Достапни линкови

Нема ни анализа, ни надзор за смртните случаи од ковид- 19


Ковид-19 амбуланта во Скопје
Ковид-19 амбуланта во Скопје

За 5 смртни случаи како последица од ковид- 19, за кои беше побаран надзор, Лекарската комора се уште не поднела извештај, а не се знае ни до каде е процесот. Анализа за смртноста не е направена од лани, а не се ни планира во моментов. Македонија е на 13 место во светот по смртност од вирусот.

Лекарската комора се уште не го завршила надзорот на пет смртни случаи по компликации од ковид-19, иако тоа беше побарано од нив од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат при крајот на минатата година. Последен пат Лекарската комора до Министерството за здравство поднесе извештај за за три смртни случаи во јануари годинава, а еден месец претходно беше завршен надзорот за првиот случај за смртта на 41 годишна жена во болницата во Штип кој предизвика најмногу реакции во јавноста. Оттогаш се чека на другите случаи.

„Лекарската Комора до Министерството за здравство нема поднесено дополнителни извештаи за случаи со смртен исход како последица од Ковид 19. Темпото на работа на Лекарската комора зависи од темпото на формирање на стручна комисија која се заснова на доброволно учество од страна на стручни лица. Министерството за здравство до сега немало причина да е незадоволно од работата на комората“, велат од Министерството за здравство за РСЕ.

Во однос на прашањето дали е побаран надзор за други случаи, од министерството велат дека стручниот надзор го иницира Државниот Санитарен и Здравствен Инспекторат. Од инспекторатот пак не ни одговорија на истото прашање.

Од четирите смртни случаи како последица на ковид-19, за кои беше извршен надзор, само еден укажа дека се потребни технички и организациски промени во работењето на болницата во Штип, додека сите пациенти биле лекувани согласно протоколите. Од Лекарската комора не одговорија на прашањето до каде е надзорот за останатите случаи.

По една година од смртта на првиот пациент на 22 март како резулат на компликации од ковид-19, Македонија сега има над 3500 случаи и се наоѓа на 13 место во светот по бројката на луѓе кои ја загубиле битката со болеста.

Само еднаш од почетокот на пандемијата, односно во септември Министерството за здравство направи анализа за причините за смртноста. Министерот Венко Филипче месец подоцна информираше дека анализата покажала оти над 85 отсто од починатите имале и други болести и биле на возраст од над 60 години. Но, јавноста не беше запознаена со повеќе детали.

„Анализа не само за смртноста, туку и за тоа како се шири вирусот. Кај се шири и итн. За последиците треба да се прави барем еднаш месечно, да заседаваат стручните тела, да се објави во медиумите и да се донесат адекватни мерки. За жал тоа го немаме и атоа последиците се вакви какви што се. Причини за последиците не се кажаа ни во септември се кажаа општи работи дека тие што се постари, тие што се мажи и тие што имаат коморбидитети почесто умираат од другите. Тоа не ги исклучува и другите, но тие ги нарековме ранливи групи и тоа не е нешто сменето“, вели микробилогот Никола Пановски.

Од Министерството за здравство велат дека во моментов нема најава за дополнителни анализи на причините за смртност на пациентите. Пациентите кои имаат коморбидитети, како што наведуваат од министерството, имаат зголемен ризик за компликации во текот на инфекцијата.

„Најголем дел од егзитираните пациенти се со други болести кои дополнително ја влошиле нивната состојба. Околу 90% од сите пациенти кои се починати имале најмалку една, до две други болести, што дополнително ја влошиле нивната здравствена состојба и довеле до смртен исход. Најчести болести кои ги имале тие пациенти заразени со Ковид 19, се кардиовасхуларни болести, дијабет, болести на бубрезите и пулмолошки болести. Дел од пациентите кои починале биле со карцином во понапредна фаза или имале тешка хируршка интервенција после која настапила смрт“, додаваат од министерството.

Институтот за јавно здравје денеска го објави неделниот извештај во кој се наведува дека се пријавени 158 смртни случаи од 27 градови, односно 22,5 отсто повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 135 лицa биле над 60 години, 19 лица на возраст од 50-59 години, три лица од возрасната група 40-49 години и едно лице на возраст од 30-39 години.

Според Пановски, дополнителен проблем е што матичните лекари и после година дена од почетокот на пандемијата се уште даваат непотребни антибиотици и немаат протокол за лекување. Тој смета дека сосема неизедначено е лекувањето надвор од Скопје и од Клиничкиот центар кај што има протокол.

„Друга анализа што треба да се направи е во кои градови и во кои болници колкава смртноста има. Ако имаме 3 спрема 1 од еден до друг град. Треба да се види зошто е така. Дали е заради поголем број на случаи или поради погрешно лекување. Треба да се преземат мерки и тоа треба да се објавува и да се анализира. Кај што се шири болеста треба да се преземат мерки. За жал се крие кај се шири болеста, бидејќи мерките ќе удрат по економијата“, додава Пановски.

За случајот со 41 годишната пациентка која почина во болницата во Штип, Лекарската комора упати препораки, кои во меѓувреме се спроведени. Од комората беше посочено дека во болницата во Штип не се нотирало време на менување на кислородни боци и периодот кога се алармира за промена на боците од другиот медицински персонал и сугерирано е дека е потребно да се воспостави подобра телефонска комуникација, а потешките пациенти да бидат сконцентрирани во неколку простории и блиску до персоналот за да бидат под постојан надзор.

Во останатите три случаи кои беа предмет на надзор за пациенти од Велес, Крива Паланка и Скопје беше нотирано дека матичните лекари и здравствените установи постапиле правилно во нивното лекување.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација против Филипче поради, како што соопштија, големиот број на смртни случаи од вирусот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG