„Прв дојден, прв услужен“. Граѓаните кои имаат интерес за летување во домашните туристички центри веќе можат да аплицираат и да добијат туристички ваучери во вредност од 12 000 денари. Ваучери ќе има за 1250 граѓани.
Главниот услов кој треба да се исполни е месечниот приход на кандидатот за туристички ваучер да не биде поголем од 30 000 денари.
Министерството за економија веќе го објави повикот за реализација на оваа мерка за која се издвоени 15 милиони денари.
Но, судејќи според потребните документи за пријавување на јавниот повик, потенцијалните кандидати ќе мора да одвојат време и добро да се организираат за да ги соберат потребните документи доколку сакаат да добијат ваучер за летување.
Па така за учество по Јавниот повик работниците со ниски приходи - баратели до Министерството за економија треба да достават: пополнет образец за барање, потврда од работодавецот за висината на исплатена плата, извод од банка за последните три месеци и за членовите на потесното семејство доколку се вработени или добиваат пензија, извод на матична книга на родените; Понатаму за подносителот на барањето доколку аплицира со брачен пар треба да достави извод на матична книга на венчани, доколку аплицира како разведено лице треба да достави пресуда за развод на брак издадена од надлежен суд, доколку аплицира сам во случај на смрт на брачниот пар треба да достави извод на матична книга умрените.
Покрај тоа потребна е потврда од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија за членовите на потесното семејство над 18 години доколку не се вработени да се достави документ од АВРМ; фотокопија од лична карта или патна исправа за подносителот на барањето и членовите на потесното семејство кои заедно со него ќе го користат одморот; изјава дека барателот лично или со членовите на потесното семејство кои се наведени во барањето ќе го користат одморот, за деца под 18 години се доставува извод од матична книга на родени, како изјава дека барателот морално, материјално и кривично одговара за внесените податоци (заверена на нотар)
Иако вредноста на ваучерите годинава е двојно поголема од лани, хотелиерите реагираат дека тоа нема да го зголеми бројот на домашни туристи и нема да донесе поголем бенефит врз туристичкиот сектор.
„Оваа година се дадени 1250 ваучери по 12 000 денари тоа се 250 000 евра и не знаеме колку ќе се искористат од нив. Се надевам дека ќе биде искористеноста 100 насто. Нашето барање лани беше да се зголеми вредноста на ваучерите на 200 евра, тоа се исполни но не беше барањето да се намали 4 пати помалку во вкупната вредност. Оваа година очекуваме многу помал број гости 1250 кога ќе ги распределиме во сите хотели, помошта ќе биде минимална и затоа мислиме дека повторно треба да се разгледа истото прашање и да се дадат барем уште толкава вредност на ваучери“, вели Крсте Блажески, претседател на Хотелската Асоцијација на Македонија.
Во однос на цените за сместување и за храна, од ХОТАМ информираат дека сезонава нема да има значително зголемување на цените на аранжманите иако во последните месеци поскапеа храната и прехранбените производи.
Од туристичките агенции велат дека за разлика од истиот период лани годинава има раздвижување и граѓаните веќе се интересираат за туристичките понуди. Ивoна Јакимовска од Стопанската комора за туризам вели дека мерката со ваучерите е добра, но според неа би било поедноставно аплицирањето за ваучерите да се прави преку туристичките агенции.
„Кај нас шалтер системот не функционира. Голем проблем може да биде и тоа дали граѓаните кои се заинтересирани за ваучери ќе ги набават сите потребни документи, дали ќе ги соберат и за колку време, затоа мислам дека можеше да биде поедноставно со аплицирање директно преку туристичките агенции кои ќе им овозможат директно во кои хотели да ги искористат тие ваучери“, вели Јакимовска од туристичката агенција „Камелија-турс“.
Инаку ваучерот за користење на средства за организиран одмор ќе може да се искористи најдоцна до 30 ноември 2021 година, во некој од угостителските објекти од листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб- страната на Министерство за економија.
Од Владата велат дека оваа мерка има за цел да им овозможи на семејствата со ниски приходи, со поддршка на државата да го искористат правото на годишен одмор и истовремено, да им се даде поддршка на хотелиерите и угостителите да работат со исполнети капацитети и надвор од туристичката сезона, со што би се стимулирал развојот на домашниот туризам.
Минатата година искористеноста на туристичките ваучери во вредност од 100 евра не беше на завидно ниво односно изнесуваше околу 65 проценти. До ноември 2020 година граѓаните искористија само половина од доделените ваучери, со што во туристичкиот сектор како владина помош легнаа 4,2 милиони евра.