Достапни линкови

Кој сè има амбиции за претседател на државата


Можни кандидати на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата
Можни кандидати на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата

Петнаесетина имиња на политичари и професори се споменуваат во јавноста како можни кандидати за претседател на државата. Од власта и од опозицијата најавуваат дека кон средината на идниот месец ќе се знаат кандидатите.

На три месеци пред претседателските избори на кои ќе се избере шефот на државата за следните пет години од партиите официјално не соопштуваат конкретни имиња кои би влегле во изборната трка. Но, неофицијално во јавноста веќе се шпекулира за разни имиња од сите политички табори.

Извори од СДСМ велат дека до крајот на месецов, а најверојатно овој викенд ќе се знае кога ќе почне внатрепартиска постапка за избор на нивниот кандидат.

“Откако ќе започне постапката, кандидатите се пријавуваат, течат рокови, се прави избор и се промовира кандидатот”, велат од СДСМ.

И додека се воздржани да зборуваат за конкретни имиња, во јавноста веќе се шпекулира со конкретни личности. Најмногу се пишува за петмина- премиерот Зоран Заев, вицепремиерите Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски.

Можни кандидати на СДСМ за претседател на државата
Можни кандидати на СДСМ за претседател на државата

​Дел од нив демантираа, а дел сè уште не излегуваат со конкретни ставови. Самиот Заев и во викенд интервјуто за Цивил рече дека информацијата дека нема да се кандидирал за претседател е “стара вест”.

Шекеринска, пак, засега не демантира, ниту потврдува дека би била кандидат наведувајќи дека имаат други приоритети, а слично одговара и шефот на дипломатијата Димитров.

На прашањето дали планира да се кандидира за претседателските избори, рече дека предност му е европскиот пат на земјата наведувајќи дека ќе се отвори процес на дебата, анкети, консултации со коалициски партнери, во кои ќе биде вклучен и тој.

Со негирање не излезе ниту првиот човек на полицијата Спасовски, па на прашањето за неговата кандидатура одговори дека засега е посветен на реформите во МВР и контактите со граѓаните.

Последниве денови се споменува и името на пратеникот од СДСМ Мухамед Зеќири. Тој всушност за помалку од еден месец би го фатил условот за кандидат- во март би наполнил 40 години, неопходни за да влезе во априлската изборна трка.

Во јавноста се споменуваат и имињата на професорот Денко Малески како консензуален кандидат на кој инсистира ДУИ, но се шпекулира и со членови на партијата со која раководи Али Ахмети. Едно од тие имиња е и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, но тој не ги исполнува законските услови да се кандидира оти пролетва тој се уште ќе има 39 години, а 40 колку што се неопходни за да влезе во трката ќе наполни во септември.

ВМРО-ДПМНЕ ќе кажат во февруари

И од опозициската партија се таинствени во откривањето конкретни имиња. Кај нив внатрепартискиот конкурс веќе е во тек, а од партијата најавија дека на конгрес во Струга кој треба да се одржи на 16 февруари ќе го објават кандидатот за претседател на Македонија. Досега, велат од партијата, се пријавил еден кандидат, но најдобра информација, додаваат, ќе има за околу една седмица односно при крајот на рокот за пријавување.

Но, исто како и со владејачкото мнозинство веќе се шпекулира со конкретни имиња зад кои би застанала партијата што ја води Христијан Мицкоски, иако од таму не сакаат да коментираат за ниту едно од нив, нагласувајќи дека сите заинтересирани ќе имале исти шанси.

Можни кандидати на ВМРО ДПМНЕ за претседател на државата
Можни кандидати на ВМРО ДПМНЕ за претседател на државата

Трајко Славески, Владимир Ѓорчев, Татјана Каракамишева, Антонијо Милошоски се имињата кои најчесто се споменуваат од опозицискиот табор. Од нив повеќето не излегоа со став во јавноста, а еден од ретките што не ја отфрли можноста е пратеникот и поранашен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски.

Неодамна рече дека во следниот период ќе размисли дали да се пријави на огласот на партијата.

”Не сум се пријавил на огласот. До 31 јануари има некое време и во следните денови ќе почнам да размислувам на таа тема. Во моментов не би коментирал”, рече Милошоски за МКД.мк.

Меѓу имињата што се споменуваат како други можни кандидати на опозицијата, а не се партиски членови се професорите Саво Климовски и Гордана Сиљановска. Првиот учествуваше како говорник на протестите на За заедничка Македонија, а Сиљановска е гласен опонент на Договорот од Преспа, нешто што често го критикува и опозициската партија.

Ќе има ли и други кандидати?

Покрај имињата од двата големи табора се споменува и можноста владиниот коалициски партнер ЛДП да излезе со свој кандидат. Ако донесат таква одлука, тие би ја промовирале Ангелка Пеева Лауренчиќ. Таа одамна се занимава со приватен бизнис, а пратеник од ЛДП беше од 2002 до 2006 година. Ова не би било првпат либералите да имаат свој кандидат. Во 2009 година, кога тие беа опозиција, а тогаш најголемата опозициската партија СДСМ го предложи професорот Љубомир Фрчкоски, ЛДП реши да има свој кандидат, професорот Нано Ружин.

Можно е и десницата која е незадоволна од позиционирањето на ВМРО-ДПМНЕ под раководството на Христијан Мицкоски кој прашањата пред се поврзани со името и со Законот за јазиците да излезе со свој кандидат, а од таа групација најчесто се шпекулира со името на професорот Јове Кекеновски.

Постои опција надвор од договорот за консензуален кандидат за претседател кој би го договориле СДСМ и ДУИ, Алијансата за Албанците и Беса да излезат со свои одделни кандидати.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG