Во парламентот пратениците треба да гласаат за петиот корона пакет идната недела, а тоа е по месец и половина откако владата на 16 февруари на седница го утврди сетот мерки за ублажување на негативните економски последици предизвикани од пандемијата и го упати во параламентарна процедура.
Додека во парламент се очекува пратениците да гласаат за помошта за ионака слабата економија, а со тоа компаниите да добијат субвенции за плати за февруари и март, Ангел Димитров од Организацијата на работодавачиплатите на работниците вели дека платите се намалуваат и се оптуштааат работници. Тој има компанија за производство на облека во Свети Николе. Над 600 работници вработени во компанијата произведуваат облека за германскиот пазар, но поради рестриктивните мерки кои се на сила во Германија тие работат со скратено работно време, колку да опстанат.
"Вработените земаат плата колку ќе заработатат , но со оглед дека имаме многу помалку работни часови и немаме доволно продуктивност бројот на работници кои земаат минимална плата се зголеми многу повеќе отколку во ноември, декември и јануари.Капацитетот ни е страшно намален, сега произведуваме само работна облека, но модната облека комплетно е застаната, па работиме три дена во неделата, два дена одмараме итн со скратено работно време за да се издржи некако", вели Ангел Димитров.
Со пакетот на Владата предвидена е и финансиска поддршка од 3.000 до 10.000 евра за компании кои имаат пад на приходите во 2020 за повеќе од 50% споредено со 2019 година.
Ангелов посочува дека сите компании кои се извозно ориентирани, особено на европските пазари, каде на сила има рестриктивните мерки имаат проблеми со нарачки и со работа.
"Кожарската индустрија, авто - индустријата итн се соочени со голем недостиг на работа. Имаат и 70 – 80 проценти пад на приходите зашто немаат никакви нарачки и немаат што да работат така што најголем дел од трудо интензивните дејности во Македонија кои вработуваат многу луѓе имаат проблеми и тоа претежно не се работи за инжинери и технолзи туку за работници на машини и во преработувачката индустрија",вели Димитров.
Во Македонија во индустријата има 37 илјади вработени. Од Организацијата на работодавачи велат дека половина од компаниите ја имаат исплатено платата, но другата половина чекаат на помошта од корона пакетот зашто немаат сопствени пари за да исплатат плата.
"Кризата предизвикана од корона трае подолго, не е од вчера така што тие се истоштени финансиски и цело време очекуваат, прашуваат, се јавуваат, дали ќе дојде помошта или не, да отпуштаат луѓе или не, така што секое доцнење е само побрзо донесување одлука за отпуштање луѓе од работа", вели Димитров.
Работата на Собранието за законите за економска помош за кои треба кворум, беше блокирана неколку недели, а пратениците најдоа решение во последната недела од март.
И додека се очекува пратениците да гласаат за корона пакетот за помош на економијата во државата , во парламентот паралелно се одвиваат расправи за афери за сомнителни набавки или тендери како аферата за обид за набавки на кинески вакцини преку приватни фирми од Хонгког и Пекинг, тендер за снимање на зелени површни од фирма која се поврзува со министерката за образование Мила Царовска и нејзиниот партнер, и контроверзната набавка на софтвер од поранешниот генерален секретар на Владата, а сега советник на премиерот Зоран Заев, Драги Рашковски.
Заев: Нема конфликт на интереси во набавката на софтверот на Рашковски
Во истовреме официјалните статистики зборуваат дека од март лани кога почна пандемијата досега 3000 комапнии згаснаа и над 18 илјади луѓе останаа без работа.
Кога ќе се бришат каматите?
Петтиот пакет на економски мерки, освен што е насочен кон помош на фирмите кои се соочуваат со загуби, има за цел и на најсиромашните граѓани да им го олесни притискот од економска криза.
Весна Шапкоски од Здружение Станица П.Е.Т. од Прилеп посочува дека дека многу граѓани од ранливите групи во изминатиот период останаа без работа, а дел од нив ги остваруваа основните примања од неформални економски дејности, но останаа ускратени и од оваа можност, а со тоа и од единствениот извор на приходи. Во таков контекст Шапакоски укажува дека токму владините економски мерки за справување со кризата се гледаат како единствена или ретка шанса барем за намалување на штетите предизвикани од пандемијата.
"Ако на почетокот сите се надевавме дека оваа криза ќе заврши за неколку месеци, можеби до крајот на летото или до крајот на годината, сега веќе на сите ни е јасно дека пандемијата ќе трае долго, а уште подолго ќе траат и ќе се чувствуваат последиците од неа. Сите мерки беа со нетрпение очекувани од граѓаните, па со жалење можеме да кажеме дека заглавувањето на овој сет на мерки во Собрание и неможноста истите да се изгласаат веќе повеќе од еден месец е на штета на најранливите. Како што често се случува во пракса, политичките препирања и несогласувања кои постојат во собранискиот состав и калкулациите околу донесувањето на одредени политики, крајно се рушат врз грбот на најмаргинализираните и уште еднаш, им ја ускратуваат можеби единствената шанса за ублажување на ударот и последиците од пандемијата." вели Весна Шапкоски од Здружение Станица П.Е.Т од Прилеп
Таа посочува дека на пример мерката за бришењето на камати на граѓаните кон Јавни институции и претпријатија со која се предвидува да се избришат долговите за камати во висина од 100%, е мерка која е особено потребна на ранливите групи на граѓани.
"Долговите значително пораснаа, а многу граѓани се веќе со добиени опомени или се наоѓаат на прагот на присилна наплата на заостанати долгови кон јавните претпријатија", вели Шапкоски од Здружение Станица П.Е.Т.
Луѓе ги чекаат мерките стравувајќи од извршители
Шеесет годишната Ајрија Бајрамовска од Прилеп која живее со нејзиниот сопруг стравува дека освен без доволно пари за храна поради долгови за сметки за комуналии ќе треба да поминуваат низ епидемијата и без основни услови за живот како струја и вода за пиење. Таа живее од садење и берење тутун на полињата во Прилеп каде е ангажирана како сезонски работник од јуни до септември. Зимно време кога нема работа за неа е најтешко. Таа вели дека е добро што и покрај сите проблеми Владата предвиде отпишување на каматите за сметки во рамки на петиот пакет мерки. Но таа за РСЕ кажа дека со доцнењето на изгласувањето на оваа мерка во Собранието неизвесносите и проблемите со егзистенцијата кои се појавија со пандемијата стануваат уште поголеми.
"Неможеме да платиме, се плашиме од извршители и немаме мирен сон, ситуацијата е катастрофлана не може да се исхраниме, а дома се е потребно, со финансиите сме многу слаби", вели Бајрамовска.
Од разговорот со неа се забележува дека освен стравот дека може да остане без струја или вода кај неа доминира и стравот за нејзината сезонска работа. Во последниот период поради ниската откупна цена на тутунот многу од тутуно производителите кажаа дека размислуваат дали да ги насадат на пролет нивите, ни кажа Ајрија.
"Тешко е, еве го очекуваме овој петиот пакет, да ни ги олесни нешто комуналиите, ама ништо. Е сега се чека да има расад со тутунчето па да земеме некое денарче, да преживееме значи, тешка е ситуацијата, ептен. Годинава им го земаа тутунот без пари, а ако тие не садат ни ќе немаме леб да јадеме", вели Ајрија.
Владините мерки
Ианку со петтиот пакет мерки најавена е и финасиска поддршка на тутунарите заради спречување на последиците од ограничување во превозот и трговијата, како и од падот на потрошувачката на тутунски преработки на светско ниво.
Во Прилепскиот регион голем дел од граѓаните ги остваруваат своите приходи, често и единствени, од производство на тутун.
"Се соочуваме со сериозна криза поради ниската откупна цена на тутунот од реколтата 2020, на која кога ќе ги додадете и последиците од пандемијата, се заканува да прерасне во катастрофа", вели нашата соговорничка Весна Шапкоски од Здружение Станица П.Е.Т со која зборувавме за нивната работи со маргинализирани групи на граѓани, со посебен фокус на граѓаните Роми, како и семејствата во социјален ризик и граѓаните од руралните средини,
Taa дополни дека ја очекуваат и мерката со која треба да се овозможи финансиска поддршка за Роми претприемачи преку креирање на „Мечинг фонд за претприемништво за Роми“ со поддршка на Регионалната ромска програма РЕДИ. Намерата со оваа мерка предвидена во петиот пакет е голем дел од оваа ранлива категорија граѓани да добие финансиска поддршка со цел формализирање на нивната дејност, а со тоа и поголема економска стабилност и извлекување од кризата.
Инаку петтиот корона пакет на Владата содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра
Со нив планирана е финансиската поддршка за исплата на плати на компaниите но и низа на други мерки, за компаниите од туристичката дејност, транспортот на патници, индустријата за организација на настани, медиумите, занаетчиите, извозните компании, даночни и царински олеснувања, како и други мерки за одредени групи на граѓани, кои се директно поврзани со ефектите на ковид кризата.
Минатата година Владата усвои четири пакети економска помош за намалување на последиците врз економијата предизвикани од ковид-19. Четирите пакети помош се во вредност од околу една милијарда евра.