Достапни линкови

Пописот пред врата, ќе отворат ли граѓаните?


Епидемијата со коронавирусот не стивнува, а ситно броиме до официјалниот старт на пописот. Дел од граѓаните велат дека се исплашени и се двоумат дали да им ја отворат вратата на попишувачите. Надлежните пак уверуваат дека ќе се следат протоколите и дека нема опасност по здравјето на граѓаните

Растот на бројот на заразени во последните две недели повторно ја отвори дилемата дали и колку е безбедно спроведувањето на пописот кој треба да почне следната недела. Надлежните уверуваат дека институциите имаат капацитет и гарантираат спроведување на пописот согласно сите здравствени протоколи во услови на пандемија и дека граѓаните ќе бидат заштитени.

Граѓаните за пописот и пандемијата

Дел од граѓаните кои ги прашавме се двоумат дали да им ја отворат вратата на попишувачите.

„Јас и мојот сопруг сме пензионери, спаѓаме во критичната категорија граѓани, се плашиме многу, ретко излегуваме од дома, најчесто само до аптека или продавница по потреба. Повеќе сме за да не отвориме врата, затоа што ние на пример празниците ги поминавме без децата и внуците, тие не доаѓаат и се плашат за нашето здравје. Се уште сме во дилема, но повеќе сме за да не отвориме“, вели 72 годишната пензионерка Вера од Скопје.

За разлика од неа Риза, сопственик на локална продавница вели дека пописот мора да се спроведе и тој е убеден дека за оваа операција не постои ризик за здравјето на граѓаните.

„Ако се внимава на протоколите, нема да има опасност. Не треба да одложуваме. Ова прашање го искористуваат политичарите и долго се влече, не уценуваат со тоа и работата веќе не е за одложување, треба да се стави крај на ова“, вели Риза од Скопје.

Младата Емилија И. вели дека во својот дом ќе ги прими попишувачите но само затоа што има антитела на корона вириусот. Според неа, сепак, подобро би било да се одложи пописот за некоја седмица, барем додека да се намали бројот на заразени на дневно ниво.

„Иако јас живеам во зграда би отворила врата, но многу луѓе со кои комуницирам велат дека нема да отворат поради опасноста од ширење на вирусот. Јас би отворила, но сепак, со доза на несигурност. Би требало за некој период да го одложат додека да се стиши британскиот сој на корона вирусот кој многу брзо се шири. Инаку сум за попис и редно е тој да биде спроведен конечно и кај нас,“ вели Емилија.

Партиски ставови

И партиите како и граѓаните имаат различни ставови по ова прашање. За власта пописот е пописот е неопходен за државата и истиот се спроведува според методологија дефинирана според стандарди на ОН и на Евростат.

Веднаш по усвојувањето на Законот за попис во јануари годинава, опозициската ВМРО ДПМНЕ се залага за негово одлагање. Во почетокот нивните барања беа поврзани со наводниот фалсификат што го планираат владејачките партии. По спроведената операција за собирање потписи од граѓани за одлагање на пописот, ВМРО ДПМНЕ на почетокот на овој месец до Собранието поднесе Предлог закон за престанок на важењето на Законот за попис. Според, ВМРО-ДПМНЕ пописот ќе претставува ризик за здравјето на граѓаните, бидејќи треба да биде спроведен во услови на епидемија на Ковид-19. Партијата смета дека пописот треба да започне на есен откако ќе биде спроведена имунизација на населението.

За ова прашање едногласни се сите партии од албанскиот блок. И владејачката ДУИ и опозициските Алијанса и Алтернатива велат дека попис мора да се спроведе и дека тој е неопходен за креирање на соодветни развојни политики во државата.

Неодамна претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски изјави дека Комисијата за заразни болести направила предлог протокол за одржување на пописот, но додаде дека одлуката за тоа дали ќе се одржи попис или не, е политичка.

Симовски - Пописот треба да ја регистрира реалноста, а дали ќе се допадне некому не ме интересира

Државниот завод за статистика до вчера евидентирал повеќе 121.580 граѓани, државјани на Република Северна Македонија кои живеат и престојуваат во странство кои се самопопишале. Од таму велат дека кампањата што се води во странство ги дава резултатите. Државниот завод за статистика го објави и списокот на пријавени кандидати од третиот конкурс за реонски попишувачи низ општините, на кој се пријавиле над 2.600 лица или околу 800 повеќе од она што требало во одредени пописни реони.

Пописот во земјава почна на 1 март за дијаспората, која што се самопопишува преку веб-апликацијата. Во првичната фаза исто така се попишуваа дипломатите и нивните семејства кои живеат надвор од земјата, лицата во казнено-поправните установи и во воспитно-поправните установи, припадниците на Армијата на РСМ и бездомните лица. Другите граѓани што не спаѓаат во овие категории од населението ќе треба да се попишат во периодот од 1 до 21 април.

Од Владата информираат дека се ангажирани голем број координатори и попишувачи, кои ги следат протоколите за да нема потреба од никакви одложувања. Од таму додаваат дека учеството во пописот е задолжително, кривично се одговара само за поттикнување на бојкот на статистичката операција, а против тие што ќе одбијат да се попишат ќе биде поднесена прекршочна пријава, за што казните се до 300 евра.

Инаку првиот попис во Македонија е одржан во 1948 година. До сега се спроведени осум пописи, а последниот успешен беше во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција, но тогашната власт ја прекина под сомневање за фалсификат.

Поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО)отвори и истрага за пописот во март 2018 година, а лани во септември со останатите предмети, оваа истрага премина во рацете на редовните обвинителства откако бившата специјална обвинителка Катица Јанева даде такво овластување. Еден од главните осомничени во оваа истрага беше лидерот на ДУИ Али Ахмети и поранешниот премиер Никола Груевски. Тие беа осомничени за злоупотреба на службена должност. Неодамна во дел од медиумите беше објавено дека истрагата е прекината затоа што не биле собрани доволно докази од една страна а од друга дека со новиот закон кој стапи на сила на 30 јуни годинава, таканаречените „бомби“ не може да се користат како докази.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG