Неколку пресуди и обвиненија на ниво на државата во изминатите 5 години се однесувале на кривичното дело- Производство и дистрибуција на детска порнографија за кое се товарат и инволвираните во случајот „Јавна соба“, групата на интернет платформата Телеграм каде се објавуваа експлицитни фотографии и контакти од девојки и жени. Пред една година групата беше затворена, но неодамна повторно стана активна. Но, освен за ова дело се отвори и прашањето дали сторителите треба да се гонат и за други кривични дела, бидејќи меѓу жртвите има и полнолетни лица.
Една од нив е и адвокатката Марта Гусар, чиј телефонски број бил споделен како контакт за „дискретни средби“. Таа вели дека иако за малолетните лица веднаш се постапува, за прекршувањата на правата на полнолетните тоа не е случај. Целта на нејзиното излегување во јавноста како што вели, е да ги охрабри останатите жртви како неа, да побараат заштита.
„Фактот дека другите жртви кои што не знаат како да пристапат, побавно или воопшто не им се пружа заштита само од аспект на тоа дека дури ни самите надлежни органи кои постапуваат кога ќе се обрати жртвата не знаат како да ги насочат, односно да ги упатат што треба да направат за да бидат заштитени“, вели Гусар.
За ланската „Јавна соба“ во притвор на 30 дена завршија нејзиниот креатор и администратор. За новата група пак МВР приведе 4 лица, а се трага и по останати осомничени.
„Во врска со останатите пријави од оштетени и жртви за определени членови на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, и натаму се прават проверки во предистражна постапка, па доколку се утврди дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите надлежности“, велат од основното јавно обвинителство.
Казните за производство и дистрибуција на детска порнографија, според Кривичниот законик, се движат од пет до осум години. Од Платформата за родова еднаквост повикаа на итни и конкретни резултати за „Јавна соба“ до 8 март, во спротивно повторно ќе излезат на протести. Тие бараат и реформи во полицијата и сторителите да одговараат за други кривични дела поврзани со околностите на случајот.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев вели дека инволвираните во „Јавна соба“треба да се гонат за повеќе кривични дела, бидејќи неовластено објавувале фотографии и контакти од возрасни лица.
„Сите што имаат удел чинат кривични дела и сите треба да знаат дека за таа работа се одговара. Секогаш кога правдата е спора, тоа дозволува да се повторуваат одредени настани и кривични дела. Мислам дека јавната свет е присутна, знаат тие дека тоа е недозволено. Но, се комотни дека тоа не се гони“, вели Илиев.
За 5 години неколку пресуди и обвиненија
Според податоците добиени од основното јавно обвинителство за производство и дистрибуција на детска порнографија во рок од 5 години во Битола било понесено обвинение за две лица, а во Струмица за едно лице. Додека пак во Прилеп било осудено едно лице со казна затвор, како и во Штип каде обвинетото лице добило 4 години затвор.
Но, податоците се нецелосни, а од обвинителството велат дека со оглед на зголемениот обем на работа и редуцираните капацитети заради пандемијата на коронавирус обвинителствата во Гостивар, Куманово и Скопје не биле во можност да извршат пребројување на предметите.
Кривичниот суд во Скопје пак постапувал по 5 предмети. За еден било отфрлено обвинението, друг е отстапен на понатамошно постапување на судот во Норвешка, а останатите 3 предмети се уште се активни и се постапува по нив.
Во изминатите 5 години, според МВР, поднесени се кривични пријави за 118 дела поврзани со злоупотреби на лични податоци, уцени и вознемирување по социјални мрежи. Расветлени се 49,2 отсто од случаите.