Напуштените индустриски објекти се опасност за децата, за здравјето, ја уништуваат естетиката на градот, во нивните дворови се создаваат мини депонии... Овие причини ги поттикнаа млади архитекти да се активираат за редефинирање на напуштените индустриски објекти.
Здружени во невладината организација „Културно Ехо“, тие ја започнаа оваа иницијатива која вклучува и запознавање со концептот за индустриско наследство. „Културно Ехо“ го сочинуваат група млади ентузијасти, дел се архитекти, дел актери, дел програмери, правници, дел филмаџии.
„Сакаме да најдеме начин како правилно да се искористи просторниот капацитет што го нудат овие напуштени објекти. Тие имаат потенцијал за нивна ревитализација и реадаптација со што во нивниот просторен капацитет би се вметнала некоја соодветна програма која би овозможила функционалност и градежно-економска самоодржливост на објектот, изјави Симона Димковска, претседателка на организацијата „Културно Ехо“, додавајќи:
„Бидејќи најголем дел од објектите се фабрики односно индустриски капацитети кои се во државна сопственост, самите по себе поседуваат културно историски идентитет, на тој начин со овој проект би сакале да го поттикнеме воведувањето на индустриското наследство како гранка на културното наследство во државата , кое сеуште не е воведено како дисциплина кај нас ,а веќе е докажана европска пракса“.
Проектот го започнаа со истражување за фабриката „Купром“ во скопската населба Хром за која сакаа преку културен настан да го информираат локалното население за состојбата. Инаку, според нивното истражување, земјиштето на објектот е државно, додека неколку објекти се приватно сопствеништво. Димковска додаде дека имаат доставено граѓанска иницијатива до Советот на Град Скопје за поддршка на проектот, кој се уште им нема одговорено. Единствено, оттаму велат дека добиле поддршка од пратеничката Ивана Туфегџиќ, која им ветила законски измени.
„Град Скопје ја поддржува секоја иницијатива што претставува формирање на нови културни простори. И се стреми кон создавањето на нови простори за културата, меѓутоа, за жал, колку што ми е познато повеќето од објектите на „Купром“ се во приватна сопственост, па оттаму Град Скопје не може да интервенира“, изјави Ваљон Салихиу, портпарол на Град Скопје.
Идејата на активистите е да не се уриваат овие објекти, туку да се искористи просторноста во полза на граѓаните.
„Просторот дозволува, без да се направи некоја посебна надворешна промена на објектот од архитектонска гледна точка, без да се наруши екстериерот на објектот, внатре да се вметнат нови функционални единици, како посебни кубуси кои што се монтажни и каде може да се случат повеќе функции. На пример, ако било фабрика за производство на чевли, може да стане еден дел од фабриката галерија, друг дел може да стане производство на платна, трет дел може да стане работилници. Тие индустриски објекти доста често се пренаменуваат во мултифункционални сали и стануваат културни објекти, тоа е нешто кое нас во државава ни недостига, во секој град нема културен центар кој функционира и кој ги задоволува потребите на целото локално население на ниво на еден град, така што овие објекти поради нивната големина, просторност и висина можат многу ефикасно, многу лесно да примат една ваква функција која еве едноставно недостига по градовите а и во главниот град, се разбира“, вели Димковска.
Покрај ова, она што загрижува е и штетата врз животната средина со секое рушење и одново градење. Тогаш градежната прашина се додава на аерозагадувањето, а со шутот неодговорно се однесуваат.
„Праксата треба да биде друга, односно треба да се размислува тоа веќе што постои како да се искористи. Еве конкретно површината на фабриката е 22 илјади квадратни метри, тоа е 2,2 хектара, тоа е огромна површина која ќе стане градежно земјиште, што ќе се случи со тој градежен контаминиран шут? Никој не ги поставува тие прашања, сите одат кон тоа да се сруши тоа што не е корисно, не е употребливо и да се направи нешто ново, а реалноста е дека може да биде корисно, корист може да видат граѓаните, а доколку се бутнат и се направат згради корист можат да видат само поединците односно инвеститорите кои би го граделе тој објект, така што тоа е доста селективно“, додаде Димковска.