Достапни линкови

Мечкин Камен на Водно, вие коментирате


Споменик „Мечкин Камен“, Крушево.
Споменик „Мечкин Камен“, Крушево.

Читателите негодуваат што централната манифестација за Илинден ќе биде во претседателската палата, наместо на Мечкин Камен. Тие го поддржуваат предлогот Фатиме Фетаи да го води новото Обвинителство, а коментираат и за новиот предлог закон за СЈО.

Пред националниот празник 2 Август – Илинден, информацијата дека централната манифестација ќе се одржи во претседателската Вила Водно предизвикала прилично негативни реакции од посетителите на ФБ страницата на РСЕ. Резигнирани зборови напишал Мики Јованов:

„Нека го преселат Мечкин Камен на Водно и таму нека го прославуваат секоја година“, а Киро Николовски, препорачува: „Таму ви е најсигурно да се скриете од народот. Само така можете да ги задоволите Бугарите. Народот не ви е важен“. Потпишан со Борис Бако искоментирал: „Срамота, нели претседателот го бира народот, ако е Македонец ќе се обрати на народот на Мечкин Камен во Крушево, а не да се крие“. И за Горан Костов тоа е бегање од сопствениот народ и „невидена срамота. Оставка“ – бара на крајот на својот пост.

„Политичките пазарења врз грбот на судството се штетни“ – вели Џемали Саити, претседател на Здружението на судии, во неделното интервју на РСЕ. Во него, покрај другото, Саити зборува и за тоа како „Рекет“ ќе се одрази врз судството и на СЈО и за ветингот, а единствениот коментар е на потпишан со Кондова Кондова: „Со овие криминалци ништо нема да биде, ќе си продолжи криминалот“.

Граѓаните очигледно се жедни за правда и непристрасно судство, судејќи според одушевените коментари по предлогот на Алтернатива, обвинителката Фатиме Фетаи да го води новото Обвинителство. Кире Велјановски смета дека „само Фатиме е лекот за криминалните банди. Наполно се согласувам!“, а Стевче Стојановски дава „100 гласа за Фатиме Фетаи“. Самир Османи постирал: „Со Фатиме ќе нема повеќе слободни места во затворите и жив криминалец не ќе остане во земјата, сите ќе побегнат надвор!“ Искра Давкова напишала: „Само Фатиме е лек“, но Нада Крстевска не се согласува „Никогаш“ – постирала кратко. Против предлогот е и Лазо Станчев, кој смета дека „сите тие се дел од тимот. Зошто истиот ден не се огласи туку никаде ја немаше“.

ВМРО-ДПМНЕ подготви свој предлог-закон за СЈО со кој, покрај другото, сите досегашни предмети би му се предале на државниот обвинител. Александер Штип недоверлив: „Сè ти е договорено со Мурто“, а Ванчо Коде прашува: „Зошто никој не бара истрага за стекнати хидроцентрали на партиски претседатели?“ Драган Дамјановски со поддршка за Мицкоски: „Само напред“, напишал, слично како и Баже Михаилов: „Браво, Мицкоски паметен човек, секоја чест“. Ивена Илиевска не мисли така: „Бре, да се немало никаков срам, тоа што тие го прават за да ги заштитат криминалците од своите редови, сега Мицкоски го припишува на актуелната власт“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG