сега е обнова на партија“.

Арсовски пак нагласува дека по ова на партијата ќе и бидат потребни нови лица.

„СДСМ имаше еден несреќен период на власт во кој голем дел од нивните планови, освен НАТО, се изјаловија. Значи блокадата на Франција, понатаму блокадата на Бугарија, пандемијата...тоа ја троши власта брзо и мислам дека главната причина поради која СДСМ најавува некакво освежување е за да донесе нови лица со нов политички капитал бидејќи е потребна инфузија на нови ликови“, вели Арсовски.

Што ќе бира конгресот?

На конгресот СДСМ ќе бира централен и надзорен одбор кои доаѓаат на предлог на извршниот одбор и раководството на партијата, но може да има измени и на самиот конгрес. Потоа потпреседателите кои ги предлага Заев ги бира централниот одбор на првата нивна седница која може да биде и дента, а може да се одржи и понатаму.

Во меѓувреме, додека Заев кој ја води партијата осум години најави подмладување, дел од партиските структури кои во времето на Бранко Црвенковски беа на високи позиции се шпекулира дека ќе излезат со свои листи на есенските локални избори. Како што јавија некои медиуми Андреј Петров, Гордан Георгиев, Зоран Јовановски и Софија Куновска се дел од таканареченото скопското крило кое може да формира нова струја. Од СДСМ пак велат дека реално во партијата немало фракции оти како што додаваат тоа се луѓе што се дистанцирани поодамна.

Јавно досега фракција за престојните локални избори е најавена само во Охрид. Зад мотото „Охрид пред сè“ застанаа поранешните функционери од СДСМ како на пример поранешниот пратеник Томе Чинговски. Но тие веднаш соопштија дека тоа не значело отцепување од СДСМ, а Заев на фомирањето на иницијатива рече дека гледа како на порака до нив и дека во периодот до локалните избори ќе разговара со иницијаторите.

За превирање се пишуваше и во кумановски огранок при давањето предлози за членови на централниот одбор. Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кој беше елиминиран од кандидатурата, за РСЕ рече дека се работело за недемократски процес и оти е разочаран, но нагласи дека нормално е да има несогласувања и спротивставени ставови во едно демократско општество.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG