Поранешниот претседател на Косово Хашим Тачи се изјасни за невин на почетокот на судењето пред Специјалниот суд за воени злосторства на Косово со седиште во Хаг.
Судот го обвини него и уште тројца други поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и прогон, убиства, тортура, присилно исчезнување и други извршени злосторства.
„Го разбирам обвинението и не сум виновен“, им рече Тачи на судиите во воведната фаза на рочиштето.
Покрај Тачи, за извршени злосторства врз Албанци, Срби и Роми во Косово и во Албанија во 1998-99 година обвинети се и членовите на Главниот штаб на ОВК, Кадри Весели, Јакуп Красничи и Реџеп Селими.
Во својата воведна изјава пак, обвинителот Алекс Вајтинг изјави дека обвинетите несомнено се водачи на ОВК и дека ќе докажат дека одобрувале и спроведувале политики насочени против наводните соработници, за кои верувале дека соработувале со српските институции или оние кои не ја поддржувале ОВК.
Обвинителството повтори дека обвинетите се одговорни за стотици заробени лица и над 100 убиства на луѓе „кои ги сметале за нивни противници“.
„Има многу докази за тоа, докази во форма на документи. Ќе бидат донесени и сведоци“, рече обвинителот.
Во продолжение на воведниот говор, обвинителот Вајтинг подвлече дека судскиот процес во Хаг не е против ОВК, туку исклучиво против четворицата обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото во периодот 1998-99 година. Тој зборуваше и за „атмосферата на заплашување на сведоците што владее во Косово“ и посочи дека тоа е една од причините поради кои судовите се селат во Хаг.
„Потребна е храброст да се сведочи овде, некои нема да сакаат да му кажат на судот што знаат од страв што ќе се случи со нив или со нивните семејства. Тие можат да ги наречат отпадници бидејќи соработуваат со овој суд или се лојални на обвинетите“, рече обвинителот Вајтинг.
Специjaлното обвинителство тврди дека ќе докаже дека во ОВК имало хиерархија, а четворицата обвинети имале авторитет во Главниот штаб.
Обвинителот Метју Холинг, кој подетално зборуваше за доказите, зборуваше за историјата на создавањето на Ослободителната војска на Косово.
Наводно, таа била создадена од таканареченото Народно движење на Косово, чие главно верување било дека „слободата на Албанците може да се добие само со сила“. Халинг рече дека Тачи, Весели и Селими го основале „Главниот штаб и започнале здружен злосторнички потфат“, додека за Красничи рече дека бил член на политичкиот директорат.
Тачи, кој беше лидер на ОВК се соочува со 10 обвиненија за наводно таргетирање на оние кои се сметале за непријатели на ОВК, вклучително и Срби и Роми, додека групата се обидуваше да ја преземе власта за време на бунтот во 1998-99 година. Тој поднесе оставка од функцијата шеф на државата веднаш по подигнувањето на обвинението и е во притворската единица на судот во Хаг.
Обвинението ги товари Тачи (54), Весељи (55), Селими (52) и Красниќи (72) за злосторства извршени во 42 нелегални притворени центри на ОВК во Косово и во Албанија против околу 407 притвореници, од кои најмалку 98 биле убиени во периодот од март 1998 до септември 1999 година.
Во меѓувреме стотици граѓани на Косово и на дијаспората се собраа на плоштадот Лаан ван Реган ен Горбачов во Хаг во поддршка на поранешните лидери на ОВК. Плоштадот се наоѓа на околу три километри од Специјалниот суд на Косово. Меѓу демонстрантите има и припадници на дијаспората од Германија, Хрватска и Швајцарија.
И во Приштина вчера се одржа „Марш за правда“, во знак на поддршка на поранешните лидери на ОВК.
Учесниците на маршот извикуваа слогани за ОВК, носеа транспаренти со пароли „Слободата има име“ со слики од Хашим Тачи и Кадри Весељи, „Историјата не може да се промени“ и други пораки за поддршка на обвинетите. Поканата за организирање на маршот ја поддржаа сите политички партии, невладини организации и познати личности во Косово.
Судењето на поранешните лидери на ОВК наиде на бројни критики во Косово со образложение дека процесот е „едностран“, бидејќи не се суди за злосторства извршени од Срби на територијата на Косово.