Достапни линкови

Путин го обвинува Западот за војната во Украина


Владимир Путин - годишно обраќање, Москва, 21.02.2023
Владимир Путин - годишно обраќање, Москва, 21.02.2023

Рускиот претседател во говорот до нацијата не навести крај на војната во Украина, остана на ставот дека Западот е виновен за ескалација на конфликтот, а се пофали и дека Русија ги има сите финансиски ресурси за да ја гарантира својата национална безбедност и развој и покрај санкциите од Западот.

„Русија сакаше мир во Украина, но Западот имаше други идеи“, рече рускиот претседател Владимир Путин во своето обраќање до нацијата.

Говорот на 21 февруари е прво обраќање на рускиот претседател до нацијата по подолго време, откако во декември лани тој ја откажа годишната прес-конференција и не се обрати во Парламентот.

Рускиот претседател вети дека „систематски“ ќе продолжи со офанзивата на Москва во Украина.

„Чекор по чекор, внимателно и систематски ќе ги решаваме целите со кои се соочуваме“, рече Путин пред првата годишнина од воената интервенција, како што Русија ја нарекува војната во Украина.

Путин - Западот е виновен за војната

Тој го обвини Западот за почетокот на конфликтот во Украина, велејќи дека западните земји, на чело со Соединетите Американски Држави, бараат „неограничена моќ“ во светот.

„Русија направи сè што можеше за да избегне војна, но Украина, поддржана од Западот, планираше да го нападне Крим“, рече Путин.

Крим е украински полуостров, што Русија го анектираше во 2014 година.

„Народот во Украина самиот стана заложник на режимот во Киев и неговите западни господари, кои ја окупираа оваа земја во политичка, воена и економска смисла“, рече Путин.

Путин рече дека Русија сака конфликтот во Украина да го реши на мирен начин, но западните земји подготвиле „поинакво сценарио“, зад нејзин грб.

Путин: Западот сака да ја уништи Русија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:33 0:00


„Сакам да повторам: тие се виновни за војната, а ние користиме сила за да ја запреме“, рече Путин пред пратениците и другите гости во Парламентот, што беше проследено со голем аплауз.

Во меѓувреме, канцеларијата за човекови права на Обединетите нации соопшти дека повеќе од 8.000 цивили се убиени во Украина откако Русија ја започна својата инвазија. Околу 90 отсто од жртвите биле убиени со експлозивно оружје.

Москва им пркоси на санкциите

Тој исто така рече дека Москва им пркоси на обидите на Западот да ја уништи руската економија преку пакетите санкции, велејќи дека за Западот се во прашање милијарди долари, но дека руските приходи не престанале.

Обраќањето пред членовите на двата дома на парламентот, воените команданти и војниците започна во десет часот.

Говорот на Путин доаѓа на само неколку дена пред годишнината од инвазијата на Украина и еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден го посети Киев и се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Денеска се очекува и говор на Бајден во Варшава. Тој е во Полска каде со полските лидери и другите сојузници разговараат за украинскиот конфликт, најголемата копнена војна во Европа од Втората светска војна.

Предавниците ќе одговараат

За време на говорот рускиот претседател им се обрати и на Русите кои го избрале „патот на предавството“, велејќи дека мора да бидат изведени пред лицето на правдата, но дека властите нема да започнат „лов на вештерки“ против неистомислениците.

За семејствата на руските војници кои загинаа во борбите во Украина, рече дека ќе им обезбеди „целосна поддршка“ со нов специјален фонд.

„Сите разбираме, разбирам колку е неподносливо тешко сега за сопругите, синовите, ќерките на паднатите војници, нивните родители, кои одгледаа достојни бранители на татковината“, изјави Путин пред пратениците во рускиот парламент.

Во својот говор, на кој меѓународните и независните медиуми не можеа да присуствуваат, Путин избегна да зборува за огромните загуби што глобалните разузнавачи ги процениле за Русија во војната.

Обраќањето на Путин беше неговиот 18-ти говор за состојбата на нацијата до денес, но дојде речиси две години по неговиот претходен говор. И покрај тоа што Уставот налага претседателот еднаш годишно да им се обраќа на пратениците, тој минатата година не одржа говор, поради високата „динамика на настаните“.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG