Достапни линкови

На учениците им се бараат пари за свидетелства кои се бесплатни


Свидетелство
Свидетелство

Училиштата самоиницијативно бараат пари за издавање свидетелства, иако Бирото за развој на образование им ги испраќа свидетелствата на училиштата без барање за надомест.

Училишта низ Северна Македонија бараат од учениците од 50 денари и повеќе за издавање на свидетелства. Но, ученици да плаќаат за свидетелство не е предвидено со закон. Според утврдените правила, Бирото за развој на образованието подготвува свидетелства, односно прави набавка на свидетелства. Бројот на потребни свидетелства го пријавува секое училиште до Бирото.

На оваа нерегуларност реагираше Сојузот на средношколци, кои информираа дека добиваат поплаки од средношколци од повеќе градови.

„Имено, Сојузот на своите страници на социјалните медиуми добива информации од средношколци, кои го информираат Сојузот за ваквата пракса, но и се жалат на фактот дека треба да плаќаат такси на училиштето за нешта за кои не се изборни, односно свидетелствата.

Тетовските гимназии „7 Март“ и „Кирил Пејчиновиќ“, економското средно училиште „8 Септември“, како и средните стручни училишта „Моша Пијаде“ и „Гоце Стојчевски“ наплаќаат 50 денари од своите ученици за издавање на свидетелства. Овој износ учениците мораат да го платат во текот на јуни. Средното медицинско училиште во Тетовo наплаќа дури 100 денари за издавање на свидетелство.

Покрај тетовските средни училишта, Сојузот доби слични информации за средни училишта во Скопје и Куманово. Училиштето „Зеф Љуш Марку“ исто така бара 50-100 денари од своите ученици, додека кумановската гимназија „Гоце Делчев“ има долго воспоставена пракса. Секоја учебна година од учениците биле барани 50 денари такса за свидетелство. Класните раководители воделе евиденција за тоа кој платил, а кој не. Доколку ученикот не ја платил таксата во јуни, тој не добивал свидетелство. Ако сакал воопшто да добие, требал во септември да плати и свиделството веднаш го добивал“, стои во реакцијата на Сојузот, дополнувајќи дека оваа пракса го загрозува јавниот карактер на образование.

Потсетуваат дека овие такси не се споменуваат во Законот за средно образование, а свидетелствата се задолжителни како доказ за завршена учебна година.

„Иако износите од 50 или 100 денари некому му делуваат незначително или смешно, не смее да се заборави дека во државното образование учествуваат ученици со различни финансиски состојби. За некој, 50 денари навистина не се малку. А кога ќе се земе предвид дека се наоѓаме во тешка економска, но и општа криза, срамно е учениците да бидат приморани да плаќаат за да добијат свидетелства“, додаваат од Сојузот.

Државниот инспекторат ги повикува учениците да се жалат

Од Државниот инспекторат за образование велат дека секој ученик треба прво да реагира во училиштето, а потоа до инспекторатот.​

„Секој ученик или група ученици кои даваат наводи дека од нив е побарана такса за сведителства, најпрво ги упатуваме писмено да се обратат до органите на училиштата од кои ќе побараат писмено образложение за што точно им е побарана такса. Доколку се незадоволни од одговорот, ги упатуваме да се обратат до нас со сите релевантни информации и ние како надлежна институција, за секој случај поединечно ќе извршиме инспекциски надзор“, велат од инспекторатот.

Праксата е „традиционална“

Ова барање постои со години наназад, но сега средношколците се подготвени да реагираат организирано за да ја посочат незаконитоста.

Бленди Ходаи, претседател на Сојуз на средношколци
Бленди Ходаи, претседател на Сојуз на средношколци

„Како Сојуз на средношколци на РСМ знаевме дека овие појави се случуваат поради нашите лични искуства, но, за жал, Сојузот функционираше само во два-три града и не можевме да контактираме со останатите средношколци. Така што конкретниве поплаки ги добиваме сега, односно од почетокот на јуни. Бидејќи оперираме во 14 градови, лесно можевме да согледаме дали истово се случува низ земјата. Средношколците почнаа да не` информираат во почетокот на јуни, но преку поплаките ни кажуваат дека пари им биле барани и во претходните учебни години“, изјави Бленди Ходаи, претседател на Сојузот.

Средношколците бараат од надлежните институции да излезат со јасен став и зошто било дозволено ова со години наназад.

Од Сојузот информираа дека денеска ги испратиле податоците што тие ги имаат до Државниот просветен инспекторат преку електронска пошта. Од Министерството за образование и наука пак, истакнуваат дека оваа нерегуларност не е во нивна надлежност.

„Државниот просветен инспекторат е надлежна институција за контрола над работата на училиштата, менаџментите и вработените во истите, како и за надзори над остварување на правата во областа на образованието. До МОН не е доставена информација дека на некои ученици им се наплатува за подигнување на свидетелство“, велат од МОН и ги упатуваат учениците да реагираат до инспекторатот.

XS
SM
MD
LG