„Апликацијата функционира, надминати се проблемите во процесот на регистрација. Дијаспората успешно се попишува“, одговорија од тимот на „Scalefocus“, фирмата која ја изработи страницата за попишување на иселениците. Радио Слободна Европа побара одговори од компанијата која стои зад апликацијата, по наводите на програмери дека има слабости во апликацијата и дека можат да се попишат и луѓе кои се во Македонија, иако апликација е наменета само за оние кои се во странство. Од „Scalefocus“ ни одговорија дека според информациите соопштени од Државниот завод за статистика, досега се попишани повеќе од 11 илјади луѓе, податок што покажува дека системот функционира добро.
„Секако дека имаме солиден степен на заштита на апликацијата, никој не може да го измами системот за самопопишување. Корисникот се регистрира со ЕМБГ, телефонски број, е-маил адреса, а согласно Законот за попис, секој податок за кој ќе се утврди дека е лажен, нема да биде земен предвид при обработката од страна на Државниот завод за статистика и ќе претставува кршење на правилата на пописот. Со оглед на нашето интернационално искуство, гарантираме сигурен внес на податоците во апликацијата за самопопишување“, стои во писмениот одговор од компанијата.
Шест обиди за регистрација со ИП адреси од Македонија
Заменик-директорот на Државниот завод за статистика, Илми Селами, во емисијата „200“ на ТВ Алсат изјави дека биле забележани шест обиди за регистрација со ИП адреси од Македонија, но тоа било откриено и веднаш тие лица се отстранети од системот.
Прво тестирање, па пуштање во употреба
Мане Пиперевски, експерт за информатичка безбедност во Пиперевски консалтинг вели дека сите електронски сервиси кои ги користиме дали на интернет, дали во компаниите во кои работиме, се отворени за хакерски напади заради тоа што имаат доверливи информации или некакви податоци кои се битни или кои може да ги уновчат луѓето коишто се злонамерни и кои би сакале да навлезат и на прават злоупотреби на тие електронски сервиси.
„Заштитата е од круцијален ефект во целата работа, затоа што доколку ние ја оставиме колата отклучена и некој влезе внатре и ги украде податоците, ние слободно можеме да кажеме дека ние сме му ги поклониле сите податоци кои се наоѓаат во колата, бидејќи не постоело никаква заштита што била ставена“, вели Пиперевски за РСЕ.
Тој додава дека заштитата на електронските сервиси е многу битна и тоа како за национален интерес, така и за заштита на приватноста на граѓаните. Заштита е можна, вели тој, само треба да се примени, но претходно треба да се тестира дали таа заштита е ефективна, добро поставена и може да ги заштити нашите податоци и електронските сервиси.
„Истата мора да се тестира пред да се пушти во продукција, инаку во спротивно доколку тестираме откако веќе електронскиот сервис се користи ја оставаме можноста истиот да биде хакиран од страна на злонамерни хакери или да биде злоупотребен од страна на злонамерни корисници, затоа од круцијално знаење е да се тестира кој било електронски сервис пред да се стави во продукција, без разлика дали е тоа електронски сервис за електронско банкарство, дали е електронски сервис за попис на граѓаните или кој било друг електронски сервис на државата или на компаниите“, вели Пиперевски.
Санкции за кршење за Законот за попис
Од 1 март стартуваше попишувањето на иселениците, преку онлајн апликација, а пристапувањето од Македонија е оневозможено. Но програмери потоа укажаа дека со користење на „VPN“, односно криење на вистинската ИП адреса, на апликацијата може да ѝ се пристапи и од земјава. Од ДЗС реагираат дека самото користење на таква алатка за внес на податоци во Пописот е спротивна на Законот за попис и Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот 2021, и може да подлежи на санкции, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци. Од Заводот велат дека внесените податоци преку апликацијата подлежат на проверка и споредување со податоците од претпописната база и со податоците што ќе се приберат со попишувањето на терен за да се утврди вистинитоста на податоците.
„Секој податок за кој ќе се утврди дека е лажен нема да биде земен предвид при обработката и воедно тоа ќе претставува кршење на правилата на Пописот и е казниво со Закон. Согласно член 49 од Законот за попис на населението, „тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години “, соопштуваат од ДЗС.
Апликацијата за попишување на дијаспората ја изработи бугарската компанија „Scalefocus“ основана во 2012 година. Од декември 2019 оваа компанија има подружница и во нашата земја. И од компанијата велат дека внесувањето на податоци преку прикриена ИП се смета за спротивно на Законот и може да подлежи на санкции.
„Тоа претставува лажно претставување и лажно давање податоци за пристап. При секоја регистрација и внес на податоците во системот се запишува ИП адресата од каде се внесени податоците“, велат од компанијата за РСЕ.
Во 2019 македонските власти и основачот и извршен директор на бугарската фирма „Скејлфокус“(Scalefocus), Пламен Цеков во Владата потпишаа договор. На пресот во владата беше кажано дека оваа фирма е најголемата софтверска компанија од Република Бугарија, а според договорот за пет години компанијата треба да инвестира 45 милиони евра во Македонија.
„Инвестицијата на „Скејлфокус“ ја прави Северна Македонија важно место на мапата на софтверската индустрија и на информатичката технологија“, рече тогаш премиерот Заев.
Директорот на компанијата, Пламен Цеков рече дека причината да инвестираат во Македонија е во огромниот потенцијал и талентираните млади луѓе од сферата на информатичките технологии.
Од Компанијата за РСЕ велат дека имаат долгогодишно меѓународно искуство во повеќе од 20 земји на три континенти, а нивниот професионален тим креира софтвери на мултинационални компании и создава нови решенија и апликации.
Директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски, неодамна во разговор за РСЕ рече дека максимално се внимавало на безбедноста на системот преку кој ќе се врши пописот во земјата за да не може никој од страна да влезе и да интервенира. А и базите на податоци се заштитени со сите можни мерки, вели Симовски.
„Тука сме во комуникација за постигнување на сите максимални стандарди со Дирекцијата за заштита на лични податоци и сè она што значи ИТ безбедност е земено предвид. Истото се однесува и за апликацијата за самопопишување, која има посебен начин на заштита и којшто е применет максимално“, вели директорот на Заводот за статистика.
По стартувањето на апликацијата, програмери во Фејсбук група за програмери посочија дека има пропуст во системот за самопопишување, односно дека со прикриена ИП адреса може да се пристапи на апликацијата и до Македонија, и дека имало само еден степен на заштита.