Достапни линкови

Руските сили со напади во источна Украина, Мариупол под опсада


Уништена куќа во руски напад во Доњецк
Уништена куќа во руски напад во Доњецк

Градот Кремина во областа Луганск во источна Украина паднал во рацете на Русите, а во меѓувреме ХРВ повика да им се овозможи на цивилите безбедно да го напуштат Мариупол. САД велат дека Украина може да ја добие војната ако на земјата и се даде вистинската поддршка.

Руските сили продолжуваат со нивните напади на истокот на Украина, додека американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изрази надеж дека загубите на Русија во Украина ќе го спречат Кремљ да ја повтори својата агресија на друго место.

Остин, говорејќи по посетата на Украина заедно со американскиот државен секретар Тони Блинкен изјави дека Вашингтон сака да ја види „Русија ослабена до степен што не може да ги прави оние работи што ги направи при инвазијата на Украина“, додавајќи дека Киев сè уште може да ја добие војната ако му се даде вистинската поддршка.

Остин и Блинкен најавија дополнителна воена помош од 700 милиони долари за Украина и другите сојузници. САД испратија околу 4 милијарди долари воена помош од почетокот на мандатот на претседателот Џо Бајден минатата година, а минатата недела објавија нов пакет помош од 800 милиони долари.

Напади во источна Украина

„Во источна Украина, градот Кремина, во областа Луганск, падна во рацете на Русите“, објави британското Министерство за одбрана на Твитер.

Во британскиот извештај се наведува дека се водат тешки борби во јужниот дел на градот Изиум, додека руските сили се обидуваат да напредуваат кон градовите Славјанск и Краматорск во областа Доњецк.

„Украинските сили подготвуваат одбрана во Запорожје како подготовка за потенцијален руски напад од југ“, се додава во редовниот билтен, каде исто така се наведува дека руските трупи најверојатно ќе се обидат да ги опколат силно утврдените позиции на украинската армија на исток.

Гутереш во Москва

На дипломатски план, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш треба денеска да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, а потоа се очекува да отпатува и за Киев.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави доцна синоќа дека испораките на оружје од Запад во Украина значи дека НАТО во суштина влегува во војна со Русија преку полномошник и го вооружува тој посредник, а оружјето доставено до Украина од Запад ќе бидат „ легитимни цели“ за руската војска. Лавров, исто така, предупреди на закана од трета светска војна и посочи дека постои „значителен“ ризик конфликтот да ескалира до нуклеарно оружје.

„Опасноста е сериозна, реална е, не смее да се потцени“, рече Лавров.

Но, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека коментарите на Лавров имаат за цел само „да го исплашат светот да не ја поддржи Украина“.

„Робови создаваат тирани“: руска уметница против војната во Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:15 0:00

Безбеден премин за цивилите во Мариупол

Во меѓувреме Хјуман рајтс воч- ХРВ ги повика руските сили кои сега имаат контрола врз поголемиот дел од опколеното украинско пристаниште Мариупол, да им дозволат на цивилите кои се заробени во стратешкиот град безбедно да се префрлат на територијата под контрола на Украина.

Мариупол е под опсада на руските сили од 2 март, при што поголемиот дел од градот е уништен, а се верува дека се убиени илјадници цивили.

Се проценува дека околу 2.000 украински војници кои се во фабриката за челик Азовстал во Мариупол сè уште се спротивставуваат на руските сили кои преку воздушни напади се обидуваат да ги поразат. Се претпоставува дека околу 1.000 цивили се засолниле во челичарницата.

„Руските сили кои сега го окупираат поголемиот дел од југоисточниот пристанишен град на Украина, Мариупол, треба да се погрижат цивилите кои остануваат во градот да можат безбедно да заминат на територијата контролирана од Украина, доколку сакаат“, се вели во соопштението на ХРВ.

Организацијата исто така посочи дека посебно внимание треба да се посвети на постарите лица, лицата со посебни потреби и оние кои се болни или ранети.

ХРВ, исто така, го повика Гутереш да побара од високите руски претставници да ги земат предвид маките на цивилите во Мариупол и да ги предупредат дека „може да се одговара за незаконски цивилни смртни случаи и други сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право“.

„По преживеаните два месеци терор, криејќи се во подрумите додека нивниот град беше претворен во јаглен и урнатини, на цивилите во Мариупол сè уште итно им е потребна помош и безбедни патишта за евакуација. Генералниот секретар Гутереш и другите меѓународни лидери треба да ги притиснат највисоките руски функционери да обезбедат безбедно преминување на територијата под контрола на Украина“, рече Ајда Соер од ХРВ.

Организацијата за заштита на правата, исто така, ги предупреди руските сили дека треба да ја почитуваат „фундаменталната обврска според меѓународното хуманитарно право и да прават разлика помеѓу цивилите и борците и да ги преземат сите можни мерки на претпазливост за да ги заштитат цивилите“.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG