Засега нема нови препораки или воведување на нови рестриктивни мерки во земјава. Комисијата за заразни болести утринава одлучи да не побара воведување на нови ограничувања како превенеција на ширењето на т.н. делта-сој на коронавирусот. Нема да се бараат задолжителни тестови на граничните премини при влез во државата.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска во гостување на „Утрински брифинг“ рече дека ситуацијата е многу мирна и нема ниту еден знак дека е можно да има влошување на епидемиолошката слика во земјава.
„Насекаде е мирно во регионот, и во Србија, и во Албанија, ги следиме и овие земји каде што најчесто заминуваат нашите граѓани на летните одмори, има некое лесно зголемување на бројот на позитивни случаи во Грција, но тоа не е алармантно. Сметам дека летото, доколку ситуацијата продолжи да биде ваква, не треба да се воведуваат никакви рестриктивни мерки, тука зборувам и за влез-излез на границите, и за тоа што е препорачано за организација на настани, собири итн., но будно ја следиме ситуацијата“, рече Филипче.
Новиот бран веќе ја зафати Европа
Новиот бран на коронавирус веќе засилено се шири во Европа, а во неколку држави како Русија, Велика Британија, Шпанија, Португалија и Кипар бројот на заболени рапидно се зголемува. Бранот е предизвикан од делта-сојот на вирусот кој се појави во Индија и кој е многу позаразен од претходните варијанти. Светските стручњаци предупредуваат дека делта сојот ќе стане доминантен во светот во август. Светската здравствена организација предупреди дека нов бран инфекции во Европа е неизбежен.
Македонија во моментов е една од земјите во Европа со најповолна епидемиолошка состојба и досега не е регистриран пренос на делта сојот, но само е прашање на време кога ќе се појави во земјава. Стручњаците укажуваат дека најдобрата заштита од коронавирусот е масовна вакцинација на населението. Европската агенција за лекови вчера соопшти дека истражувањата покажале оти вакцините штитат и од делта варијантата на вирусот.
Микробиологот, професор Никола Пановски, вели дека е можно зголемување на бројот на нови случаи од септември, кога децата ќе се вратат на училиште. Лекот е во масовна вакцинација на возрасното население, вели Пановски, но тој инсистира дека децата не треба да се вакцинираат.
„Не е правилно во некои земји што ги вакцинираат децата над 12 години со цел да ги заштитат постарите, зашто постарите нејќеле да се вакцинираат, мислам тоа е... Затоа тие возрасните што филозофираат и не се вакцинирале нека му ја мислат, значи тие ќе бидат загрозени“, вели Пановски.
Тој посочува дека во земјите во коишто има голем процент на вакцинирани, и покрај големиот број заболени од делта-сојот, многу мал број луѓе завршуваат во болница или умираат.
Многу земји кои ги релаксираа мерките по завршување на пролетниот бран, сега повторно воведуваат ограничувања во обид да го ограничат ширењето на вирусот. Во угостителските објекти во Русија ќе може да одат само вакцинираните, се бара невакцинираните да не одат на работа, а се размислува и за воведување задолжителна вакцинација во одредени сектори. Кипар ќе им дава бонус за годишен одмор на тие што ќе се вакцинираат.
Македонија е една од земјите во Европа во кои најдоцна почна процесот на имунизација и има една од најниските стапки на вакцинација на населението. До денеска се вакцинирани околу 360 илјади граѓани, а на сајтот за вакцинација на Министерството за здравство досега се пријавени помалку од половина милион луѓе. Со оглед на тоа што пристигнаа 500 илјади нови вакцини на Синовак, како и вакцини од други производители, се очекува за неколку дена да се вакцинираат сите пријавени. Сепак, прашање е колку тоа ќе може да спречи нов бран, со оглед на тоа дека опфатот на вакцинирање ќе биде околу една четвртина од населението. Во некои земји веќе се вакцинирани две третини од населението.