Дуќани во старата скопска чаршија кои се делумно издадени под кирија и други објекти во стопанство, туристичка агенција без приходи во изминативе две години и фирма за погребални услуги се само дел од стопанските дејности со кои се занимава Исламската верска заедница, покажуваат документите до кои дојде Радио Слободна Европа.
Според документите до кои дојдовме, во Катастарот се заведени околу 800 имотни листови од кои 46 парцели се деловни простории во Центарот на градот Скопје, односно станува збор за околу 60-тина дуќани со големина од 15 до 100 метри квадратни во Старата скопска чаршија.
Дуќанџиите со кои разговаравме во Старата скопска чаршија велат дека една третина од дуќаните се во сопственост на ИВЗ, една во сопственост на државата, додека останатите се веќе приватни.
Дополнително во еден од имотните листови е заведено дека ИВЗ поседува два апартмани од по 90 метри квадратни во охридскиот регион, кои според адресата се дел од хотелот Парк.
Ова е само еден дел од имотот кој ИВЗ го доби со денационализација.
Но, во меѓувреме, од ИВЗ не откриваат дали од имотот остваруваат приходи и дали за истите плаќаат данок кон државата. Пред две недели побаравме интервју со Реисот кој накратко ни одговори дека е многу зафатен и ќе не побара дополнително за да договориме кога да снимаме. Но, потоа не одговараше на нашите повици.
Според имотните листови, голем дел од дуќаните во Скопската чаршија се во сопственост или со право на сопственост на ИВЗ. Но законот вели дека закупецот на деловниот простор е тој што има обврска да и плати данок за државата за рентата, што значи дека ИВЗ не е должна да плаќа данок за просторот што го издава. Но Исламската верска заедница е должна до надлежните да пријави колку заработила од издавање на имот.
Според пазарот на недвижнини, закупнина за деловен простор на мал дуќан во скопската чаршија зависи од тоа кој го издава. Дуќанџиите велат дека на државните имоти се најевтини и дека чинат околу 150 евра месечно, додека за останатите плаќаат и по неколку стотина евра месечно во зависност од квадратурата.
ИВЗ под лупа на неколку институции
Според законот за верските заедници, нивните приходи може да доаѓаат од верската дејност или од имотот со кој располагаат, како и од нивните финансиски трансакции кои подлежат според регулативата на трошењето на финансиски средства за непрофитни организации и организации од јавен интерес. За приходите од верската дејност и за дејности од јавен интерес не треба на државата да и полагаат сметки, но за останатите приходи мора да ги пријават.
Минатата година неколку надлежни институции под лупа ја ставија имотната и даночната состојба на ИВЗ. Неодамна Управата за јавни приходи за Радио Слободна Европа потврди дека веќе неколку месеци води истрага за тоа колку оваа верска заедница работела законски и дали си ги помирува своите давачки кон државата. Според податоците од Централниот регистар, ИВЗ не ја исполнила својата законска обврска и не поднела завршна сметка во изминативе 12 години.
„Правиме анализи како УЈП за сите оние документи кои ги побаравме од другите институции, ги анализираме, гледаме во нашата надлежност согласно законот за даночна постапка во согласност со данокот на добивка бидејќи и таму е предвидено дека такви здруженија и непрофитни организации подлежат на соодветна обврска кога ќе надминат одреден лимит“, изјави неодамна директорката на УЈП Сања Лукаревска.
Таа додава дека дополнителни информации за истрагата не може да соопшти затоа што се уште контролираат и соработуваат со сите службени лица од ИВЗ кои работат на сметководственото и финансиското работење.
Лукаревска тврди дека верските заедници по неколку законски основи се обврзани да плаќаат данок.
„Една од нивната основни обврски е да поднесуваат и завршна сметка, врз основа на тоа остваруваат и данок на добивка, тие се да кажам дел од анализите кои ние ги спроведуваме“, објасни Лукаревска.
Од ИВЗ, пак, на новинарски прашања при еден брифинг му одговорија на УЈП дека согласно постоечките закони за верските обврски, тие не се должни да даваат завршна сметка. Тие велат дека не се даночни обврзници, плаќаат паушален данок, поради што и не чувствувале потреба да соработуваат со инспекторите од УЈП.
„Во една пригода, премиерот Заев го праша реисот како е регулирано финансирањето на верските заедници во другите држави. Направивме анализа, видовме дека во еден куп земји членки на Европската Унија, кои се секуларни и се поим за демократија, државата финансиски ги помага заедниците на верниците почитувајќи ги нивните чувства и штитејќи ги нивните права. Кај нас тоа не е случај. Ако биде некој ден, тогаш и УЈП ќе може да врши контроли и инспекции“, истакнаа тогаш од Исламската верска заедница.
Реисот управител на туристичката агенција на ИВЗ
Според податоците од Централниот регистар ИВЗ има сопственички удел во туристичката агенција Дарусселам – ИВЗ која е регистрирана на адресата на седиштето на ИВЗ. ИВЗ има удел и во друштвото за погребални услуги Ер- рахату дооел.
Како управител на туристичката агенција е заведен Реисот Сулејман Реџепи кој има неограничено овластување во внатрешниот и надворешниот промет. Како основач е заведена ИВЗ со основна главнина од непаричен влог во износ од 7,5 илјади евра. Според завршните сметки за 2018 и 2017 година туристичката агенција е непрофитабилна, затоа што не пријавила никакви приходи ниту расходи, по што не платила ниту данок на добивка ниту податоци за вработени. Единствено во 2017 е заведено само дека имала загуба од илјада и петстотини евра.
Агенцијата служи за да ги води верниците на аџилак во Мека и Медина, па во оваа ситуација се наметнува прашањето како ИВЗ во изминативе две години ги спроведуваше патувањата .
Според едно од истражувањата на Инбокс 7 и нивните пресметки добиени по писмо од муфтии кои се жалат на нереални цени за аџилак во 2014 година излегува дека ИВЗ заработувала од гратис визи кои ги наплаќала на верниците.
„Ако Македонија испраќа 1200 аџии годишно, тогаш придобивката од бесплатните визи кои ИВЗ ги пресметувала по 400 евра излегува дека е 480.000 евра годишно“, е напишано во истражувањето.
Ваквите информации дел од муфтиите тогаш ги демантираа, но не дадоа детали околу тоа колкава е заработката на ИВЗ од аџилакот на верниците.
Погребално друштво без данок на добивка
Исламската верска заедница на своите верници им нуди погребално услуги преку фирмата „ Ер- рахату “ дооел. Завршната сметка на ова друштво за погребални услуги во изминативе две години покажува дека приходите од работењето изнесуваат 46 илјади евра годишно, и дека 80 проценти од нив се заведени како трошоци за петте вработени кои според просечна пресметка добиваат по 700 евра бруто плата. Во завршната сметка е наведено дека данокот на добивка изнесува 0 денари.
Според законите за даночење на приходи погребалното претпријатие треба да одвои за данок еден процент од вкупниот годишен приход.
ИВЗ бара да и се врати имот голем колку 100 стадиони
Во институциите инаку, според тврдењата на претставниците на ИВЗ се заглавени околу 350 барања за денационализација на друг имот за кој тврдат дека државата одолговлекува и не сака да им го врати. Станува збор за огромен имот во кои влегуваат и над 42 илјади метри квадратни во дуќани и објекти. (Тоа е имот кој зафаќа површина, колку на пример 100 стадиони). Меѓу имотот што ИВЗ го бара влегуваат плацови каде што е изградена Судската палата, дел од Македонска радио-телевизија, железничката станица, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Народната банка.
За нивните барања за денационализација пред два месеца испратија писмо до Владата во кое се жалат на владиниот дискриминаторски однос и се заканија со еден вид на бојкот на изборите.
Владата одговори дека „заканите и ултиматумите се неприфатливи“ и дека ИВЗ правата треба да си ги бара преку институциите, затоа што ова е секуларна држава.
По ваквата преписка, ИВЗ се повлече и на брифинг најави дека ќе чека да поминат изборите по што ќе ја продолжи својата битка за имотот.
Причини за „чешлањето“ на ИВЗ
До „чешлањето“ на ИВЗ дојде откако од собраниска говорница во неколку пригоди пратеникот од СДСМ Мухамед Зекири тврдеше дека ИВЗ не ги почитува законите, дека имотот со кој располага го дава под закуп, но една цена наплаќа преку „каса прими“, а друга преку тефтер, како и дека минатата година за верниците кои заминале на аџилак им наплатила по четири илјади евра од човек.
„Дали трудова инспекција некогаш ќе влезе во ИВЗ да провери дали оваа институција им плаќа инвалидско и пензиско осигурување на имамите? Со години се жалат дека тоа не се прави. Дали финансиска полиција ќе влезе некогаш да провери на кој начин се финансира ова институција и на кој начин менаџира со парите на верниците? Реџепи успева да опстојува и покрај стотиците скандали кои го следат. Прави се само не тоа што треба да го прави и тоа што го проповеда верата. ИВЗ ја има претворено во свој пашалук“, тврдеше Зекири од собраниската говорница.
На ваквите тврдења реагираше и ИВЗ со контраобвинување до Зекири за клевета.
„Некој се обиде преку устата на мегафонот на екстремистите кои се против ИВЗ, сериозно да го загрози системот и регулативите во државата погазувајќи го достоинството и авторитет како на ИВЗ, така и нејзиниот поглавар, Сулејман еф. Реџепи, кој три децении е на чело на оваа институција и има направено толку многу за исламот во Република Македонија со одбележување на незамисливи успеси. Но, се поставува прашањето, какво добро направил за исламот и муслиманите човекот кој клевети, Мухамед Зекири?, беше наведено во реакцијата.
Изминатиот период, непосредно пред претседателските избори, ИВЗ беше во центарот на јавност со препирките за нов поглавар. Актуелниот поглавар се пожали дека група верници сакаат да направат упад и да го сменат, а се пожали и на проверки од финансиската полиција како форма на притисок. Поранешниот секретар на ИВЗ, Скендер Бузаку, кој тврди дека има судско решение, според кое, тој е новиот реис, се обиде да влезе во седиштето на ИВЗ и тврдеше дека побарал помош од финансиската полиција да изврши проверка на работењето во ИВЗ и обвини за криминал.
Од полицијата потоа рекоа дека „немаат преземено никакви дејствија и активности со цел контролирање на финансиското работење на ИВЗ“.