Достапни линкови

Свадбите во Тетово донесоа пари, но и ковид


Илустрација - Невеста со маска.
Илустрација - Невеста со маска.

Печалбарите донесоа повеќе пари и направија свадби во Тетово, ама го зголемија и бројот на болни од ковид-19. Освен што ја раздвижија економијата, ги наполнија и болниците.

Организирањето на свадби на отворено ја раздвижи економијата во Тетовско, но и драстично ги зголеми бројките на заболени и хоспитализирани од ковид-19.
Во угостителскиот сектор го потенцираат тоа што овие свечености кои лани ги немаше, годинава значајно ја помогнаа економијата во градот.

Доаѓањето на тетовци од нивните привремени живеалишта во други држави за разлика од лани ја раздвижи економијата. Ако лани неколку дејности и сектори немаа заработувачка сега тоа е овозможено со свадбите, кои многу ја помагаат локалната економија, објаснува Насер Хавзија од Здружението на угостители.

„Ако нема свадби, нема да дојдат печалбарите овде. На одмор ќе дојдат два дена и ќе бегаат на море. Кога има свадби подобро е за економијата на државата. Доаѓаат, се спремаат за свадби, повеќе трошат пари. Многу ја помагаат економијата, не само за нас рестораните, туку за сите други. Битно е за нас да биде нормално, ама таква е ситуацијата, поради пандемијата мора да ги почитуваме и ние тие мерки што треба. Се надеваме дека наредната година ќе биде подобро“, вели Насер Хавзија.

Од друга страна, лекарите недвосмислено го потенцираат фактот дека доаѓањето пред сè на печалбарите и нивното одење по свадби значително влијаеше да има полоша епидемиолошка состојба. Минатата година во јули и август бидејќи не беа дозволени свадби и немаше дојдено печалбари имаше многу малку болни поради коронавирусот.

„Овие свадбени или што се организираат било какви манифестации свечени тоа допринесува да имаме зголемен број на позитивни пациенти“, вели доктор Гзим Нуридени од тетовската клиничка болница.

„Бројката во градот Тетово се должи како резултат на тоа што ние имаме многу лица дојдени од странство од западните земји, кои после престојот во државата се тестираат за да можат да заминат во државите каде што работат, изјави доктор Сузана Субашиќ епидемиолог во Центарот за јавно здравје Тетово.

Докторот Нуредини, пак, алармира и на голема несовесност кај населението.

„Како граѓаните како да заборавија, не држат маска, нема дистанца, има групирање итн“, објаснува тетовскиот доктор.

Друг лекар од Тетово на социјалните мрежи објави искуство со младоженци кои ги игнорирале симптомите на ковид, барале инфузии, но подоцна мажот завршил на инфективно одделение поради пневмонија.

XS
SM
MD
LG