Со многу загриженост ги следиме настаните во Судскиот совет, ова нема да придонесе во зголемувањето на довербата во правосудниот систем, изјави министерот за правда Кренар Лога во интервју за радио Слободна Европа. Ова го вели Лога во време кога во Судскиот совет во рок од само пет месеци, трет член седнува на претседателското столче и треба да раководи со тело чија основна задача е избори и разрешување на судии.
Новиот претседател Сашко Георгиев е избран набрзина, што според реакциите на луѓето кои се дел од правосудниот систем отвара сомнеж за законитоста на постапката и политичките позадини.
За смена на неговата претходничка Весна Дамева, Судскиот совет три пати гласаше, двапати за разрешување и еднаш за укинување на претходната одлука. Според неа одлуките за нејзина смена се незаконски.
„Одговорност за незаконско постапување и одлучување мора и треба да има, изјави Дамева за Дојче веле.
Транспарентност и одговорност од судии бара и Министерот за правда Лога. Тој потсетува дека за судијата од Апелациониот суд Енвер Беџети кој девет месеци го чувал во фиока предметот за најголемата афера за прислушување до сега „Таргет – Тврдина“ два пати од Судскиот совет барал да се преземат мерки, за да не се дозволи застарување на предметот.
„За жал, ништо не е преземено до нивна страна, и дојдовме до оваа ситуација не само од јавноста, туку и од меѓународната заедница да имаме силна реакција“, вели Лога.
За овој случај со писмо до судската и извршната власт реагираше и американската амбасадорка Ангела Агелер која изрази загриженост за укинувањето на пресудите за високопрофилните случаи во Апелациониот суд.
Лога смета дека за овој проблем мора да се поведе дисциплинска постапка во Судскиот совет, по што ќе треба да се разгледува и дали има кривична одговорност. Поранешната врховна судијка Вера Коцо вели дека неопходно е во целиот судски систем да се направи „прочистување“ од тие што се огрешиле во вршењето на нивната функција.
„Прво е тоа, да се најдат кои се тие, дали се десет души, петнаесет или дваесет не знам. Меѓутоа тие мора да се најдат и да бидат ставени онаму каде што им е место, односно да бидат отстранети од судската функција, се поведува постапка, се разрешуваат, па можат дури и кривично да одговараат. Луѓето мислат дека постои само таа дисциплинска постапка, разрешување и толку. Не треба на тоа да се сведува. Ако треба кривична одговорност постои во законот „злоупотреба на службената положба“ што значи кривично дело за кое може секој граѓанин да одговара па и исто така и судијата,“ вели Коцо.
Таа додава дека до такво „прочистување“ не може да се дојде ако нема волја за тоа.
„Според мене, мора да се преземат поригорозни мерки во однос на решaвање на сите состојби, независно колкав е бројот на судии или обвинители кои се огрешиле во вршењето на својата професија. Јас сум сигурна дека има добри судии. Не можеме сите да ги ставиме во еден кош. Но поради мал број на судии кои си дозволуваат да се играат со својата професија ќе настрадаат и оние што се навистина добри судии“, вели Коцо.
На двете судски седници кои се одржаа вчера далеку од очите на јавноста се донесени две одлуки, а паднала и една оставка. Судскиот совет се најде во ќорсокак откако на 26 април 2023 година, заменик-претседателот Селим Адеми, во присуство на тогаш актуелната претседателка Весна Дамева, го презеде раководењето на седницата и на дневен ред стави точка за нејзино разрешување.
Покрај разрешувањето на Дамева, на втората тајна седница била констатирана и оставка на заменик-претседателот Селим Адеми, кој важеше за предводник на групата што застана зад отстранувањето на Дамева од претседателската функција. Меѓутоа, во информацијата од Судскиот совет се наведува дека оставката е со одложено дејство – важи откако ќе заврши процедурата за изборот на нов претседател.
Претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, вчерашниот епилог во Судскиот совет го оцени како чин на „страшна трговија со влијание“.
„Мислам дека се случува страшна трговија со влијание, позадински, врз членовите на Судскиот совет, од некои што имаат интереси. Ова не е само мое мислење, ова е мислење што излезе во јавноста и што ми стои дека е кредибилно“, рече Ивановска.
Коалицијата „Сите за правично судење“ е загрижена за начинот на работењето на Судскиот совет во последните неколку денови. Велат дека Судскиот совет континуирано отстапува од Законот за Судскиот совет и стандардите за транспаретно и отчетно работење.
Загрижени се и од Блупринт групата за реформи во правосудството. Според нив членовите на Советот имале неуспешен обид да го „озаконат“ своето незаконско постапување од 26.4.2023.
„Убедени сме дека со последниве случувања, Судскиот совет на РСМ е на пат да го загуби целосно легитимитетот да избира, оценува и разрешува судии,“ се вели во нивното соопштение.
Покрај изборот и разрешувањето на судиите, Судскиот совет одлучува и за утврдување на одговорност на судија и на претседател на суд, како и за одобрување на одземање на имунитет и мандат на судија или одобрување на притвор на судија.