Достапни линкови

Нов модел на субвенции во земјоделството за поголемо производство на храна


Земјоделци во Македонија.
Земјоделци во Македонија.

Над милијарда евра Македонија потроши во изминатата деценија за субвенционирање на земјоделието. Истовремено, државата го намали производството на храна, а го зголемува увозот. Владата најави нов модел на субвенционирање, кој според земјоделците, може да реши некои од актуелните проблеми.     

Земјоделството како стратешки сектор во Македонија со години добива најголем дел од државните субвенции. Земјоделците добиваат пари во зависност од тоа колкава површина обработиле, а не врз основа на произведената количина.

Дека во досегашното субвенционирање на земјоделието постојат проблеми, се согласуваат од Асоцијацијата на земјоделци. Претседателот на оваа организација Петар Стојковски вели дека во земјава секогаш е така кога станува збор за субвенции и за пари, но според него, позитивно е тоа што тие проблеми е можно да се решат.

„Имаме соработка со Министерството за земјоделство и ги решаваме тие недоречености“, вели Стојковски.

Со субвенции во земјоделството, кои од 2010 година наваму се движат од 100 до 130 милиони евра годишно, Македонија го намалува производството на храна, а сè повеќе троши пари за увоз.

Само од јануари до јули годинава увозот изнесувал 497 милиони евра, додека истовремено биле извезени „храна и живи животни“ од 251 милиони евра, според податоците на Државниот завод за статистика.

Во 2021 година, извозот на храна и животни бил 389 милиони евра, а увозот 745 милиони евра. Тоа значи дека негативната разлика е 356 милиони евра само за увоз на храна.

Ситуацијата сега дополнително е комплицирана со руската агресија врз Украина која има големо влијание врз пазарите за храна, добиточна храна, ѓубрива и енергија.

Според анализите на невладината организација „Фајнанс Тинк“ Македонија и натаму има проблеми со храната, особено се загрозени културите пченка, пченица, сончогледот и месото, додека субвенциите и понатаму се даваат.

Владата неодамна најави нов модел за субвенционирање на земјоделците

Според владата, моделот во моментов се анализира заедно со земјоделските здруженија и се очекува да биде утврден до крајот на годината.

Стојковски за РСЕ вели дека земјоделците очекуваат новиот модел на субвенционирање да биде подобар од досегашниот, иако засега тој не е докрај прецизиран.

„Значајно е тоа што, на пример, дел од субвенциите ќе доаѓаат пред да започне целосната исплата, односно ќе имаме авансна исплата и тоа е многу важна работа за нас земјоделците“, вели Стојковски.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, останува истиот буџет кој и досега го добиваат земјоделците, но најави дека ќе се менува досегашниот систем на субвенционирање кој значи добивање средства според обработена површина.

Според новиот систем, вели тој, фармерите ќе ја добиваат поддршката како основна субвенција за тоа што ја обработуваат земјата, а другиот дел ќе биде поврзан со производството.

„Односно земјоделците да докажат дека имаат производство кое е дадено или предадено на регистрирани преработувачки капацитети, трговци или купувачи и притоа да остварат приход“, вели Николовски.

Парите кои се даваат за субвенции за земјоделието се голем дел даноците кои државата ги собира од сите граѓани.

Против сивата економија со помали даноци и со поефикасни инспектори
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:10 0:00

Благица Петрески од „Фајнанс Тинк“ вели дека овие прибрани средства треба да завршат за економскиот развој на земјата, вклучително и за земјоделието.

Но, таа објаснува дека во моментов се субвенционира хектар посеана површина, а не принос од единица посеана површина, односно инпут, а не аутпут.

„На пример, имате субвенции за компаниите коишто се за инвестирање, меѓутоа ги добиваат после направената инвестиција и викате ние имаме резултати затоа што се добиени субвенции. Не, вие имате резултати затоа што инвестициите веќе биле направени“, вели Петрески.

Таа додава дека овој пристап да биде променет, бидејќи според неа трошењето на средствата од даноците на ваков начин, генерира незадоволство и недоверба во системот дека парите земените пари ќе бидат наменети за развојни цели и за цели кои земјата ќе ја доведат до едно повисоко ниво на развој.

Премиерот Димитар Ковачевски на дебата на „Фајненс Тинк“ пред неколку месеци рече дека државата во изминатите 15 години без стратешки пристап во однос на тоа што сака да произведува.

„Второ, не сме го намалиле увозот на храна со сите овие субвенции коишто сме ги дале“, изјави Ковачевски.

Тој рече дека оваа година ќе бидат воведени неколку новини, како авансна исплата на субвенции во овоштарството која ќе значи исплата на 30 проценти од субвенциите пред да започне сезоната, а потоа останатите 70 проценти според планот за исплата на субвенции.

Исто така, вели Ковачевски, ќе бидат зголемени сумите за засадување на пченица, пченка и сончоглед и дека за секое зголемено производство за хектар на пченка и на пченица ќе следува зголемено ниво на субвенција.

Ќе бидат зголемени и субвенциите во сточарството, рече тој, како и за одгледувањето на свињи и во живинарството за да се зголеми производството на храна во државата.

Но, дека досегашните резултати од земјоделските субвенции од изминатите 15 години се недоволни, од „Фајнанс Тинк“ велат дека потврдува и моменталната неповолна ситуација во која се наоѓа државата, со зголемен ризик од недостатоци од храна во претстојната зима.

Претходно така беше во ситуацијата со огромните осцилации на пазарот на масло за јадење, велат од невладината организација.

„Тоа се случи поради тоа што ние во земјава главно рафинираме масло кое во нерафинирана форма го увезуваме, а во услови кога поднебјето овозможува одгледување сончоглед“.

Значи, со субвенционирањето површини наместо принос, и тоа на сè и сешто без стратешко приоритизирање, сега сме во ваква неповолна позиција, велат од „Фајнанс Тинк“.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG