Од први септември во сила стапуваат две владини одлуки, а тоа се кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија во Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Република Северна Македонија. Кризната состојба на ниво на град Скопје е прогласена поради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија. Додека втората одлука која се однесува на целата територија е донесена поради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, се вели во владиното соопштение.
Овие одлуки доаѓаат во време кога цените на енергенсите на светските берзи уриваат рекорди. Цел на оваа кризна состојба е да и се овозможи на Владата од државниот буџет да префрли пари за државниот производител на струја ЕСМ со кои ќе се купува јаглен и мазут.
Од први септември кога кризната состојба ќе стапи во сила, треба да почнат важат и последните донесени владини мерки за штедење струја. За јавните институции тие ќе бидат задолжителни, а за домаќинствата и за приватните компании, се во вид на препораки. Во меѓувреме институциите и натаму се силно осветлени во ноќните часови.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска им порача на граѓаните дека не треба да се грижат, зашто електрична и топлинска енергија ќе има доволно. Тој информира и дека планот за производство на ЕСМ годинава е зголемен за 25 проценти.
Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски вечерва изјави дека наредното поскапувањето на струјата се надева дека ќе биде „благо“.
„Кризната состојба се носи за полесно да се надминат предизвиците. Сега е потребна, да се подготвивме, за да можеме да ги примиме сите удари. Успешно како и минатата година. Уште од сега се знае дека ќе има поскапување од јануари. И не само кај нас. Јас сакам поскапувањето за граѓаните да биде најниско што е можно. Не можам да шпекулирам со бројки. Блок тарифите ја завршуваат работите,“ изјави Ковачевски.
Министерот за економија Крешник Бектеши на последната прес-конференција го најави прогласувањето на енергетска криза.
„Пред нас е една од најтешките зими на енергетски план, не само за нас, туку и за сите земји во регионот, како и во Европа. За полесно да се справиме со она што не очекува, за непречено снабдување со електрична енергија, рационално трошење и пониски сметки, подготвивме план и препораки за заштеда на струја“, рече Бектеши.
Стопанската комора побара од Владата да ги реализира своите заклучоци презентирани во јули годинава и нагласува дека е потребно да се зголеми домашното производство на електрична енергија и да се искористат сите можни ресурси. Според стопанската комора, набавката на јаглен и мазут за ТЕЦ Неготино треба да има апсолутен приоритет, ТЕ-ТО да биде во функција цела година, а притоа потсетуваат дека 40 до 45 мегавати фотоволтаици сѐ уште чекаат на приклучок на мрежа.
Од комората бараат и измени во Законот за градба, со цел легализирање на индустриски капацитети и објекти само со Г намена (за незагадувачка индустрија). Од комората сметаат дека е потребно РКЕ да подготви Правилник за организирање дистрибутивни мрежи“ и порачуваат дека е неопходно да се спречат злоупотребите на стопанските субјекти кои се префрлаат на универзален снабдувач, а при тоа ги исполнуваат условите да бидат на слободен пазар.
„По прогласување на кризна состојба во енергетиката, барањата на Стопанската комора на Македонија детално ќе се разгледаат со цел да се излезе во пресрет на фирмите членки на комората. За тоа какви мерки ќе се преземат да се помогне на стопанството, дополнително ќе се одлучи после прогласување на кризната состојба“, велат за РСЕ од Министерството за економија.
Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија денеска исто така излезе со препораки и мерки и бара од Владата да им помогне на фирмите преку укинување на ДДВ за струја, замрзнување на цената на електричната енергија по примерот на соседните земји, да се забрзаат постапките за инсталација на фотоволтаици и да се пренаменат голем дел ако не целосниот износ на средства од капиталните расходи за да истите се инвестираат во обновливи извори на енергија, се со цел максимално да се искористи целиот државен капацитет за производство на електрична енергија.
Новите мерки за штедење на струјата ќе стартуваат од 1 септември. Државните институции се задолжени да ја намалат потрошувачката на струја за 15 отсто споредбено со претходниот месец. Мерките ќе важат до 31 март следната година. Граѓаните и фирмите пак добија препораки. Од Владата уверуваат и дека нема да има рестрикции на струја во претстојниот зимски период.