Господине Ковачевски, Државниот завод за ревизија пред неколку дена го објави конечниот извештај за работата на вашата компанија и изрази неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2020 година. Опозицијата дури оцени дека има простор за работа на органите на прогон. Зошто толку лош извештај?
Извештајот на Државниот завод за ревизија за работењето на Акционерското друштво ЕСМ направен во 2021 е всушност прв ваков извештај од 2007 наваму и е сублимат на сите работења на компанијата во изминатите 14 години. Во овој извештај се наведени проекти коишто од правен или од економски аспект не се дозавршени и се однесува на проекти кои се започнати и пред раздвојувањето на тогашното ЕСМ – Електростопанство на Македонија и тие проекти ги обременуваат сите годишни извештаи на Акционерското друштво ЕСМ во овој подолг период. Ние тие проекти ги имаме на увид секоја година и сметаме дека со насоките коишто ги добивме од Државниот завод за ревизија дека треба да ги имплементираме чекорите коишто ќе доведат до завршување на тие проекти, од финансиски и од правен аспект. Ние се подготвуваме, во наредниот период како АД ЕСМ ќе излеземе во јавноста и ќе кажеме кои проекти кога и како започнале, зошто застанале, зошто не се завршени и зошто дел од тие проекти не може да се користат, односно да се имплементираат, така што во наредниот период ќе имаме и за ова извештај и комплетна информација до целокупната јавност.
Ревизорите констатирале дека во изминативе 9 години државните електрани потрошиле над 42 милиони евра за енергетски проекти кои не се завршени и набавка на опрема која не е ставена во употреба. Ќе има ли одговорност од некого?
Да, секако. Дел од овие проекти веќе се во надлежност на институциите, за дел од овие проекти веќе се водат и судски процеси за трошењето на државните пари или парите на компанијата, односно на државата и сметам дека во наредниот период, со дозавршување на овие проекти, односно на финансиската или комплетната документација, ќе се утврди точно одговорноста кај кој од менаџерите од сегашното или од претходното раководење на компанијата има пропусти во одредени проекти. Јас во повеќе наврати, еве сега и во оваа прилика, ги повикувам сите надлежни институции да ги проверат сите тие предмети и, доколку има пропусти во работењето на кој било од менаџерскиот тим, дали од сегашното или од претходните раководства на компанијата АД ЕСМ, да се поведат постапки за одговорност.
Една зграда на ЕСМ е завршена, но не е во функција, а не е ни почната постапката за вадење имотен лист. Другата, оваа во која го снимаме интервјуто, има недовршена фасада, а се потрошени милиони евра. Кој е виновен за тоа?
Овие два проекти коишто ги споменавте се започнати од претходните раководства на АД ЕСМ. Ние како ново раководство веќе имаме доставено документација до надлежните институции и овие два предмети се предмет на обработка, да видиме зошто во текот на градба се направиле пропусти на новата зграда и зошто на актуелната зграда, која беше во заедничка сопственост со ЕВН, имаше заеднички договор за реконструкција во некаков барокен стил, и кога се случи пожарот се прекина тој договор со тогашниот изведувач и по основ на тие договори има претрпено штета и компанијата и државата, така што одговорност секако дека мора да има.
За тендерска измама со постапка за ископ на јаглен во РЕК Битола Сеад Кочан заврши во затвор, но таа пракса ниту почна ниту заврши со него. Сега опозицијата обвинува дека тендерите за ископ ги добиваат фирми блиски до Вице Заев, брат на поранешниот премиер. Како ги коментирате тие обвинувања?
Јас не можам да кажам кои компании се блиски до кој. Истите компании коишто работат наназад 10-15, па и 20 години работат и денес во РЕК Битола. Тие се компании, односно економски оператори коишто склучуваат договор со ЕСМ, претходно поминати преку една јавна набавка, отворена постапка, целосно транспарентна, помината низ сите процедури на компанијата, низ сите институции коишто имаат обврска да ги контролираат, тоа се Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби по јавни набавки и на крајот ги склучуваме договорите. Од моето доаѓање на чело, прво на комбинатот РЕК Битола, а подоцна и на ЕСМ, ние немаме жалби по јавни набавки од економски оператори по коишто ги поништуваме постапките и тие постапки потоа завршуваат во судски процеси. Значи, сите процеси се поминати транспарентно и ние имаме потврда за тие јавни набавки.
Во исто време додека домашното производство на струја се намалува, во енергетскиот бизнис се вклучени Кочо Анѓушев, Христијан Мицкоски, а сега и синот на Зоран Заев, синот на Муса Џафери... Има ли поврзаност меѓу тие две работи?
Во изминатиот период во јавноста излегоа информациите за ова ваше прашање, односно за блиски роднини на функционери коишто се во делот на бизнисот со електрична енергија. Јас можам да кажам она што е за нас важно и одговорно за државните капацитети со кои располага државата, тоа е АД ЕСМ и со законот за либерализација од 2019 година и законот за енергетика, којшто предвидува повеќе инвестиции во обновливите извори на енергија, дава можност и за сите оние што се заинтересирани да инвестираат во енергетиката, затоа што енергијата значи живот и значи иднина. Ние исто така со тој закон сме посветени сериозно да инвестираме во делот на обновливи извори на енергија и токму затоа веќе сме во тек да инвестираме во тие 12 проекти што ги споменав. Така што, сите чинители во државата кои можат да инвестираат во енергијата, вклучително и ние како држава, сме посветени да инвестираме колку е можно повеќе за да ги зајакнеме капацитетите во државата и да бидеме колку е можно помалку зависни од енергија од увоз.
Целото интервју со директорот на ЕСМ Васко Ковачевски може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.