Достапни линкови

Руските сили во трка со времето, да го освојат Донбас пред да стигне европското оружје


Украински тенк во регионот на Донецк, 30.05.2022
Украински тенк во регионот на Донецк, 30.05.2022

Неколку неделното бомбардирање врз Донбас ги донесе руските сили на чекор до освојување на источниот украински град Северодонецк. Таму, во Донбас, сега е собрана максималната борбена моќ на руската армија, изјави Зеленски во синоќешното видео обраќање.

Руските војници денеска се поблиску до центарот на источниот украински град Северодонецк во жестоката битка која ја водат со украинските сили. Според досегашните информации руските трупи имаат делумна контрола врз градот, каде продолжуваат интензивните борби со илјадници цивили фатени во вкрстен оган во разурнатиот град и на кои итна им е потребна помош. Руските сили во агресивниот напад заземаат улица по улица, при што, најголемиот дел од градот е во урнатини.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата во источниот украински регион Донбас, кој е под бомбардирање со недели, е „исклучително тешка“ бидејќи Русија таму ја ставила „максималната борбена моќ“ на својата војска.

Сепаратистички лидер поддржан од Москва во источниот регион Луганск во Украина, Леонид Пашечник, изјави дека една третина од Северодонецк е „веќе под нивна контрола“, но напредувањето на Русите е помалку брзо од очекуваното.

Со растот на интезитетот на руските напади врз Северодонецк, руските сили гранатираа и делови од североисточниот дел на Украина.

„Ситуацијата во Донбас останува исклучително тешка. Руската армија се обидува да собере огромни сили во одредени области за да изврши сè поголем притисок врз нашите бранители. Таму, во Донбас, сега е собрана максималната борбена моќ на руската армија“, рече Зеленски во синоќешното видео обраќање.

Украинските сили соопштија дека успеале да ги протераат Русите од селото Тошкивка на југ, и претпоставуваат дека тоа го зголеми притисокот во Москва па сега ја опколи областа.

Украинската армија, исто така, соопшти дека нејзините сили ги потиснале руските трупи на одбранбените позиции во Андријивка, Лозове и Билохорка, села на јужниот брег на реката Инхулетс што ја формира границата на провинцијата Херсон, каде Москва се обидува да ја зацврсти контролата.

Во соопштението на Генералштабот на Украина се вели дека „непријателот претрпел загуби и се повлекол од селото Миколаивка, област Керсон, што доведе до паника меѓу војниците на другите единици на вооружените сили на Руската Федерација“.

Информациите не може да се проверат независно, но доколку руските сили се повлечат од Миколаивка, тоа ќе означи добивка од неколку километри за украинските единици.

Руското напредување во Северодонецк и Лисичанск од двете страни на стратегиски важната река Доњецк е дел од сеопфатниот притисок што е прикажан како дел од трката со времето за Кремљ. Градовите се клучни за руските напори да го заврши заземањето на Донбас пред да пристигне повеќе западно оружје за зајакнување на одбраната на Украина.

Зеленски разговараше со лидерите на ЕУ на 30 мај, велејќи им дека мора да покажат сила додека работеа на усвојување на нов сет на санкции.

„Европа треба да покаже сила бидејќи Русија ја гледа силата само како аргумент“, рече Зеленски на 30 мај во видео говорот на самитот на ЕУ наменет да ја зајакне поддршката на блокот за Украина.

Поделбите на ЕУ околу увозот на руска нафта го забавија усвојувањето на новиот пакет санкции, но доцна синоќа лидерите на ЕУ се согласија да го забранат најголемиот дел од увозот на нафта. Тие, исто така, се согласија на отстранување на руската Сбербанк од системот SWIFT, забрана за уште три руски државни радиодифузери и санкции против лица одговорни за воени злосторства.

Досега ЕУ воведе пет пакети санкции против Русија откако нејзините војници ја нападнаа Украина на 24 февруари, но договорот за нафтените санкции се покажа недостижен бидејќи толку многу земји зависат од руската сурова нафта.

Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека Москва е подготвена да соработува со Анкара за ослободување на украинските пристаништа.

Путин ја истакна „подготвеноста“ на Русија „да придонесе за непречен поморски транзит на стоки во координација со турските партнери“, ја цитираше Кремљ изјавата на Путин за разговорот на 30 мај со Ердоган. „Ова важи и за извозот на жито од украинските пристаништа“.

Десетици контејнерски бродови се блокирани во украинските пристаништа кои се опкружени со руски сили, со што се задушува извозот на пченица и други стоки од Русија и Украина, кои заедно сочинуваат околу 30 отсто од глобалниот извоз на пченица.

Зеленски подоцна со Ердоган разговараше за ситуацијата во пристаништата, безбедноста на храната и одбранбената соработка.

„Едногласно се согласуваме за потребата од враќање на мирот. Ја цениме помошта на Турција во овој процес“, напиша Зеленски на Твитер.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG