Достапни линкови

Намален тренд на отпуштања по екот на пандемијата на коронавирусот


Работници во сендвичара за време на пандемијата на коронавирус.
Работници во сендвичара за време на пандемијата на коронавирус.

Годинава работното место како резултат на пандемијата со коронавирусот дополнително го загубиле 224 лица. Вкупно од лани во февруари, досега отпуштени се 17.250 лица. Пазарот на труд е далеку од нивото од пред пандемијата кога бројката на невработени е помала за 37,574 лица.

Пандемијата на коронавирусот го потресе пазарот на труд, а многу луѓе во меѓувреме освен што водеа битка со болеста, останаа и без работа. Последните бројки за невработеност годинава за разлика од лани, според податоците на Агенцијата за вработување, покажуваат дека ситуацијата оди на подобро, но е далеку од нивото пред пандемијата. На крајот на 2020 година евидентирани беа 17.026 невработени лица кои биле отпуштени како резултат на пандемијата. Оваа година до јуни се регистрирани 17.250 лица. Што значи дека дополнително работа загубиле само 224 лица.

Професорот на Економскиот факултет при УКИМ, Борче Треновски вели дека не верува оти невработеноста ќе се задржи или ќе се зголеми во следниот период.

„Значи намалувањето на невработеноста во периодот кој доаѓа дефинитивно е поврзан со постпандемиското опоравување на нашата економија. Тоа значи дека пандемијата создаде една таква ситуација во која определени индустрии се изменија, се променија, а некои ќе исчезнат и други ќе се појават. Така што целосниот пазар на труд е под влијание на промените кои се јавија на глобално ниво“, вели Треновски.

Да се надеваме дека ситуацијата се стабилизира иако има состојби во одредени индустрии каде не сме сигурни дека ваквата ситуација ќе опстане вели Миле Бошков, претседателот на Koнфедерацијата на работодавачи. Добар показател, според него, е и тоа што индустриското производство е зголемено.

„Меѓутоа кај нас секогаш во овој период од годината индустриското производство поради пред се зголемена активност на одредени сектори и одредени индустрии. Што се однесува до бројките за навработеност можам да кажам дека треба да почекаме и да видиме што ќе се случува после овој период на зголемени индустриски активности. Иако, потрошувачката економија е нападната или ефектуирана со негативни елементи на зголемени трошоци и за производство, и за широката потрошувачка, зголемени трошоци за производи за мала и голема потрошувачка така што ќе видиме што ќе се случува од септември, бидејќи ова е еден момент на психолошко растоварување од негативните ефекти од пандемијата“, вели Бошков.

Вкупно бројката на невработени, како што се наведува Агенцијата за вработување, минатата година изнесувала 156.432 лица. Годинава пак е намалена на 143.390. Всушност работно место си обезбедиле 13.042 лица. Но, нивото на невработени е се уште далеку повисоко од пред пандемијата, бидејќи лани во февруари имало 105.816 невработени. Доколку се минусираат бројките пред и по појавата на коронавирусот излегува дека работа загубиле 37.574 лица што е повеќе отколку што тврди Агенцијата за вработување.

„Со состојба на 31.05.2021 година евидентирани се 17.250 невработени лица по основ на прилив од работен однос за кои престанокот односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот после 11.03.2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од КОВИД-19 вирусот“, наведуваат од Агенцијата за вработување.

Сепак највисокото ниво на невработеност од појавата на пандемијата не е забележано лани кога имаше карантин и полициски час на ниво на цела држава, туку напротив во февруари годинава со рекордна бројка од 159.608. Драстично се менува ситуацијата веќе наредниот месец во март кога околу 13 илјади луѓе нашле работа.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи изјави дека власта успеала да спаси 80 илјади работни места, за што биле искористени 4,2 опроценти од БДП.

„Во изминатите четири години од владеењето на СДСМ за 60.000 лица е зголемен бројот на осигуреници. Тоа значи дека вкупниот број на вработени расте“, изјави Битиќи во дебатната емисија „24 анализа“ на телевизија 24.
Министерството за финансии на почетокот на месецов соопшти дека се обезбедени нови 180 милиони евра финансиска поддршка за надминување на кризата предизвикана од корона вирусот, од коишто 80 милиони евра се од ЕУ за фискален стимул за стопанството и граѓаните и 100 милиони евра од ЕИБ за евтини кредити за мали и средни претпријатија.

Точно е дека работните места беа спасени, смета Бошков.

„Тоа не се доведува во прашање. Мерката беше адекватна. Само што има едно друго прашање. Што понатаму со компаниите и со долговите на компаниите, а тој дел државата не може да го врати. Дел од мерките се настроени кон отпишување на камати кон јавните компании и итн. Наталожени се долгови и обврски. Дел од компаниите ќе мора да ја враќаат помошта за плати. Дел од компаниите не. Меѓутоа мора да знаеме што понатаму со одржливоста на компаниите. Се надевам дека не, меѓутоа ќе треба мерки за одржување на компаниите во живот“, додава Бошков.

Бројката на невработени лица пред пандемијата постојано се движела на околу 100 илјади. Додека пак бројката на лица кои бараат работа во изминатите две години се движи од 80 до 90 илјади. Во мај пак работа барале речиси 60 илјади лица.

Во следните пет години државата планира да ја преполови невработеноста и од сегашните околу 16 проценти да ја доведе на 8,6 отсто во 2026. Европскиот просек на невработеност, пак, изнесува околу 6 проценти.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG