Достапни линкови

Коронавирусот ги менува традициите за Рамазан Бајрам


илустрација
илустрација

Муслиманите во светот овој викенд го означуваат крајот на месечниот рамазански пост. Но, коронавирусот закочи многу од свеченостите. Здравствените експерти стравуваат дека ќе има нови појави на коронавирус во муслиманските заедници кои се собираат на молитви за Рамазан Бајрам.

Додека муслиманите во светот овој викенд го слават Рамазан Бајрам мерките на претпазливост против коронавирусот спречуваат некои аспекти на исламскиот празник да се слават на вообичаен начин.

Во зависност од видот на Месечината, славењето оваа година започнува или на 23 мај или на 24 мај.

Но, многу молитвени собири, фестивали на отворено и други јавни прослави се откажани ширум светот поради пандемијата.

Тачи: За Рамазан Бајрам треба како во Турција, 4 дена карантин

Ограничувањата во патувањето, исто така, им отежнуваат на некои семејства да се соберат за традиционалниот празник, бидејќи здравствените експерти предупредуваат дека тоа може да резултира со нови појава на болеста.

На пример, ограничени се политичките собири спонзорирани од државата, а кои се поврзани со крајот на Рамазан.

И многу пазари што вообичаено би биле преполни со купувачи пред празникот се затворени.

Дури и традицијата да се даваат пари на сиромашните е под влијание на ограничувањата во јавното здравство и загриженоста дека болеста може да се пренесе.

Собири, но на растојание

Експертите велат дека најголемата закана за јавното здравство за време на Еид ал-Фитр е традицијата на собирање во џамиите за молитви - практика која некои исламски свештеници сметаат дека е задолжителна.

ИВЗ: Со полициски час ќе изгубите доверба кај муслиманските верници

Дури и во конзервативните муслимански заедници каде што џамиите останаа отворени во текот на Рамазан, некои верници решија да не одат во џамија.

Авганистанското село Тагаб, северо-источно од Кабул во провинцијата Капиша е заедница каде селаните се очекува да бидат во џамијата за молитви. Но, пандемијата им е на ум на многумина.

Загриженост во Авганистан

Претходно оваа недела тела на тројца починати од коронавирус во Тагаб беа вратени од болницата во Кабул.

Денизен Тагаб Фазал Раби, за Радио Слободен Авганистан изјави:

„Само што се видов со еден пријател. Тој ми рече дека не сум бил во џамија и сакаше да знае дали сум бил зафатен. Му реков дека не сум бил зафатен, бидејќи тоа не може да биде изговор за да не присуствувам на молитви во џамијата. Но, му реков дека тоа е заради карантинот. Пандемијата на коронавирус е тука и затоа не одам во џамија“.

Четиридневен полициски час во Турција за време на Рамазан Бајрам

Во блиската провинција Лагман, во градот Мехтарм, Имран Арап планира да го започне празникот како што прави секоја година.

По капењето наутро, тој ќе облече нова облека пред локалниот имам да ги прочита молитвите.

И Талибанците се борат со коронавирусот
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:36 0:00

Но, Арап и неговото семејство ќе се држат настрана од толпата што се собира во нивната локална џамија оваа година.

„Имам страв од коронавирусот и планирам да останам дома“, рече Араб.

Сардар Мухамед, жител на Пул-е Чарки во близина на Кабул, вели дека луѓето треба да се откажат од идејата оваа година да се собираат заедно за молитвите.

„Тие мора да обрнат внимание и да ги почитуваат овие ограничувања“, вели тој, истакнувајќи дека десетици затвореници во затворот Пул-е Чарки биле позитивно тестирани за вирусот и оти неколку семејства во близина исто така биле заразени.

„Ако само едно лице со коронавирус дојде таму, тие можат да заразат 100 други луѓе и да го уништат целото село“, вели тој

Руска „посебна“ прослава

Големиот муфтија на Русија, Талгат Таџудин, вели дека целиот месец на Рамазан е „посебен“ оваа година.

Највисокиот муслимански руски лидер го одобри затворањето на џамиите за време на пандемијата и инсистираше на тоа дека нема да има масовни собири за групни молитви.

Броење на мртвите: различно прикажување на смртноста од коронавирусот

Наместо тоа, тој рече дека верниците можат да ги исполнат своите обврски преку Интернет со тоа што ќе гледаат имами како читаат молитви од Куранот.

Во Москва во последниве години, властите беа принудени да ги затворат улиците за време на Еид ал-Фитр заради огромните толпи што се собираа во главните џамии во градот.

Станува збор за многу работници мигранти кои претежно се од муслимански земји.

Но, оваа година, џамиите во Москва ќе останат затворени за празникот.

Во меѓувреме, во Чеченија, каде што собирањето во џамиите за молитви се смета за обврска за муслиманите, властите исто така ги откажаа собирите за молитви и наредија џамиите да останат затворени.

Чеченскиот министер за внатрешни работи, Руслан Алканов, ги прошири овие ограничувања уште на 21 мај, најавувајќи четиридневна забрана за сите „движења“ на луѓето низ Чеченија, освен за персоналот од службите за итни случаи.

Алканов рече дека оние што ја прекршуваат забраната од 23 до 26 мај „ќе бидат казнети во согласност со законот“.

Чеченскиот лидер Кадиров заразен со коронавирус?

Подоцна истиот ден, беше објавено дека Рамзан Кадиров - авторитарен лидер на Чеченија, поддржан од Кремљ - бил ставен под медицинско набљудување во Москва заради можна инфекција со коронавирус.

Контролирано дарување

Ваквите ограничувања влијаат и врз традицијата на добротворни дарувања, што е столб на исламот и важен аспект на Рамазан Бајрам.

Вообичаено, верниците што присуствуваат на молитвите им даваат парични подароци на сиромашните луѓе во близина на џамиите.

Оваа година, дури и активисти од фондациите кои им помагаат на сиромашните луѓе во Северен Кавказ и Москва, велат дека нема да ги постават своите традиционални добротворни шатори во Рамазан.

Рустан Миниханов, претседател на руската Република Татарстан, го извести рускиот претседател Владимир Путин на 20 мај дека Еид ал-Фитр ќе го слават муслиманите во нивните домови.

Откажувања во Централна Азија

Во Таџикистан и Киргистан, исламските свештеници оваа недела исто така објавија дека ги откажуваат традиционалните јавни собири во џамиите за молитви за Рамазан Бајрам.

Всушност, сите поранешни советски републики во Централна Азија оваа година забранија собири за ифтар - ноќниот оброк што се служи по зајдисонце во текот на месецот Рамазан.

Ковид-19: Кој е најзагрозен и каде е најопасно?

Во Казахстан, големиот муфтија Науризаи Кази Танганули најави откажување на сите специјални молитвени собири на џамиите низ целата земја.

Соседниот Узбекистан исто така нареди џамиите низ целата земја да се затворат во текот на месецот Рамазан.

Тамошните официјални лица побараа да се даваат добротворни донации во специјалните центри за сиромашните, а не директно на луѓето во нивните домови, со цел да се намали контактот од личност до личност.

Олабавени мерки во Пакистан, Иран

Придржувањето кон здравствени мерки на претпазливост за време на Рамазан се разликуваше од земја до земја.

Во Пакистан, џамиите што беа затворени во март и април повторно се отворени за молитви.

Многу луѓе што се собираат во пакистанските џамии не преземаат соодветни здравствени мерки на претпазливост.

Уапсени 3600 лица во Иран за ширење гласини за коронавирусот

Олабавувањето на правилата за ограничување, исто така, резултираше голем број луѓе да ги преплават јавните пазари.

Во Иран, погоден од пандемијата, владата соопшти дека заедничките молитви на Еид ал-Фитр ќе бидат дозволени во областите што се означени како „низок ризик“.

Патните ограничувања меѓу иранските провинции, исто така, се укинати, дозволувајќи им на семејствата да се соберат и заедно да го слават празникот.

Во Кино, од возило
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:01 0:00

Во почетокот на март, џамиите и светилиштата ширум Иран беа затворени но, во последните неколку недели, на џамиите им беше дозволено повторно да отворат во повеќе од 130 градови „со низок ризик“ - под услов тие да ги почитуваат строгите здравствени мерки на претпазливост.

Верниците кои влегуваат во џамии во Иран, мора да носат маски и нараквици и можат да останат само 30 минути.

Во иранските џамии исто така е забрането да се служат храна и пијалоци, и мора да има средства за дезинфекција на рацете.

„Физичкото растојание е поважно од колективната молитва“, изјави претседателот Хасан Рохани на 4 мај кога џамиите во Иран повторно беа отворени.

Заклучно со 21 мај, Иран има пријавено околу 130.000 потврдени случаи на коронавирус, вклучувајќи и повеќе од 7.200 смртни случаи - иако експертите се сомневаат како Техеран известува за целокупниот степен на инфекцијата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG