Достапни линкови

Наталитетот е во слободен пад


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Скоро третина од брачните парови во земјава живеат без деца, покажа последниот Попис, што повторно го отвори прашањето за популациската политика во земјава. Трнлив е патот на паровите кои чекаат државата да им помогне да добијат свое дете, додека неплодноста станува се поголем проблем.

Информацијата дека во земјава има вкупно 538 348 семејства, од кои 31 % се брачни парови кои живеат без деца, објавена како дел од четвртиот сет податоци од Пописот во 2021, ја вознемири јавноста во време кога наталитетот во земјава паѓа, а од година во година се раѓаат се помалку бебиња во земјава. Иако од Државниот завод за статистика појаснуваат дека во оваа бројка се и младите парови кои се уште немаат деца, но и повозрасните чии деца веќе се иселиле, остана горчливиот вкус поради отсуството на популациска политка во земјава во ера на белата чума.

Економската нестабилност, сопствениот избор, но и неплодноста се меѓу најчестите причини за тоа зошто нема деца во многу македонски семејствата.

Едно од нив е семејството на Кристина од Скопје. Со нејзиниот сопруг се запознале пред 7 години, стапиле во брак, но никако не успеале да добијат дете. Иако редовно посетувала гинеколог, никој никогаш не и кажал дека има намалена оваријална резерва (нејзиното тело не создава доволно јајце клетки) поради што забременувањето оди тешко.

„Годините си го направиле своето, не дека сум престара 37 години имам, ама биолошкиот часовник ми е таков. Едноставно сум така родена. И тоа е малку тешко да го прифатиш и е фрустирачки што не можеш ништо да направиш за да го промениш. Едноставно секоја жена се раѓа со одреден број јајце клетки и тие се трошат со годините“, раскажува Кристина.

Кристина поминала низ две неуспешни постапки за вонтелесно оплодување познати како „инвитро“. Првиот пат со државен ваучер, вториот приватно што ја чинело неколку илјади евра. За да биде проблемот поголем, по првиот обид за вонтелесно оплодување дознава дека поради нејзината состојба државата најверојатно нема да и даде ваучер за уште два инвитро обиди, иако Фондот за здравствено осигурување треба да покрие до три вакви постапки. Така, сега покрај со емоционалната болка, мора да се бори и со системот иако како што вели, познава многу жени со нејзината состојба кои имале успешна бременост. Нејзиното искуство покажало дека дури и кога државата дава ваучер, многу од анализите е неопходно да се направат на приватно, што чини многу пари. Веќе се имаат задолжено во банка.

„Самата подготовка чини бидејќи треба мнoгу анализи да направиш. Е сега има опција тоа да го направиш државно, ама ќе биде многу развлечено. И вака е процесот долг, неколкупати отидов во Фондот и не знам, тотално се неорганизирани. Целиот процес е долг и ако не си платиш приватно за тие анализи уште толку ќе чекаш, а тајмингот кај мене е многу битен“, вели таа, изреволтирана од тоа што и во земја каде наталитетот паѓа, трнлив е патот кога се чека државата да помогне за добивање свое бебе.

Наталитетот во слободен пад

Во земјава нема статистика за тоа колку од брачните парови имаат проблем со неплодност. Но, затоа има податоци колку бебиња се раѓаат годишно, а податоците стануваат загрижувачки. Лани се родиле најмалку деца во последните две децении, или вкупно 18 790. Во една деценија остареле и мајките, па така во 2021 година просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања стигнал до 29.2 години, односно 27.5 години кај првите раѓања.

Според гинекологот и инвитро специјалист Татјана Гуржанова, возраста на жените е многу битна кога се работи за правење бебе. Границата таа ја става на 32 години, по што вели дека почнува да опаѓа репродуктивниот капацитет.

„Она што ние го гледаме, не само јас, исто алармираат и другите лекари што се бават со репродуктивно здравје е доста зголемен процент на машки инфертилитет во последните 10 години и исто така зголемен процент постари, односно веќе паровите се на постара возраст, некаде над 32 или 33 години кога првпат доаѓаат на преглед за да почнат да се испитуваат“, забележува докторката.

Вели дека ова е светски, не само македонски проблем. Причините вели не се знаат, но врз основа на светските студии, таа смета дека не е проблемот во гените, туку во надворешните фактори, како загадувањето, исхраната, но и пекумерниот стрес.

Затоа вели дека е неопходно државата да се вклучи во решавање на овој проблем, меѓу другото и преку поголема достапност на задолжителни скрининзи, на простата кај мажите и на оваријалната резерва кај жените.

„Има работи кои кај нас не се прават ама треба да се направат. И во смисла на репродуктивно здравје и во смисла на превенција и од други потешки болести врзани околу репродуктивните органи“, децидна е Гуржанова.

Кристина вели дека ако во нејзините дваесетти години гинеколозите забележале дека има проблем, таа уште тогаш ќе замрзнела јајце клетки. Така, вели, шансите да добие свое дете ќе биле многу пати поголеми од сега.

Ако нема луѓе - нема држава

И социологот Ѓорѓи Тоневски вели дека државата мора да поведе сметка за популациската политика во време кога цели региони остануваат без луѓе. Податоците од публикацијата на ДЗС за Природно движење на населението во 2019 година, покажаа дека во 2019 година се родило 601 лице помалку отколку што умреле со што за прв пат по 25 години, државата влегла во негативен природен прираст. Меѓу причините за намалувањето на стапката на наталитет, според податоците на ДЗС, се наведени одложувањето на раѓањата и склучувањето брак на повозрасни години.

„Овој проблем е од поодамна и државата преземала вакви или онакви мерки, меѓу кои и познатата акција за трето дете, меѓутоа тие мерки не само што не се покажале како којзнае колку делотворни, можеме да кажеме дека дури и самата држава понекогаш ги заборава“, укажува Тоневски.

За него е несфатливо зошто демографската политика не е приоритет на власта.

„Ние немаме чуено дека некоја институција посебно го поставува тоа прашање и го прогласува дури и за стратешко, едно од најзначајните стратешки прашања во таа политика. Мислам дека тоа е најстратешко прашање бидејќи ако нема луѓе нема држава. Ако има малку народ којшто еве дури почнува и да се топи во бројката, тогаш (се) е залудно“, заклучува социологот.

Четвртиот сет податоци од ДЗС покажа и дека 43 проценти од семејствата се брачни парови со најмалку едно дете под 25 години . Над 26 илјади семејства или околу 5% од семејствата се сама мајка со најмалку едно дете, а над девет илјади семејства или 1,7 проценти се сам татко со најмалку едно дете до 25 години.

Над десет проценти или околу 58 илјади семејства се брачни парови кои живеат заедно со децата постари од 25 години.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG