Достапни линкови

Дали Русија навистина отсекогаш била со Србија?


Рускиот амбасадор Јулиј Вонорцов (прв од лево) гласаше за Резолуцијата 757 на ОН за воведување санкции врз поранешна Југославија (СРЈ), за која гласаа, меѓу другите, Сер Дејвид Хенер (втор од десно) во име на Британија и Едвард Перкинс од САД на 30 мај 1992 г.
Рускиот амбасадор Јулиј Вонорцов (прв од лево) гласаше за Резолуцијата 757 на ОН за воведување санкции врз поранешна Југославија (СРЈ), за која гласаа, меѓу другите, Сер Дејвид Хенер (втор од десно) во име на Британија и Едвард Перкинс од САД на 30 мај 1992 г.

Повеќето српски граѓани ја доживуваат Русија како пријателска земја, покажуваат сите истражувања. Тоа се рефлектира во изјавите на официјални лица, кои често ја нарекуваат Русија „братска земја“. Но, дали и навистина е така? Душан Комарчевиќ

„Во клучните историски моменти Русија беше со нас“, рече во една од последните изјави техничкиот министер за внатрешни работи на Србија Александар Вулин, на 19 април, гостувајќи на приватната ТВ Хепи.

Во меѓувреме, сѐ погласни се повиците од Брисел и Вашингтон дека Србија треба да се приклучи на меѓународните санкции против Кремљ. Србија е единствената земја од Западен Балкан која не воведе санкции кон Русија.

Официјален Белград поддржа неколку резолуции на ОН кои се противат на руската инвазија. Сепак, санкциите против Русија се уште не се опција за властите во Србија, што е оправдано од економски причини.

Коментирајќи го гласањето на претставникот на Србија, за една таква резолуција, за исклучување на Русија од УНХЦР, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова рече дека Русија ги евидентира изјавите на српските политичари за притисокот врз нив.

„Можеби имаме различни ставови за пријателството. Секогаш ги поддржуваме нашите пријатели во тешките моменти. Секогаш тргнуваме од фактот дека оние што не нарекуваат нивни пријатели имаат ист пристап“, изјави Захарова на прес-конференција на 13 април.

Меѓутоа, во поновата историја Русија постојано не постапувала во согласност со зборовите на портпаролката на рускиот министер за надворешни работи.

Руско гласање за санкции против Србија

Во текот на 1990-тите, тогашната Сојузна Република Југославија (СРЈ), во која беше и Србија, се соочи со големи меѓународни санкции. Причината, меѓу другото, беше учеството на Југословенската народна армија (ЈНА), која остана под покровителство на официјален Белград по распадот на социјалистичка Југославија, во војните во Хрватска и Босна и Херцеговина (БиХ).

На 30 мај 1992 година, Советот за безбедност на ОН ја усвои Резолуцијата 757, во која државите потписнички се обврзуваат да го спречат „увозот на нивната територија на сите стоки со потекло од Сојузна Република Југославија (Србија и Црна Гора)“.

Исто така, земјите се обврзаа да не дозволат „ниту еден авион да полетува, слетува или лета над нивна територија, доколку се планира да слета или полетува од територијата на СРЈ“, освен во случаи на хуманитарни летови.

Европскиот парламент со Резолуција ќе побара од Србија да воведе санкции кон Русија

Дополнително, Резолуцијата 757 предвидува потписниците да го спречат учеството на лица или групи кои ја претставуваат СРЈ на спортски настани на нивната територија, како и да ја прекинат научната и техничката соработка и културните размени и посетите на лицата кои ја претставуваат СРЈ или се понзорирани од Југославија. Русија беше меѓу потписниците на таа резолуција.

Ни шест месеци подоцна, војните во БиХ и Хрватска не престанаа. Бројот на убиени цивили и бегалци продолжи да расте. Српските власти, на чело со Слободан Милошевиќ, негираат дека земјата учествува во војната, иако од територијата се регрутираат бројни паравоени групи, кои заедно со армијата на ЈНА вршат злосторства во Босна и Хрватска.

Во ноември 1992 година, Советот за безбедност на ОН ја донесе Резолуцијата 787, „со која се осудуваат сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право, вклучувајќи ја особено практиката на „етничко чистење“ и намерна опструкција на храна и медицински материјали за цивилното население на Босна и Херцеговина“.

Рускиот амбасадор Јулиј Воронцов и амбасадорот на СРЈ Драгомир Ѓокиќ разговараа за санкциите пред гласањето во ОН во мај 1992 година, на кое Русија ги поддржа санкциите.
Рускиот амбасадор Јулиј Воронцов и амбасадорот на СРЈ Драгомир Ѓокиќ разговараа за санкциите пред гласањето во ОН во мај 1992 година, на кое Русија ги поддржа санкциите.

Истиот документ, потпишан од Русија, забранува „претовар на сурова нафта, нафтени деривати, јаглен, опрема поврзана со енергија, железо, челик и други метали, хемикалии, гума, возила, авиони и мотори од секаков вид“.

Резолуцијата исто така, ги повика сите држави „да ги преземат сите неопходни чекори за да се осигураат дека ниту еден од нивните извози не се пренасочува кон Сојузна Република Југославија“.

Овие мерки драстично се одразија врз падот на животниот стандард на граѓаните на Југославија и колапсот на нејзината економија. Недостигот од основни прехранбени производи, лекови и енергија стана секојдневие.

Санкциите беа укинати од Советот за безбедност на ОН во ноември 1996 година.

Меѓутоа, во наредниот период се интензивираа вооружените конфликти меѓу припадниците на југословенските државни сили и герилското движење на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои во април 1998 година ескалираа во војна на Косово.

Кој стои зад нападите врз косовската полиција?

Советот за безбедност на ОН март '96. донесува Резолуција 1160, во која се наведува дека „заради поттикнување на мирот и стабилноста на Косово, тие ќе ја спречат продажбата или снабдувањето на Сојузна Република Југославија, вклучително и на Косово, на оружје и сродни материјали од секаков вид, како што е муницијата“.

Резолуцијата беше поддржана од сите членки на Советот за безбедност, вклучително и Русија. Кина се воздржа.

НАТО бомбардирање

По многубројните извештаи за кршење на човековите права и насилство извршено од страна на југословенската полиција и армија врз албанското население на Косово, НАТО го започна бомбардирањето на Сојузна Република Југославија на 24 март 1999 година.

Русија, заедно со Кина, се спротивставија на интервенцијата на НАТО во Советот за безбедност. Сепак, недостигаше конкретна помош од Русија, и покрај очекувањата на Белград во тоа време дека Кремљ ќе обезбеди поактивна помош.

За тоа биле информирани и претставници на тогашниот југословенски воен врв. Книгата „Воена тајна“ (Хелсиншки комитет за човекови права, 2004), чиј автор е Владан Влајковиќ, цитира извадок од транскрипт од Колегиумот на Генералштабот на Југословенската армија од јануари 1999 година.

Во своето обраќање, генерал-полковник Александар Димитријевиќ, началник на Дирекцијата за безбедност на ВЈ, рече дека, според разузнавачките податоци со кои располага, за време на официјалната посета на тогашниот американски државен секретар Медлин Олбрајт на Москва, таа имала разговори со тогашниот руски Премиерот Евгениј Примаков.

„Можеби имаше заблуди од некои дека Русија и некои други фактори ќе играат позначајна улога, но ние постојано зборувавме овде дека не треба да се потпираме врз нив и дека косовскиот проблем всушност им служи да ги решат сопствените многу подлабоки проблеми. "

Повлекување од мировните мисии на Косово

Војната во Косово заврши во јуни 1999 година, со потпишување на кумановскиот мировен договор. Со тоа заврши бомбардирањето на НАТО, а југословенските сили се повлекоа од територијата на поранешната автономна покраина Косово.

Меѓународните мировни сили (КФОР) предводени од НАТО се стационирани во Косово за да го одржуваат редот. Пред крајот на војната во Косово, Кремљ спроведува дипломатска иницијатива за внесување руски трупи во КФОР.

Југословенски војници минуваат покрај руски воени возила на аеродромот во Слатина во близина на Приштина на 12 јуни 1999 година. Околу 200 руски војници потоа беа запрени на околу 100 метри од приштинскиот аеродром на Косово, откако ја преминаа на Косово од Србија во текот на ноќта пред пристигнувањето на мировниците предводени од НАТО.
Југословенски војници минуваат покрај руски воени возила на аеродромот во Слатина во близина на Приштина на 12 јуни 1999 година. Околу 200 руски војници потоа беа запрени на околу 100 метри од приштинскиот аеродром на Косово, откако ја преминаа на Косово од Србија во текот на ноќта пред пристигнувањето на мировниците предводени од НАТО.

Овој потег вроди плод и руските трупи се дел од меѓународните мировни сили од јуни 99 година. Русија имаше свои припадници во меѓународните мировни сили на Косово до јули 2003 година.

„Оваа позиција ја ослободи Русија од нејзината одговорност практично да биде вклучена во прашањата поврзани со статусот на Косово и животите на малцинствата и ги намали руските трошоци за таа операција“, вели Жарко Петровиќ во својата анализа „Руско-српско стратешко партнерство: содржина и дофат“.

Во соопштението на НАТО од јули 2003 година се вели дека Русија ја донела одлуката „во светло на безбедносната ситуација во регионот, како и другите обврски“. Денес во КФОР се припадници на армии од 28 земји.

Купување на нафтената индустрија на Србија

Одлуката на Владата на Србија да ја продаде „Нафтената индустрија на Србија“ (НИС) на рускиот „Гаспромнефт“ предизвика бурни реакции во јавноста во Србија.

Според договорот постигнат на крајот на 2008 година, руската страна доби 51 насто од сопственоста во поранешниот нафтен гигант на Србија за 400 милиони евра.

Договорот предвидуваше „Гаспром“ до 2012 година да инвестира во модернизација на НИС со најмалку 500 милиони евра. Новиот руски сопственик, пак, доби две рафинерии во Панчево и Нови Сад, нафтени и гасни полиња, како и мрежа на бензински пумпи.

Најголемата критика на сметка на владата, на чие чело беше тогашната опозициска Демократска партија, беше дека продажбата е направена со меѓудржавен договор без тендер.

Дополнително, цената од 400 милиони евра за предавање на државниот нафтен гигант на друга држава во некои кругови беше оценета како „подарок“ за Русија.

Шпионска афера

Во ноември 2019 година, на интернет се појави видео на кое наводно се гледа како руски разузнавач му дава пари на пензиониран припадник на српската армија.

Според највисоките функционери на Србија, снимката била направена на 24 декември 2018 година. Автентичноста на снимката ја потврди и Реља Жељски, аналитичар на Безбедносно информативната агенција (БИА), кој рече дека „на неа се наоѓа рускиот разузнавач Георгиј Клебан“.

По состанокот на Советот за национална безбедност на Србија, претседателот на Србија рече дека во неколку наврати „ги констатирале, документирани со фотографии, видео и аудио снимки, контактите на Клебан со припадниците на српската армија“.

Како што прецизираше, снимени се десет од средбите на Клебан со вкупно три лица, но и дека Клебан не бил единствениот руски разузнавач и оти биле остварени контакти со вкупно деветмина припадници на вооружените сили на Србија.

Коментирајќи ја аферата, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека односите со Србија се „партнерски и братски по природа“, и додаде дека „ништо не може да влијае врз тоа“.

Министерството за надворешни работи на Русија оцени дека објавувањето на видеото е „провокација пред важни средби“. Видеото стигна во јавноста неколку недели пред официјалната посета на претседателот на Србија на Сочи во Русија.

На новинарско прашање дали на средбата со рускиот претседател Владимир Путин ја отворил темата за шпионската афера, Вучиќ директно не одговори. „Разговаравме за сите теми. Имаме добри односи и ќе се обидеме да ги задржиме не само пријателски, туку и да ги надградиме тие пријателски односи“, изјави Вучиќ за новинарите на 4 декември 2019 година во Сочи.

Ден претходно, пред да замине за Русија, рече дека што се однесува до него, темата е затворена по неговиот разговор со рускиот амбасадор во Србија, Александар Бочан-Карченко. На јавноста во Србија не ѝ е познато дали има судска разврска на оваа афера.

„Ниски страсти“ на претседателот на Србија

И покрај шпионската афера, во текот на деценијата на власт на Српската напредна партија (СНС), претставниците на Србија и Русија ги оценуваат билатералните односи меѓу двете земји како хармонични и најдобри во поновата историја.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи за момент ја наруши таа хармонија.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ слуша додека американскиот претседател Доналд Трамп зборува за време на церемонијата со косовскиот премиер Авдула Хоти во Белата куќа во Вашингтон, САД, 4 септември 2020 година
Претседателот на Србија Александар Вучиќ слуша додека американскиот претседател Доналд Трамп зборува за време на церемонијата со косовскиот премиер Авдула Хоти во Белата куќа во Вашингтон, САД, 4 септември 2020 година

Коментирајќи ја средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ со тогашниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон во септември 2020 година, Марија Захарова средбата ја спореди со познатата сцена од филмот „ Basic Instinct“ во која актерката Шерон Стоун ги прекрстува нозете за време на полициско испрашување.

Таа на својот Фејсбук профил објави фотографија на која Вучиќ седи спроти Трамп, како и Шерон Стоун од споменатиот филм. „Ако сте поканети во Белата куќа, а столот е поставен да ве испрашуваат, седнете како на фотографијата број два, кој и да сте. Верувајте ми“, напиша таа.

Стејт департментот загрижен за информациите за руско мешање во Србија

Нејзината објава предизвика бурни реакции кај српските власти. Српскиот претседател рече дека „примитивизмот и вулгарноста што ги покажа зборува за неа и за оние кои ја назначиле“, додека Марко Ѓуриќ, тогашен директор на Канцеларијата за Косово, а сега амбасадор во САД, на портпаролката на руското министерство ѝ рече да се засрами.

„Замислете тој претседател чекаше час и половина со рускиот претседател на прием и никогаш не побара специјално столче. Не дозволувам да ја напаѓате гордата Србија. Срам да ви е!“, напиша Ѓуриќ на Твитер.

По реакциите, Захарова изјави дека нејзината објава била „погрешно протолкувана“ и дека „изразила несогласување со арогантниот однос на САД.

Косово и Србија на 4 септември во Белата куќа потпишаа договор за нормализација на економските односи. На церемонијата на потпишување присуствуваше и американскиот претседател Доналд Трамп.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG