Достапни линкови

Македонските средношколки ретко се „функционерки“


Илустрација, тренинг за средношколска демократија во организација на „Еквалис“
Илустрација, тренинг за средношколска демократија во организација на „Еквалис“

Да се има претседателка на клас во средните училишта во Македонија е вообичаено. Но, како се оди кон повисоките нивоа на средношколско организирање, очигледна е доминацијата на машките. До ваков заклучок дошле претставниците на „Здружението за едукативен развој- Еквалис“.

Во средното училиште ,,Свети Кирил и Методиј" во Неготино, во четврта година има 9 одделенија. Шест од нив имаат претседател на клас, а три - претседателки. Во скопската гимназија „Орце Николов“, во трета година, ситуацијата е обратна. Шест женски и три машки се на претседателска позиција. А во Прилеп е „мешано“. Од девет паралелки во гимназијата „Мирче Ацев“, во трета година, 5 имаат девојче на чело на одделението, а 4 паралелки ги претставува момче.

Да се има претседателка на клас во средните училишта во Македонија е вообичаено. Во некои училишта дури и доминираат девојчињата на претседателска позиција. Но, како се оди нагоре, кон повисоките нивоа на средношколско организирање и позициите кои имаат поголема одлучувачка моќ, како на пример, претседатели на ученичките заедници и парламенти, очигледна е доминацијата на машките.

До ваков заклучок дошле претставниците на „Здружението за едукативен развој -Еквалис“, по дискусии со македонските средношколци, низ проектот „Младократија-Унапредување на демократската и партиципативна култура во претставничките тела на средните училишта“, кој ја испитува средношколската демократија во различни региони во земјава. По два одржани тренинзи на 24 млади луѓе, природно се отворило прашањето за поглед на ситуацијата од родова перспектива.

„Родовото прашање е прашање коешто всушност одговара на она што се случува воопшто во државата. Всушност, она што се случува во државата, ќе се случува понатаму и во помалите средини, како што се средношколските средини. Она што го добиваме изворно, како фидбек од средношколците е - не дека оневозможувачката средина се прави намерно или дека некој девојчињата ги оневозможува намерно да се вклучат, но е евидентно дека постои“, изјави за РСЕ, Ангел Димитриевски, Програмски координатор на Здружение за едукативен развој - Еквалис.

Заклучоците се потврдиле и за време на неформалните разговори за демократија со младите. Оние во Битола, каде се дискутираа начини на избирање на средношколски претставници, изборите за претседател(к)и и претставувањето на девојчињата и жените во средношколските претставнички тела, „Еквалис“ ги одржа непосредно пред локалните избори, па застапеноста на жените во политиката се појавила како тема.

„Младите имаа свои размислувања и за тоа како на пример врз пошироката политичка сцена, присуството на жените исчезнува или е многу бледо. Многу ретко имаме имаме кандидатки за градоначалнички, за советнички во општина. Значи, младите се способни да го согледаат тоа, не само во своите средношколски средини, туку и подалеку од тоа, воопшто низ целата политичка слика“, вели Димитриевски.

Дел од атмосферата за време на неформалните разговори за демократија со битолските средношколците
Дел од атмосферата за време на неформалните разговори за демократија со битолските средношколците

Лидерот на македонските средношколци, Лука Павиќевиќ, потврдува дека има амбиент на родова нееднаквост. Вели, недостасува релевантна студија и статистика, но и без неа, ситуацијата „на терен“ е јасна.

„Една многу јасна, воочлива работа во сите училишта е дека девојчињата предоминантно учествуваат во воншколските активности, во клубови, организации и граѓански тела и слично, а момчињата се во помал број. Но, интересен исклучок се ученичките заедници, односно тие тела што го претставуваат средношколецот директно, кадешто иако имаме многу девојчиња претседателки на класови, многу ретко се јавуваат да бидат претседателки на ученичката зедница, односно да бидат лидерките на учениците во нивното училиште“, вели за РСЕ, Претседателот на средношколскиот сојуз, Лука Павиќевиќ.

Павиќевиќ вели дека треба да се работи на охрабрување на средношколките за да се вклучат во повисоките раководни тела. Она на кое тој е главен, е изолиран пример.

„Во мојот Извршен одбор имаме пет девојчиња и три момчиња. А во најтесното раководство, кадешто се највисоките фукнции, односно претседател, два потпретседатели и генерален секретар, имаме три девојчиња и само едно машко. Што значи дека има изолирани примери, кадешто баланост е и во полза на другата страна“, додаде првиот човек на средношколците.

„Квоти не се решение“

Според Павиќевиќ, важно е да се создаде амбиент на еднакви можности меѓу средношколците, а за да се случи тоа, според него - квоти не се опција.

„Не мислам дека проблемот може да се решава преку квоти. Особено па не во средношколското организирање бидејќи тоа е многу стерилен и многу технички начин, што во самиот принцип на квота претставува дека едниот род е супериорен над другиот. Ако се анализираат ситуациите во државата на политичките нивоа, онаму каде има квота се главно функции кои немаат извршна моќ, како пратеници и советници. Односно, тие се само легислативни тела што само гласаат, а не извршуваат никаква одредена функција што им носи вистинска моќ на одлучување и можност за правење на промени на тие функционерки. Затоа, имаме повисока застапеност на учество на жените во Парламент и во Совет, за разлика од онаа во градоначалнички и министерски места“, истакна средношколскиот лидер.

Според анализа на Националниот демократски институт (НДИ) спроведена пред една година, со цел да се направи проценка за појавата и практиките за насилство врз жените во политичките партии во Македонија, во земјава има напредок на тема родова еднаквост, особено во политиката, но има и уште долг пат за одење.

Во владиниот состав од 2017, од 22 министри, четири жени добија министерска функција. Во 2020, иако има помал број министерства, повторно - само четири министерки.

Според статистиките на Државната изборна комисија, на овие избори имаше уште помал број на кандидатки за градоначалнички во споредба со минатите, кога меѓу 206 кандидати, имаше само 15 кандидатки. Овојпат, од вкупно 301, кандидирани беа само 25 жени.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG