ВМРО-ДПМНЕ објави јавен повик именуван “Донирај за избори” во кој е наведена трансакциската сметка и се повикуваат поддржувачите да дадат пари за претседателската кампања за нивната кандидатка Гордана Силјановска - Давкова. Ова не е првпат да објават јавен повик за собирање пари, тврдат од опозициската партија, од каде што додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ е сопственик на таа трансакциска сметка.
За кандидатот на СДСМ и владиното мнозинство Стево Пендаровски, пак, жиро сметката ја нема отворено партијата, туку лицето Бранко Ѓеоргиевски во име на групата избирачи што го предложи, односно во име на 32 000 луѓе кои се потпишаа за неговата кандидатура. Од таму велат дека и тие планираат да објават јавен повик за донации за кампањата на Пендаровски.
Според Изборниот законик кандидатите или партиите кои стојат зад кандидатите за претседател веќе требаа да имаат единствен даночен број и трансакциска сметка кои ги користат само за оваа изборната кампања. На таа сметка се уплатуваат сите пари добиени од фирми или поединци и со нив се финансираат огласи, соопштенија, политички изборни спотови, музички спотови што функционираат како химни на учесниците во изборната кампања, преноси и сето останато што кандидатите ќе го прават во дваесет дена изборна кампања. Ако се работи за коалиција на политичка парија, група избирачи, односно лица кои имаат намера да се кандидираат, треба да има и договор за коалиција или изјава на волја заверена на нотар и тогаш тие може да имаат заедничка сметка и единствен даночен број.
Речиси секогаш финансирањето на партиите, особено во изборна кампања предизвикува внимание во јавноста, но сега очекувањата се дека тие ќе бидат повнимателни и заради зголемените ингеренции на Државната комисија за спречување корупција. Според Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнл досега во изборните кампањи најголем проблем беше внесувањето на таканаречените црни пари најчесто преку распределувањето до членови на партиите кои потоа ги уплаќаа на официјалните сметки.
“Сега ќе постои можност и тие луѓе кои ќе донираат да бидат проверувани за да се види дали легално се финансира кампањата и добро да се знае дека може да биде така за и тие кои што ќе прифатат да донираат да внимаваат затоа што се оди во насока на проширување на одговорноста и кон нив”, вели Тасева.
Во законот за спречување корупција кој го дефинира доменот на работа на антикорупциската комисија во делот забрана за користење противправни и анонимни извори на финансирање за време на избори, се наведува дека “ако се појави сомневање дека политичка партија или кандидат на изборите користеле средства противправно или од анонимни извори, Државната комисија ќе побара од надлежните органи да извршат проверка на изворот на средства и дека тоа не претставува повреда на банкарска тајна.
Инаку, за нелегално финансирање на изборна кампања во тек е судскиот процес кој го поведе Специјалното јавно обвинителство именуван како Титаник. Во него е обвинето поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и на државата, како на пример поранешниот премиер Никола Грувески и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и други 19 лица дека меѓу другото на парламентарните и локалните избори во 2011 година се здружиле за нелегално финансирање на кампањата.