Достапни линкови

Мисијата на двајца „Успешни млади“


Добитниците на признанието „Успешни млади“ со Претседателот Стево Пендаровски, на настанот за доделување на признанијата
Добитниците на признанието „Успешни млади“ со Претседателот Стево Пендаровски, на настанот за доделување на признанијата

За Марија Савеска, која е добитничката на признанието „Успешни млади“ за афирмација на инклузијата на млади, ова е потврда и мотив да продолжи со мисијата. Средношколецот Матеј Милосиевски кој е прогласен за „Млад талент“ се надева дека е инспирација, барем за некои луѓе.

Младата Марија Савеска која е борец со церебрална парализа, доби потврда за видливоста на нејзината мисија, со признанието „Успешни млади“ кое го доделува Претседателот Стево Пендаровски. Таа е добитничка на признание за афирмација на инклузијата на млади со попреченост.

„Сметам дека го заслужив со сето она што го имам направено во областа на инклузијата. Чест ми е што го препознале мојот труд, моето залагање и ова признание како што веќе кажав јавно, го прифаќам како потврда и како мотив да си продолжам по оној пат којшто го имам замислено“, изјави Савеска за РСЕ.

Марија оди на часови по танцување и по пеење и добива главни улоги во инклузивни претстави. Активно се посветува на своите пасии, но и на целта - нејзината порака да биде вистински слушната и добро разбрана.

„Кога некој ќе ми каже - браво, те знаеме од „Пепелашка“ или од „Ѕвонарот“ или од некое мое појавување во медиумите, сфаќам дека јас едноставно сум навикната да творам, а не сум свесна дека всушност сум успеала во тоа што го правам и кога некој ќе ми каже дека ме слушнал и дека сфатил всушност што ми е мислата и пораката, си велам: „Toa e тоа!“ И навистина ми е многу драго што е тоа така“ додава 19-годишната Марија.

Борбената Пепелашка во количка
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:47 0:00

Освен неа, признанието за афирмација на инклузијата на млади со попреченост, го доби и Андон Дамовски.

Средношколецот Матеј Милосиевски, пак, е добитник на признанието „Млад талент“ кое се доделува на ученици и ученички од средните училишта. Го интересира астронаутика, а откако станал волонтер во УНИЦЕФ, негово хоби е графичкиот дизајн, којшто како што вели, му е начин да се ослободи од стресот што го носи секојдневнието. Има седумнаесет години и полна биографија со награди и учества на државни и меѓународни натпревари по математика, физика и астрономија, како и проектни олимпијади.

„Имав голема чест минатата година да бидам еден од добитниците на наградата „13-ти Ноември“, што претставуваше особено задоволство за мене. Еден натппревар којшто би сакал да го издвојам како едно од моите најубави искуства е „Nasa Space App Challenge“. Тоа е хакатон на којшто тиммови од целиот свет аплицираат со своите идеи за подобрување на светот на астронаутиката“, вели Милосиевски за РСЕ.

Целта на средношколецот е да стигне до некој од најдобрите светски универзитети.

„Се обидувам да изградам една биографија со којашто би можел да аплицирам на еден од врвните факултети во светот, но општо и за вакви прилики. Јас себеси не би се издвоил како талентиран, едноставно би сакал да кажам дека посветувам навистина многу време и труд во она што го правам и мислам дека тоа беше одлучувачката разлика и фактот поради којшто го добив ова значително признание“, вели добитникот на признанието.

Матеј Милосиевски, добитник на признанието „Млад талент“, со Претседателот Стево Пендаровски
Матеј Милосиевски, добитник на признанието „Млад талент“, со Претседателот Стево Пендаровски

Милосиевски цврсто верува дека токму младите се оние кои можат да направат разлика и да си бидат мотивирачки пример едни на други.

„Искрено се надевам дека сум инспирација барем за некои луѓе. Како што споменав и во самиот говор за време на доделувањето на признанието, сметам дека од нас младите зависи иднината на човештвото и ние ќе сме тој клучен фактор за развивање на светот понатаму“, додаде добитникот на признанието „Млад талент“.

Од кабинетот на Претседателот истакнуваат дека признанието „Успешни млади“ е дел од проектот инициран за поттикнување на научната, истражувачката и креативна работа на младите луѓе од земјава. Целта е креирање на политики кои ќе придонесат да се намали одливот на млади луѓе од нашата земја, како и создавање на перспективи за младите и успешни кадри.

„Често истакнувам дека како мала земја со лимитирани ресурси, со не многу поволна географија, со економија во развој, со политички предизвици, наше најголемо богатство е човечкиот потенцијал и затоа не смееме така лесно да ги губиме нашите таленти. За успешните млади, секогаш мора да бидат отворени образовните, научните и културно-уметничките институции, стопанските субјекти, креативните индустрии“, порача Претседателот Пендаровски во неговото обраќање.

Оваа година избрани беа шестмина добитници. Во категоријата најдобар млад научник во природно-математички и технички науки, добитник е Петре Ламески, а најдобри млади уметници се Сашо Димоски и Билјана Камчева. Признанието „Успешни млади“ се доделува по втор пат, а се однесува на резултати постигнати во изминатата календарска година.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG