Достапни линкови

Тешко до брз колективен имунитет за Ковид-19


Илустрација
Илустрација

Епидемиолозите и Светската здравствена организација сè уште се претпазливи околу заклучоците дека тестирањата за антитела, кои ги спроведуваат неколку земји, можат да дадат одговор за постигнување на таканаречен имунитет на стадо.

Паралелно со истражувањата за пронаоѓање на лек или вакцина со која би се спречило ширењето на коронавирусот, науката испитува дали за Ковид-19 може да се создаде таканаречен имунитет на стадо или колективен имунитет. Некои земји, како Шведска, го прифатија тој модел, но науката сè уште нема доволно докази дека тој е успешен.

Имунитет на стадо е состојба во која доволно луѓе од целата популација имаат имунитет на заболување, преку вакцинација или прележување на болеста, со што се намалуваат шансите да ја пренесат на другите.

Колку се шансите за вакво нешто да се случи набрзо за Ковид-19?

За луѓето да станат имуни на коронавирусот треба да заболи многу голем дел од популацијата.

„Кога 70% од популацијата ќе биде заразена и ќе оздрави, шансите за нов бран на болеста се многу помали затоа што луѓето стануваат отпорни на болеста“, вели Мартин Хиберд, професор за нови заразни болести на лондонската школа за хигиена и тропска медицина.

Досегашните докази поврзани со ширењето на Ковид-19 покажуваат дека едно лице во просек може да зарази помеѓу две или три други лица. Ова значи дека, доколку не бидат преземени други мерки, како лек или вакцина против вирусот, имунитетот на стадо може да функционира кога помеѓу 50 до 70% од популацијата ќе биде имуна на вирусот.

„Но не мора да биде така, и нема да биде на овој начин“, вели Метју Бејлис професор на Институтот за инфективни, ветеринарни и еколошки науки на Универзитетот Ливерпул.

Тоа може да биде и опасно бидејќи вирусот е многу фатален.

Заразувањето и оздравувањето на популацијата не значи и исчезнување на вирусот туку забавување на неговото ширење, велат во своја колумна за Њујорк Тајмс професорите по биологија и биостатистика, Карл Бергсторм и Натали Дин, од универзитетите Вашингтон и Флорида.

Епидемиолозите се скептични дека брзо може да се постигне имунитетот на стадо кој ќе го забави ширењето на болеста.

„Како епидемиолози, би сакале да кажеме јасно дека имунитетот на стадо против Ковид-19 нема да биде постигнат на потребното ниво во 2020 година, тоа би било катастрофа за јавното здравје“, велат Дејвид Дауди и Џипсиамбер Д’Суза од одделот за епидемиологија на школата за јавно здравје Џонс Хопкинс Блумберг.

Речиси 4 милиони случаи се потврдени досега на светско ниво. Затоа треба претпазливо да се анализираат бројките.

„Или поинаку кажано, доколку ширењето на заразата со коронавирусот продолжи во САД со истото темпо, односно со повеќе од 25 илјади случаи секој ден ќе бидеме длабоко навлезени во 2021 година пред да постигнеме имунитет на стадо. А доколку продолжи трендот на смртност, повеќе од половина милион Американци ќе починат од Ковид-19 до тогаш“, велат епидемиолозите од Џонс Хопкинс Блумберг.

Присуството на антитела не значи и имунитет

И Светската здравствена организација сè уште со сигурност не може да потврди дека присуството на антитела во крвта на луѓето може да ги заштити од повторна инфекција.

„Многу прелиминарни информации кои ги добиваме покажуваат дека многу мал дел од популацијата може да произведе антитела. Така што иако очекувањата се дека голем дел од популацијата ќе има антитела, доказите не го покажуваат тоа и тоа не може да го реши проблемот на земјите за справување со коронавирусот“, изјави неодамна Мајк Рајан главен експерт на СЗО за итни состојби.

Што можат да покажат тестирањата за антитела?

Повеќе земји во светот меѓу кои Чешка, Израел, Германија спроведуваат или најавија тестирање на поголем дел од популацијата со цел да добијат податоци колку од луѓето се заразени и колку се ранливи на евентуален втор бран.

Доколку тестирањата за присуство на антитела покажат дека добар дел од популацијата развила антитела, тоа ќе биде знак за земјите дека се движат кон постигнување на колективен имунитет.

Но доколку овие тестови покажат дека само одреден или мал дел од популацијата била изложена на Ковид-19, тоа ќе значи дека ќе се соочиме со втор бран или понатамошно ширење на болеста што може да го оптовари здравствениот систем, вели Моше Бар-Симан-Тов, генерален секретар на израелското министерство за здравство, пренесува Њујорк Тајмс.

Со своите испитувања, Израел сака да ја тестира и теоријата на СЗО дека нема докази дека луѓето кои ја прележале болеста или имаат антитела се заштитени од нова инфекција.

Дали крвната плазма е спас од коронавирусот?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:22 0:00

„Има две сценарија: розовото е дека овие тестирања ќе покажат дека 10% од популацијата во Израел има антитела на Ковид-19. И доколку има втор бран, врз основа на податоците од првиот бран, тоа ќе значи дека на 2.300 Израелци ќе им биде потребна интензивна нега. Второто, поцрното сценарио е дека само 1 процент од популацијата има антитела што ќе резултира со 12 илјади луѓе на кои ќе им биде потребна интензивна нега што е надвор од капацитетите на Израел“, вели д-р Џаир Шиндел член на тимот од министерството за здравство кој ќе го спроведува масовното тестирање.

Истражувањето спроведено во Чешка за откривање на присуство на антитела на Ковид-19 покажа дека имунитетот се гради многу полека. Од 26.549 спроведени тестови само 107 се позитивни.

„Бројот на позитивни на антитела се движи од нула до 3% во зависност од локацијата“, изјави Ладислав Душек директор на Институтот за здравствени информации и статистика.

Тестирањето за антитела за САРС-КоВ-2 на одреден дел од популацијата или на специфични групи, кои го прават неколку земји во моментов, го поддржува и СЗО.

„СЗО ги поддржува овие тестирања затоа што се клучни во разбирањето на опсегот и факторите на ризик поврзани со болеста. Овие тестирања ќе обезбедат податоци за процент на луѓе кои имаат антитела на Ковид-19 кои можат да се детектираат, но голем број од нив не се наменети за утврдување на тоа дали тие луѓе се имуни на понатамошно заразување“, вели СЗО.

Прерано да се зборува дека тие луѓе се имуни или не се под ризик од ново заболување, велат од СЗО и додаваат дека овие податоци треба да се следат со внимание со цел да не се предизвика зголемено пренесување на болеста од оние кои добиле резултатите дека развиле антитела на Ковид-19.

XS
SM
MD
LG