Достапни линкови

Короната го скрати буџетот за животна средина во 2020


Со ребалансот на Буџетот за 2020 година меѓу другото се намалени средства за чистење на диви депонии, алармираат граѓански организации за заштита на животната средина.
Со ребалансот на Буџетот за 2020 година меѓу другото се намалени средства за чистење на диви депонии, алармираат граѓански организации за заштита на животната средина.

Невладини организации посочуваат дека со ребалансите на Буџетот за 2020 година се кратат средства наменети за животната средина. Од Владата велат дека и покрај средствата за справување со ковид кризата, издвојуваат пари и за еколошки проекти.

Граѓански организации за заштита на животната средина алармираат дека со ребалансите на Буџетот за 2020 година се кратат пари за животната средина. Од Владата велат дека со ребалансот и покрај потребата од дополнителни средства за граѓаните и економијата погодени од коронакризата, обезбедени се средства за проекти од областа животна средина.

Не смее да се дозволи било какво кратење на средства наменети за животната средина, бидејќи во Македонија воздухот, водите и почвите се загадени над било какви дозволени вредности, вели Татјана Чакулев од граѓанската организација „О2 Иницијатива.“

„Со ребалансите, ние баравме дополнителни информации од Министерството за животна средина и просторно планирање да дознаеме зошто и од кои причини биле скратени овие средства. Добивме информација дека за одредени кратења, кои се извршени со двата ребаланси, причината е недоставена документација“, вели Чакулев.

Таа објаснува дека станува збор за недоставена документација или изготвени елаборати од страна на општините.

„Дел од средствата биле пренаменети од старт, скратени се, иако можеле да се реализираат, тие се пренаменети за други причини и тоа не смее да се дозволи. Потребна е ажурност од страна на институциите и од страна на општините кога се работи за изработување на проекти и спроведување и реализација кои би довеле до намалување на загадувањето. Исто така потребни се поголеми средства, а не намалување и пренаменување за други цели“, вели Чакулев.

Од „О2 Иницијатива“ велат дека со ребалансот на Буџетот 2020 се намалени средствата за чистење на диви депонии за над 1.300.000 евра, 652.000 евра помалку за набавка на делови и нови мерни инструменти за мониторинг станици, 559.000 евра помалку за чистење на линданот и така натаму.

Исто така намалени се 589.000 евра за изградба на главен собирен фекален колектор за град Кочани и село Оризаре, како и 635.000 евра помалку за дотации за надоместок за производство на енергија од фосилни горива во општините Битола, Новаци, Могила, Кичево, Чаир, Гази Баба, Центар, Аеродром и Кисела Вода, наведуваат од „О2 Иницијатива.“

Од Владата во одговор за РСЕ велат дека се доделени скоро 2,7 милиони евра на Министерството за животна средина и просторно планирање за реализација на проекти во животната средина кои ќе бидат префрлени на општините.

Над 800.000 евра за завршување на секундарната мрежа за вода за пиење во село Липково и во село Оризаре, над 630.000 евра заем за колекторски систем за општина Струга, над 325.000 евра за чистење на дивите депонии во Визбегово и уште толку средства за реконструкција на постојната во општина Чаир.

Средства, велат од Владата, се наменети за систем за водоснабдување во општина Сарај (10 милиони денари), за проект за изградба на водовод за град Крушево (9 милиони денари), како и за систем со цевки за водоснабдување од изворот до акумулација за четири населени места во Тетово: Мала Речица, Голема Речица, Порој и Џепчиште во должина од 24 километри. (7 ипол милиони денари).

Исто така средства се издвоени за водовод во Пробиштип, Ресен и за чистење на дивите депонии во Маврово и Ростуше, велат од Владата.

Претставници на невладините организиции велат дека во ваква ситуација не очекуваат да се решаваат проблемите со загадувањето, бидејќи како што посочуваат, периодот од два емсеци е краток за да може да се делува со средствата кои останале.

„До сега не видовме некои резултати од реализирани проекти со овие средства, така што она што останува сега ќе биде минорно“, вели Чакулев.

Македонија има долгогодишен проблем со загадувањето: повеќе градови со високи нивоа на аерозагадување, како и загадени почви и подземни води од историски индустриски депонии.

Земјата сѐ уште нема воспоставено ниту соодветен систем за управување со отпадот, при што создадени се илјадници диви депонии на целата територија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG