Фотографии, контакти и лични податоци постојано се споделуваат од корисниците на социјалните мрежи, кои потоа многу лесно може да се злоупотребат. Со само еден клик и прифаќањето на еден збор, „дозволувам“ или „се согласувам“, личните информации стануваат достапни, а корисниците потенцијални жртви. Последен случај во јавноста кој ја покажа темната страна на социјалните мрежи е случајот со групата „Јавна соба“.
Колку повеќе се зборува во јавноста на темата, толку повеќе ќе расте и свеста, покрај законските ограничувања и казни вели Бојан Кордалов- специјалист за односи со јавност и нови медиуми.
„Така што да, имаме зголемена свест, разликуваме дека нештото што не треба да се прави не се прави. Но, фали многу поструктуирана и јасна кампања, комуникација којашто буквално ќе ги насочи младите од најрана возраст за да знаат што се правила на игра во интернет простор и што е она што законите и правилата не дозволуваат да се прави“, вели Кордалов.
Во изминатите 5 години поднесени се кривични пријави за 118 дела поврзани со злоупотреби на лични податоци, уцени и вознемирување по социјални мрежи, велат од МВР за РСЕ. Од нив, 62 кривични дела се за злоупотреба на лични податоци, потоа 44 кривични дела за уцена, 10 за загрозување на сигурноста, како и по едно кривично дело намамување на обљуба или друго полово дејствие на дете кое не наполнило 14 години и оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем.
„По преземени мерки и активности расветлени се 49,2 отсто или 58 од кривичните дела, а мерки на кривичен прогон се преземени против 17 сторители. Воедно, напоменуваме дека од страна Секторите за внатрешни работи во континуитет се преземаат мерки и активности и по однос на други пријавени настани поврзани со овој вид на злоупотреби, за што се доставуваат известувања до надлежните јавни обвинителства за добивање насоки за понатамошно постапување“, информираат од МВР.
Кордалов смета дега младите се дигитално пописмени од повозрасните генерации. Меѓутоа факт е, според него, дека има индивидуи кои ги прекршуваат и злоупотребуваат правилата и јасно треба да се каже дека тоа се санкционира и ќе биде постапено од надлежните институции. Во однос на тоа дека половина од случаите не се решени, Кордалов посочува дека не може да се даде генерална оценка.
„Приоретизација на ваквите дела и нивното расчистување е единственото можно решение заради тоа што доколку не се санкционираат ваквите појави на почетоот, кога ги има да се извбројат на прсти многу е голема веројатноста тие да никнуваат како печурки, односно да се множат. Значи мора да се даде итност на случаите каде што е повредена приватноста, особено кога станува збор за малолетни лица, кои не само што се оштетени, туку може многу негативно да се влијае на понатамошниот развој. Ако се влијае негативно врз развојот на младите се влијае негативно и врз развојот на општеството“ ,смета Кордалов.
Најголем број кривични дела се регистрирани на подрачјето на Скопје- 43, потоа 24 во Охрид, 15 во Струмица, како и 14 во Тетово, 12 во Куманово, 8 во Битола и по едно во Велес и Штип.
Во однос на кривичното дело производство и дистрибуција на детска порнографија за кое се осомничени креаторот и администраторот на „Јавна соба“, а се гонат и други лица МВР во периодот од 2016-2020 година постапувало во 21 случај против 16 сторители.