Знаат ли македонските граѓани да разликуваат вистинска вест од дезинформација?
За разлика од претходно кога имавме многу помал број на медиуми и информации или медиумски пораки коишто беа на некој начин филтрирани и луѓето доаѓаа во контакт со информации, меѓутоа на многу поограничен начин, денеска живееме во време кога медиумските пораки или информации буквално не бомбардираат и читателите, граѓаните, консументите на медиумските содржини се наоѓаат во една проблематична ситуација кога не знаат што да одберат што е вистина, а што не, не знаат да препознаат што е добро обработена информација, а што е „жолт“ печат или што е непрофесионална информација итн. За да зборуваме за граѓани ли читатели којшто ќе бидат добро медиумски описменети или ќе можат да прават таква разлика, треба најпрвин да зборуваме за образованието. Треба да зборуваме за образование што ќе наметнува еден пристап на критичко размислување, аналитичко размислување, каде што со младите уште од најмала возраст ќе зборуваме за тоа како се прават информациите, како се создаваат медиумските содржини, кој ги прави, зошто ги прави, да можат да развијат вештини и способности да ги анализираат работите со коишто доаѓаат во контакт и да ги евалуираат, односно да направат проценка што е добро, а што е лошо.
Во услови на недоверба на граѓаните кон државните институции и политичките претставници, како општеството да се справи со дезинформациите?
Мој впечаток е дека зборуваме повеќе за поларизирано општество, односно луѓето имаат доверба во оние политички претставници за коишто гласале или во коишто сакаат да веруваат, и тоа е еден сериозен проблем, затоа што во самото општество ние живееме во нашите ехо комори, односно постојано гледаме да си го слушнеме сопствениот глас или ехото на сопствениот глас, во тие коишто треба да не претставуваат, тоа што треба сите да го правиме како индивидуалци е сè повеќе да почнеме да ги читаме и да ги слушаме и оние со кои не се согласуваме. Тука е еволуцијата во едно општество. Не може да очекувате дека едно општество ќе се развива во насока на демократизација доколку ние сакаме да ги слушаме само ставовите коишто се слични на нашите или ни одат во прилог. Отворањето или излегувањето од нашите информациски меури, читањето и слушањето на секакви информации ќе ни помогне во животот да носиме информирани одлуки.
Во една таква поларизирана состојба за којашто говорите, колку политичките претставници носат вина за ширење на дезинформации во период и во форма кога недостасуваат вистински информации и транспарентност од државните институции?
Се разбира дека и тие носат вина, меѓутоа медиумската писменост во суштина е скепса, да се биде скептичен кон сè со кое доаѓаме во контакт.
Студентите од годинава ќе изучуваат медиумска писменост како посебен наставен предмет. До неодамна во одредени наставни програми веќе фигурираше ова како предмет. Во што овој пат ќе биде разликата?
Завршува една година од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, чиј директор сум јас, и тоа е еден сериозно голем проект којшто вклучува работа со различни генерации млади како во формалното, така и во неформалното образование. Тоа што го спомнавте е една од активностите. Ние имавме повик од универзитетите во Македонија да се пријават со намера или да ги ревидираат постојните програми и предмети за медиумска писменост или доколку немаат да создадат, да работат на свои сопствени предмети. На тој повик се јавија доста факултети, ние избравме четири на кои им доделивме мали грантови и ќе им помогнеме во креирање на содржина за предмети за медиумската писменост. Некои од нив ќе организираат летни школи, различни курсеви, меѓутоа речиси сите од следната академска година ќе имаат предмети за медиумска писменост.