По пауза од една година фирмата Компакт МСФ се враќа во играта за тендери, а договор потпишала со нејзиниот добро познат клиент, РЕК Битола. Благодарение на досегашната плодна соработка со рударско енергетскиот комбинат, фирмата инкасирала околу 1 милион и 900 илјади евра, покажуваат пресметките врз основа на потпишаните договори објавени на електронскиот систем за јавни набавки. Последниот договор потпишан на 28 јуни е за набавка на електро осигурувачи и држачи за осигурувачи во вредност од 542.800 денари или околу 8800 евра.
Но она што е најинтересно за нејзиното работење и за што веќе пишуваше РСЕ лани е фактот дека сопственичката на фирмата и нејзиниот сопруг се вработени во РЕК Битола. И покрај евентуалниот конфлик на интереси нивниот бизнис со РЕК Битола не запира.
Која е Компакт МСФ
Фирмата е за производство, трговија на големо и мало и формирана во јуни, 2009 година во Битола. Нејзин сопственик, според податоците на Централниот регистар, е Летка Фидановска, која е вработена во РЕК Битола. Сопруг на Летка Фидановска е Менде Фидановски, кој е претседател на синдикалната организација на РЕК Битола.
Седиштето на фирмата и адресата на Фидановска се на истo место, на улица Цветан Димов бр.181, каде се наоѓа куќа на два ката без никакаква трага од Компакт МСФ. На сите договори со РЕК Битола како директор на фирмата до март 2020 година е потпишана Летка Фидановска. Потоа таа фигурира само како сопственик на фирмата, а директор станува Мартин Фидановски, кој исто така има иста адреса на живеење како Летка Фидановска и како седиштето на фирмата.
РЕК Битола е подружница на АД ЕСМ. Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски вели дека нема прекршување во законските одредби. Според него, ниту можат ниту смеат да ограничуваат кои компании ќе се пријават на тендерите и работат транспарентно и отчетно.
„Така што сметам доколку има било каков пропуст или во работењето на АД ЕСМ или РЕК Битола или пак во работењето на споменатата компанија
еве повикувам сите надлежни институции или истражни органи да проверат дали тие постапки биле спроведени согласно законите и процедурите и дали има било какво прекршување“, вели Ковачевски на прашањето на РСЕ дали има конфликт на интерес во тендерите.
Од ДКСК за РСЕ велат дека надлежната комисија ќе го разгледа прашањето дали постои конфликт на интерес во доделувањето на тендерите на Компакт МСФ.
„Јас ќе бидат првиот кој што ќе преземам санкции и мерки против сите инволвирани ако има било какви недоследности во ваквите јавни набавки“, додава Ковачевски кој претходно беше и директор на РЕК Битола.
Поврзаност со СДСМ
Летка Фидановска во 2020 година, според службениот гласник на општина Битола била именувана за член на избирачкиот одбор за избирачкото место 0028 на предлог на владејачката партија СДСМ.
Една година подоцна нејзиниот сопруг Менде Фидановски исто така бил именуван на истото избирачко место за заменик член по предлог на СДСМ.
Името на Компакт МСФ во првите неколку години од основањето воопшто не е активно во трката за тендери. За прв пат фирмата добива тенедер на РЕК Битола во февруари 2013 година. Од тогаш до денес фирмата добила вкупно 86 тендери, а само еден не е поврзан со РЕК Битола.
Фидановски во 2018 година станува првиот човек во борбата за унапредување на првата на работниците во РЕК Битола додека директор е Васко Ковачевски. Оттогаш е најплодна соработката на рударско енергетскиот комбинат со фирмата на неговата сопруга која добила 43 тендери. Нивната вкупна вредност е околу 1 милион и двеста илјади евра.
За разлика од претходно кога од 37 тендери во рок од пет години Компакт МСФ наплатила пониска сума од околу 650 илјади евра.
Синдикалниот лидер Фидановски за РСЕ лани изјави дека неговата работна позиција во РЕК Битола никогаш немала никакви допирни точки со јавните набавки. Сличен одговор добивме и од рударско енергетскиот комбинат кои соопштија дека брачниот пар Фидановски се на работни позиции кои не се поврзани со јавни набавки.
На последниот тендер за електро осигурувачи освен Компакт МСФ се пријавиле уште две фирми Еуро Визиф и Меган Два Два, кои исто така добиле дел од набавката. Вкупната вредност на тендерот е речиси 48 илјади евра.
Инаку тендерите за РЕК Битола кои се едни од највредните во државата често се предмет на истражувачки стории заради начинот на кои се добиваат. Последната сторија деновиве ја објави Призма на БИРН дека ист сопственик на две фирми увезува јаглен за термоцентралата во вредност од 9,5 милиони евра. Двете фирми, Куантум солушн и Енергија Икс се формирани непосредно околу датумот на објавување на јавниот повик, но не можат да се најдат на адресите кои ги доставиле, ниту пак се работи за луѓе кои се познати во енергетскиот бизнис.