Достапни линкови

Повеќе наставници, а помалку ученици


За десет години имаме за 30 илјади основци помалку, 22 илјади помалку средношколци и речиси 10 илјади помалку студенти. Но, има повеќе наставници и професори. Помалиот број на ученици се должи на помал наталитет и иселување. Зголемувањето на бројот на учители се должи на реформи во образованието.

За десет години бројот на ученици се намалил и тоа во сите степени на образование - основно, средно, високо, но во меѓувреме бројот на наставници и професори расте, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика објавени во публикација „С. Македонија во бројки“. За десет години имаме за 30 илјади основци помалку, 22 илјади помалку средношколци и речиси 10 илјади помалку студенти. Во основните училишта има за 2331 наставник повеќе, 877 наставници повеќе во средните школи и 919 професори повеќе на факултетите.

Статистички податоци за основно образование - Извор: Државен завод за статистика
Статистички податоци за основно образование - Извор: Државен завод за статистика

За десет годни бројот на основци се намалил за 30 илјади. Ако во учебната 2008/2009 имало 217.685 во 2018/2019 имало 189.236 ученици. Во истиот период бројот на училишта се намалил за 10, а бројот на наставници се зголемил за 2331 наставник. Во учебната 2008/2009 имало 15.246, а десет години подоцна има 18.580 наставници.

Статистички податоци за средно образование
Статистички податоци за средно образование

И во средното образование бројот на ученици е многу намален. Од 94.387 во учебната 2008/2009, до 72.123 по 10 години. И бројот на средни училишта се намалил за 24, но и тука за 10 години се бележи пораст на број на професори од 6720 на 7597.

Бројот на студенти за десет години се намалил за речиси 10000 (од 63.437 во 2008/2009 на 53.677 по 10 години). За тие десет години има 919 професори повеќе.

Статистички податоци за високо образование
Статистички податоци за високо образование

Помал наталитет и иселување еднакво на помалку ученици

Годишно бројот на ученици во основните училишта се намалува од 3 до 5 илјади, од една до друга учебна година, вели за РСЕ, Дончо Герасимовски, поранешен директор на Заводот за статистика. На намалувањето на бројот на ученици влијаат два фактори, вели тој.

„Едниот основ е секако поради намалување на наталитетот. Второто е од живородени деца од тој наталитет пред шест години за упис во основно образование најверојатно поради иселување надвор од земјата се запишуваат помал број на ученици“, вели тој.

Бројот на ученици се осипува и на крајот на годината, односно не сите што се запишале ја завршуваат година, дел повторуваат, дел се испишуваат или пак се иселуваат, вели Герасимовски.

Тој вели дека во 2019 надвор од Македонија се родиле околу 5200 деца на македонски државјани кои не влегуваат во статистиката на земјата и нема да одат во земјава во училиште.

МОН - Реформите бараат поголем број на наставници

Од Министерството за образование (МОН) посочуваат дека зголемувањето на бројот на наставници и на друг персонал ангажиран во училиштата се должи на реформите и промените во образованието.

„На пример, поради нови отворени централни и подрачни основни и средни училишта со цел поголема и поедноставна достапност на образованието, воведени нови предмети, или пак, нов начин на реализација на наставата по одредени предмети. Имено, само во минатата учебна година беа воведени низа новини, на пример беше воведен концептот тандем наставници согласно кој стручни професори по физичко образование го предаваат предметот на учениците од прво до петто одделение, наместо да предаваат одделенските наставници“, ни одговорија од МОН на прашањата на РСЕ.

Од таму велат дека бројот на дополнителен кадар се должи и на тоа што земјата се залага за целосна инклузија на учениците со попреченост во редовните училишта, па затоа е потребно ангажирање стручни служби, педагози, психолози и лични и образовни асистенти во самите училишта.

Од МОН одговорија дека во моментов имаме околу 19.500 наставници и стручни соработници во основните училишта и 8200 во средните училишта. А ученици околу 190.000 во основни и 70.000 во средни училишта.

„Можеби бројката на наставници би требало во иднина и дополнително да се зголеми, затоа што со новите законски решенија предвидено е намалување на бројот на ученици по паралелка, а тоа иницира потреба од повеќе кадар“, велат од МОН.

Герасимовски вели дека бројот на паралелки е зголемен, што е согласно програмите за работа и законските измени.

„Вие имате паралелка со 35 ученици, тоа е невозможно да се работи, а сега во пандемија, бројката треба и да се намали и до 10-15 ученици во една паралелка“, вели тој.

Образованието да се департизира

Поголемиот број на настаниви на помал број на ученици би требало да допринесе до повисок квалитет на образованието, но и покрај реформите, македонските ученици со години бележат лоши резултати на меѓународните тестирања.

Поранешниот министер за образование Сулејман Рушити вели дека состојбите во образованието не можат да се набљудуваат независно од состојбите во другите институции во државата. Какво општество - такво образование, вели тој.

„На квалитетот на институциите влијае партизацијата. Департизацијата на образованието треба да се направи во процесот на селектирање при вработување на кадарот, но понатаму и во намалување на влијанието на партиите во самиот процес. Тоа е едната точка, втората е дека државата треба да се грижи за процесот на надградување на самите наставници и професори. Тој процес да биде динамичен, да не застане со самото дипломирање на наставниот кадар. И трето – да се подобрува имиџот на самите учители“, вели Рушити.

На последното ПИСА тестирање (Меѓународна студија која ги мери способностите и знаењата на учениците) од декември минатата година, македонските ученици се меѓу најслабите, односно се меѓу последните 15 од 77 земји во читање, математика и наука. Резултатите што ги објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) покажуваат дека македонските средношколци се оценети со 393 бодови за читање, што е под просекот од 487. Потоа, 394 за математика и 413 за природни науки, а во двете категории просекот е 489.

Меѓународната програма за тестирање на знаење и вештини на ученици е почната во 2000 година со цел да ги процени знаењата на учениците за наука, математика и писменост. Македонските средношколци ПИСА тест полагаа во 2000 и во 2015 година кога се добиени резултати под меѓународниот просек. На тестот во 2015 Македонија беше рангирана на дното на листата од 72 земји во светот, заедно со Тунис, Косово, Алжир и Доминиканска Република.

И истражувањата за учениците во основните школи покажуваат дека тие на ниту еден наставен јазик не го постигнуваат меѓународниот стандард. На пример истражувањето на УСАИД и Здружението „Чекор по чекор“ од 2017 покажало дека основците не можат да го постигнат меѓународниот стандард да одговорат на 80 проценти од поставените прашања. Тие одговориле на 40 проценти од поставените прашања, а покажале лоши резултати и по математика. Македонските факултети пак ги нема во првите 1000 на академското рангирање на светските универзитети, познато како Шангајска листа. Најдобриот македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“, на светската ранг листа е 1.568-ти.

Поради пандемијата со ковид-19, од почетокот на март, училиштата и факултетите беа затворени, а настава се одвиваше онлајн. Сега здравствените власти и Министерството за образование ги прават финалните подготовки за тоа како ќе се одвива наставата од септември. Насоките треба да ги кажат за една недела.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG