Премиерот Зоран Заев реагирал премногу наивно кога наседнал на телефонските разговори со двајцата руски комичари кои му се претставувале лажно. Сепак, дел од домашните експерти потенцираат дека не е се така наивно и дека зад „шегата“ се кријат политички интереси на сила која таргетира свои политички неистомисленици.
Универзитетскиот професор Ќебир Авзиу вели дека детска и наивна е реакцијата на премиерот Заев кој наседнал на оваа ситуација, но тој се сомнева дека позади целата операција стојат руските безбедносни служби.
„Тој е воведен во една голема заблуда и мислам дека позади тоа стојат руските служби. Тие се вклучени бидејќи тие ги познаваат околностите во земјата. Тие двајца комичари веројатно ништо не знаат за политиката во Македонија и другите земји. Тие детални околности ги знаат само тие коишто се заинтересирани. А цел е поради неговите проевропски ставови кои ги има, затоа сакаат да го посрамотат, а тој премногу детски и наивно влегува во оваа игра“, изјави универзитетскиот професор Ќебир Авзиу.
За разлика од него пак, Драган Јањатов, поранешниот дипломат, кој бил и советник во македонската Амбасада во Москва е убеден дека целата ситуација спаѓа во сферата на како што вели, политичкиот турбофолк. Тој не верува дека овој настан има политичка сериозна заднина.
„Земјата која е посочена како инволвирана (Русија) има други посуптилни методи за да прави такви „субверзии“. Сепак. една земја со големо искуство во разузнавачки и тајни работи, тоа го прави малку порафинирано, не го прави на овој начин, оти не може да си дозволи да си ја руши својата меѓународна репутација на ваков начин. Кај нас на Балканот, посебно во Западниот Балкан се проаѓа, се може да се продаде и да се купи. И ова ќе биде една епизода од домашниот турбофолк која порано или подоцна ќе заврши“, изјави Јањатов.
И од Амбасадата на Руската Федерација вчера информираа дека не сакаат да го коментираат настанот. Од таму кратко соопштија дека „не коментираат активности на приватни лица, особено не шеги на комичари“
Премиерот Заев пак, во коментар за оваа ситуација, истакна дека тој е жртва на измама на добро организирана структура што работи против земјите кои се залагаат за евроинтеграции.
Кои се „Вован“ и „Лексус“?
Вован (Владимир Кузнецов) и Лексус (Алексеј Столаров) ја нарекуваат својата активност "шеговито новинарство", објаснувајќи дека тоа е посебен вид шега: Наместо само да се забавуваат со својот соговорник, добиваат и уникатни информации.
Двајцата комичари не се согласуваат со тврдењата дека е многу тешко да се оствари телефонски разговор со претседател или премиер на држава.
„Не сите претседатели имаат безбедни телефонски линии, а ние честопати добиваме помош од нивните помошници и соработници. На пример, молдавскиот претседател Тимофти редовно го корист мобилниот телефон, а ние го добиваме бројот од неговиот портпарол ", вели Кузнецов за весникот „Москоу тудеј“.
Според руското законодавство „пренкерите“ кои се претставуваат лажно, не го кршат законот. Украина пак, е поригорозна во тој дел и веќе има отворено кривични предмети против двајцата комичари за случај од 2015 година кога во име на поранешниот претседател на Украина Петро Порошенко напишале лажно писмо до украинската службеничка Надежда Савиченко која важела за жесток критичар на политиките на Москва.
„Политичкиот пранк на Вован и Лексус без сомневање е корисен за Кремљ: нивните жртви обично се оние индивидуалци кои се во конфликт со Русија. Како и да е, Кузњецов и Стољаров подвлекуваат дека тие се само патриоти кои ги поддржуваат политиките на Путин, но не работат за Владата и детали за контактирање со нивните славни жртви ги наоѓаат преку „пријатели“, пишува „Раша Бијонд“.
Вован и Лексус признаваат дека ќе бидат среќни да разговараат со поранешниот американски претседател Барак Обама или со германската канцеларка Ангела Меркел.
"Европските и американските лидери се врвни личности, се разбира, ова е многу тешко и не велам дека во моментов ги бараме нивните броеви, но секако имаме желба да разговараме со нив", рече Кузнецов за „Москоу тудеј“.
Во меѓувреме, Кузнецов и Столаров велат дека планираат да продолжат да се шегуваат со политичарите. Сепак, еден човек е надвор од нивниот дострел (Владимир Путин). Пранкерите имаат цврста, про-Кремљ позиција, и велат дека тие "го почитуваат претседателот."
"Ние би сакале да се сретнеме со Путин, ако ништо друго. Ние не сакаме да бидеме оружје во рацете на непријателите на Русија", вели Кузнецов.
На прашањето дали е во ред да бидат оружје во рацете на Кремљ, тие одговараат:
"Зошто да не, доколку е тоа во согласност со она што го чувствуваме", категоричен е Кузнецов.