Реализацијата на капиталните инвестиции и годинава почна слабо. Во јануари годинава реализирани се само 1 процент од предвидените инвестиции, покажуваат податоците на Министерството за финансии. За годинава се предвидени 423 милиони евра за капитални проекти, а во првиот месец се реализирани само 4,6 милиони евра, што е 1,09 отсто од парите.
Власта тврди дека виновник за ваквите податоци овојпат е тоа што не е градежна сезона, но и понатаму се оптимисти дека ќе го остварат предвиденото.
Аналитичарите, пак, порачуваат да не се користат изговори, туку власта навистина да се посвети на економијата за да може да се остварат ветувањата.
„Бројките за капиталните инвестиции сами по себе зборуваат. Покажуваат дека навистина имаме потфрлување. Она што без проблем може да се направи се инвестициите што самата држава треба да ги реализира без да тактизира кој ќе добие тендер, каде ќе добие и колку тоа ќе донесе во нечиј џеб. Така се гледаат работите кај нас и затоа ја имаме оваа ситуација која ја имаме“, вели бизнисменот Мендерес Кучи.
Минатата година реализацијата на капиталните инвестиции сериозно потфрли, па од првично предвидените 390 милиони евра за оваа намена, со ребаланс на буџетот беа скратени на 300 милиони евра, но и од тоа се потрошија нешто помалку од 200 милиони евра. Со ребаланс на буџетот дел од парите од оваа ставка беа пренаменети за да се покријат долговите на општините.
Властите, пак, за оваа година најавија дека ќе биде економска. Тие и понатаму стојат на ова ветување. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека нискиот процент на капитални инвестиции во минатиот месец, се должи на тоа што не е градежна сезона.
„Сега не е градежна сезона, дел од работите што треба да се сработат се во фаза на тендерирање, така што нашите очекувања се дека капиталните инвестиции ќе бидат многу повисоки од ланската година“, изјави Сугарески одговарајќи на новинарски прашања.
Но, стопанственикот Мендерес Кучи вели дека не треба да се вадат на градежната сезона.
„Се вадат на тоа дека треба градежништвото прво да почне. Да треба да почне, но што имаше пречка градежништвото, не чинеше времето? Беше многу студено? Значи не држи тоа. Кој го спречува градежништвото, па самите бирократски процедури, кои цело време се врзуваат за одредени кругови, одредени луѓе и исти проблеми“, вели тој.
Како причина зошто минатата година не беа реализирани предвидените пари власта ги посочуваше проблемите со документацијата и наследени проблеми за решавање, но за оваа година рекоа дека капиталните инвестиции полесно ќе се реализираат.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека бројките сигнализираат оти власта и оваа како и претходната година нема да успее да ги реализира планираните капитални инвестиции.
„Две години откако СДСМ е на власт, а ниту еден капитален проект не е реализиран. Ништо 600 километри автопат, 550 километри магистрални патишта и 1200 километри локални патишта. СДСМ потфрли на инфраструктурен план. СДСМ не направи ништо за развој на државата. Две години само тонеме како држава“, велат од опозициската партија преку соопштение.
И од Стопанската комора велат дека ниската реализација на капиталните инвестиции во јануари се должи на забавената градежна оператива.
„Мислам дека владата сериозно ќе ја сфати поуката од минатата година и ќе интервенира, за да не дојдеме во ситуација да завршиме пак на 67 отсто, мислам дека годинава ќе завршиме над 90 отсто реализација“, вели претседателот на Комората, Бранко Азески.
Тој додава дека како институција ќе вршат притисок и ќе го контролираат тој процес.