Охрид по 62 пат, цели 40 дена - од Петровден до 20 август, традиционално ќе биде центарот на културните случувања во Македонија. На градот под Самоиловата тврдина, на нашата дамнешна потреба за нормална културна комуникација со светот, ќе му се случува „Охридско лето“ – манифестацијата која во изминатите нешто повеќе од шест децении се издигна во една од најзначајните во регионот. Членка на Европската асоцијација на фестивали.
Ова подразбира дека наспроти поигрувањето со трпението и нашето тапкање пред нејзините порти, пред портите на таа Европа, во Охрид наново ќе се случува процут на културата. Онака како и што доликува. Ќе дојдат творци од сите страни на Стариот Континент, од глобалниот Свет. Тие ќе се воодушевуваат на Чаршијата, на Билјанините извори, на Света Софија и Свети Наум, на убавината на Езерото, на традицијата која избива од секој камен, секој икона во 365-те цркви.... и на една од отворените сцени ќе го отворат срцето и преку својата имагинација ќе говорат со јазикот на уметноста. Ќе ѕидаат мостови на пријателство во земјата која и натаму упорно и судбински храбро ќе мора да се бори за вековната присутност на својот македонски јазик, за идентитетот, нашата автентична култура ... за себе и своето место под сонцето во цивилизираниот свет каков што го замислува. Како „поле за културен натпревар“, како што велел Делчев.
А, за отворање на ова 62. издание на Охридско лето е предвиден концертот на четирите врвни италијански тенори Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини. Тие на сцената на Античкиот театар ќе настапат во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет под диригентство на нивниот сонародник маестро Лоренцо Бицари.
Потем следуваат уште 36 концерти, десет театарски претстави и шест други настани во дополнителната програма кои планирано е да се одвиваат на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, во Предворјето и во црквата Света Софија и во Центарот за култура „Григор Прличев“. Во програмата учество ќе земат над 1000 уметници од 25 земји, а нејзини селекторки се Бисера Чадловска, диригентка во Националната Опера и Балет и Сања Арсовска, актерка во Драмски театар Скопје.
Шломо Минц - виолинист Израел / САД
И, кога сме веќе кај програмата чисто телеграфски дека публиката со нагласено внимание ќе ги очекува концертите на Камерниот оркестар „Профундис“, на Камерниот оркестар на Филхармонија, виолинистот Стефан Миленковиќ, кого овојпат ќе го видиме во рамките на т.н Српска вечер заедно со Камерата Нови Сад и Кармина Бурана, дуото Томе Атанасов и Марија Ѓошевска, оперската дива Весна Илкова Ѓиноска во придружба на Кристина Светиева и Ѓорѓи Цуцковски како гостин, дигиталното кабаре „Животот е кабаре“ на Наташа Поплавска и НОБ, чешкото трио „Инсендио“, фламенко балетот „Луксуриа“ од Барселона, Шпанија, виолинистот Шломо Минц од Израел кој ќе настапи на Американската вечер... за да музичкиот дел кулминира со концерт посветен на Маестро Александар Џамбазов што ќе се одржи на 19 август на сцената Долни Сарај.
Изминатите две години не беа воопшто лесни за уметниците во светот, посебно за музичките уметници. Среќна сум што после подолго време се враќаме на вообичаеното функционирање на музичката сцена. Ја имам таа чест токму во тој момент да бидам избрана за музички селектор на нашиот најреномиран фестивал „Охридско лето“. Мојата замисла за музичкиот дел на програмата на фестивалот за годинава, но и за време на целиот мој понатамошен ангажман како селектор, е да составам разнолика програма која би опфатила повеќе жанрови. Не би се задржала на класичното третирање на музичките фестивалски вечери, иако секако тие би биле најмногубројни. Оваа година вклучив состави и уметници кои донесуваат новитети во музичкото дејствување во Македонија, би сакала и да продолжам во тој правец. Идејата е да се опфатат сите возрасти и вкусови на публиката, но и да се следи чекорот на светските фестивалски трендови. Покрај сето ова, сметам дека треба да бидат вклучени и македонските композитори, па затоа годинава одлучив да го посветиме затворањето на фестивалот на легендарниот композитор Александар Џамбазов. Неизбежен дел од фестивалот се и националните установи, Националната опера и балет и Филхармонијата, кои, како и секогаш, се изведувачи на централните настани на фестивалот. Вклучивме домашни и странски врвни изведувачи и се надевам дека ќе имаме упешно издание на фестивалот, вели селекторката Маестра Бисера Чадловска.
Турскиот пијанист Хусеин Сермет
Од друга страна, драмскиот дел од програмата ќе биде отворен со премиерата на театарската претстава „Секс, лаги и љубомора“ од Марк Калмонети во режија на доајенот Коле Ангеловски и продукција на Народниот театар од Охрид. Потем следува „Демони“ од Ларс Норен во режија на Васил Христов и продукција на Битолски театар, па „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс на Драмски театар и во режија на Зоја Бузалковска, „Галеб“ од Чехов на Нела Витошевиќ и Турски театар од Скопје, шекспировата „Кротењето на опаката“ на Викторија Шевченко и изведба на Киевски академски регионален музички и драмски театар „П.К. Саксагански“ од Украина, “Balkan Bordello” од Јетон Незирај и во режија на Блерта Незирај, трансатлантски театарски проект помеѓу САД, Косово и Србија, во соработка со Центар Мултимедија - Приштина, Театар Ателје 212 - Белград и Мој Балкан - Белград/Њујорк, наградуваната „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен во режија на Нина Николиќ и продукција на МНТ... и конечно за крај и за спуштање на завесата на 62. Охридско лето - „Вујко Вања“ класичниот текст на големиот Антон Павлович – Чехов во режија на Егон Савин и продукција на Југословенско драмско позориште од Белград.
Сцена од претставата „Вујко Вања“ на Егон Савин и Југословенско драмско позориште од Белград
Голема е одговорноста да се биде на еден начин театарски архитект на фестивалот Охридско лето, да се изгради стабилна и да се обликува програмата според моите лични замисли и амбиции, а земајќи ги сепак предвид сите околности кои влијаат врз нејзиното креирање. Овогодинешната театарска програма ја насловив театарска тангента, десет претстави ќе допираат до публиката во една суптилна интимна комуникација, со својата модерна естетика, современ сценски јазик и ново читање на познатите класици. Во однос наративот, настојував на принципот на глобална важност, но не како тоа што се случува се одразува надвор, туку внатре во човекот, емотивно и лично, на проблемите кои ги живееме, кои нè образуваат, нè уништуваат, нè прават среќни или тажни. За прв пат во програмата доминираат жени режисерки, дури шест, ќе бидат прикажани шест домашни и четири интернационални претстави. Нестрпливо го очекуваме стапнувањето на сцената на гостите од Њујорк, Приштина, Белград, Киев, како и на нашите домашни театри кои со своите последни продукции се истакнаа со различни, возбудливи сценски форми и извонредни актерски креации, истакнува селекторката Сања Арсовска.
Сцена од дигиталниот балет „Животот е кабаре“ на Наташа Поплавска и НОБ