Кревкиот економски систем ќе биде дополнително оптоварен со планот од околу 300 милиони евра кои ќе бидат потребни оваа зима за земјава да се справи со енергетската криза. Но пари мора да се најдат бидејќи друг излез нема, децидни се економистите. Енергетската, заедно со кризата за храна се случува веднаш по ковид кризата која дополнително го исцеди буџетот, а јавниот долг во еден момент го проби и прагот од 60% од бруто домашниот производ.
Но она што загрижува, според економистот и академик Абдулменаф Беџети, е дека пакетот може да биде многу потежок, со оглед на тоа што е проектиран да ги задоволи потребите за следните шест месеци, во време кога цените драстично варираат на дневно ниво.
„Како и да е, и 300 милиони евра дополнително, се работи само за делот на субвенционирање на домаќинствата. Што ќе се случи за малите и средните компании и тие кои веќе се подготвуваат да ги затворат капацитетите“, прашува Беџети.
Некој ќе банкротира, друг ќе профитира
Со владиниот план за кризата се предвидува раст на домашното производство на струјата за една четвртина, со што ќе се задоволат потребите на домаќинствата и малите бизниси. Но останува проблемот на најголем дел од стопанството кое струја купува на отворениот пазар. За да биде проблемот уште поголем, забележува Беџети, истовремено имаме компании кои создаваат екстра профит од домашната струја во време на криза.
Или поедноставено, државата ја субвенционира цената на струјата и до 80% за домаќинствата и малите потрошувачи, но при што ја продава по повластени цени на енергетските компаниите, како ЕВН на пример. Потоа овие компании домашната струја му ја продаваат на бизнисот по свои цени. И така, вели Беџети, „во кризни периоди некој остварува многу големи, незаслужени и профити, а некој треба да плати со банкротирање или затворање“.
Дел од компаниите веќе најавуваат затворање и селење надвор. Македонија е меѓу земјите од регионот каде големите компаниите плаќаат најскапа струја бидејќи ја снабдуваат по берзански цени на отворениот пазар кои надминаа и 700 евра за мегавати, што е десеткратно повеќе од претходните години.
А ако се затворат бизнисите, тогаш тешко ќе се полни буџетот, што значи дека ќе нема пари ниту за остварување на енергетскиот план, па со тоа и струја за граѓаните. Затоа Беџети вели дека задолжувањата кои ќе следат за остварување на планот за енергетската криза се неопходни, но мора да бидат добро димензионирани.
„Ние одамна сме го пробиле фискалниот капацитет. Меѓутоа нема алтернатива. Нормално дека сето тоа ќе го зголеми јавниот долг, но кога се зголемуваше јавниот долг за 15-16% за Скопје 2014, за оваа криза тоа не станува дилема“, вели Беџети.
Околу 2 милијарди евра кредити и уште половина милијарда евра камати ќе мора да се вратат оваа и наредните две години. За тоа државата ќе мора повторно да се задолжи, но сега каматите во целиот свет се повисоки, па и задолжувањата ќе бидат поскапи.
Според податоците од Стратегијата за управување со јавен долг 2023 – 2025, оваа година треба да се вратат 317 милиони евра, следната доспеваат 958 милиони евра, а во 2024 година уште 644 милиони евра, односно вкупно 1 милијарда и 919 милиони евра. Само за камати оваа година од буџетот треба да се исплатат над 160 милиони евра.
Интервентни мерки за да се преживее зимава
Според Алаудин Зекири, професор на Тетовскиот универзитет, планот за енергетската криза се состои од интервентни мерки кои мора да се преземат за да се преживее зимата. Вели дека за ова мора да се најдат пари, а според него, планот треба да ги задоволи главните потреби за зимава.
Дел од парите се обезбедени откако ЕБОР одобри кредит од 100 милиони евра за ЕСМ за набавка на електрична енергија. Но Законот за гаранција е во Собранието кое со месеци е блокирано од опозицијата која бара предвремени избори.
Зекири сега се надева дека на почетокот на следниот квартал ќе се воспостави рамнотежа и ќе се стабилизираат пазарите на енергија.
„Се надевам дека тие 300 милиони евра, од кои 100 за ЕСМ ќе бидат доволни за при едно ефикасно менаџирање да се снабдува со јаглен како основен ресурс за струја и со природен гас односно мазут за топлинската енергија. Треба да се има навика, да се има храброст да се штеди како по однос на финансиски средства така и по однос на електрична енергија“, вели Зекири.
Планот за справување со енергетската кризабеше презентиран вчера, на седница на Советот за безбедност. Како што изјави премиерот Димитар Ковачевски целта е сите домаќинства да имаат достапна и одржлива струја, парно и снабдување со храна, додека сите македонски компании да имаат струја електрична и топлинска енергија, по цени пониски цена од берзанската.
Досега земјава третина од своите потреби мораше да ги задоволува со увоз на струја, па годинава владини претставници се растрчаа во земјите од регионот.
Пред неколку дена, беше остварена средба со бугарските власти и енергетски компании каде било разговарано Бугарија да ни испорачува до 5 гигавати струја дневно во текот на зимата, ама цените и условите дополнително ќе се утврдуваат низ работни групи во следниве две недели.
Пред неколку дена пак на Самитот на Отворен Балкан во Белград, лидерите договорија да се формираат кризни групи за енергетика и храна, кои ќе им помогнат на земјите полесно да ја минат зимата. Во тоа ќе побараат помош и од ЕУ, за да им даде поддршка за набавка на енергенси. Инаку дел од оваа иницијатива се Македонија, Србија и Албанија.
Цените на струјата на берзите пораснаа поради намалениот хидропотенцијал предизвикан од сушата и климатските промени, како и големата неизвесноста во снабдувањето со гас поради руската воена инвазија во Украина.