Во рамките на прославите Косово му искажа голема чест на поранешниот американски претседател Бил Клинтон за трасирање на патот на независноста на таа земја од Србија.
Косовскиот претседател Хашим Тачи му додели на Клинтон „Орден на слободата“ за неговата улога за време и по војната на Косово со Србија во 1998-99 година.
Притоа тој рече дека Клинтон е симбол на доверба, оптимизам и надеж за граѓаните на Косово.
Клинтон, кој заедно со неговата тогашна државна секретарка Медлин Олбрајт и други високи светски политичари е на Косово, во чест на 20-годишнината од распоредувањето на војниците на НАТО, оцени дека Косово е пример за демократија и оти заслужува членство во ЕУ и НАТО.
„Мислам дека целиот свет денес, со сите свои превирања, може да го гледа Косово како пример за демократија и посветеност да се подобри, да расте и да живее во мир со сите соседи“.
Конфликтот на Косово, тогаш провинција во Србија, заврши по 78-дневното НАТО бомбардирање против српските напади врз етничките албанци.
За време на конфликтот загинаа повеќе од 10.000 луѓе, а 1.650 се уште се водат за исчезнати. НАТО од крајот на кофликтот води мировна операција за поддршка на Косово, КФОР.
Тоа енајголема операција на НАТО во Европа, има војници од 28 држави, со комбинирана сила од повеќе од 3.500 воени и цивилни лица.
Адмиралот Џејмс Фого, командант на Командата на здружените сили на НАТО, рече дека целта е „да се прошири и продлабочи дијалогот и партнерството како дел од заедничките напори, конечно, да се исполни визијата за Европа - цела, слободна и во мир“.
Меѓународната заедница бара од Косово и Србија да ги надминат разликите, но во изминативе недели акцијата на косовската полиција на северот на Косово, каде што претежно живеат Срби ги интензивира тензиите.
Претходно, Косово воведе стопроцентни царини за српските производи што предизвика критики од Белград и од Западот.
Белград смета дека укинувањето на царините се услов за нормализирање на односите меѓу двете страни.