Достапни линкови

„Вагнер ни го киднапира синот и го испрати во Украина“


Маргулан Бекенов, студент на Државниот универзитет во Томск, државјанин на Казахстан
Маргулан Бекенов, студент на Државниот универзитет во Томск, државјанин на Казахстан

Руската платеничка група Вагнер, киднапирала казахстански студент во Русија и го пратила да војува во Украина, обвинува семејството на студентот. Неговата мајка бара руските и казахстанските власти да помогнат тој да се врати дома. Не е првпат Вагнер да е обвинет дека испраќа луѓе во борба без нивна согласност.

Некаде околу 18 март, 23-годишниот син на Алмира Бекенова исчезна.

Откако цела недела не се чула со синот Маргулан Бекенов, студент на четврта година на Државниот универзитет во Томск во западен Сибир, Бекенова добила криптирана СМС порака од неговиот телефон:

„Јас сум жив и здрав. Не можам да се јавам“.

По неколку недели упорна потрага во Русија, Бекенова рече дека дознала оти нејзиниот син бил киднапиран во Томск од претставници на озлогласената платеничка организација Вагнер. Тој насила бил однесен во тренинг-камп во југозападна Русија, иако никогаш не потпишал договор со навидум приватната фирма, која работи во тесна координација со руските безбедносни агенции.

Потоа, вели таа, против негова волја бил испратен во воената зона во Украина.

Бекенова постојано бара од руските власти и од Казахстанската амбасада во Русија да помогнат нејзиниот син да се врати дома.

Тајна средба

„Преку пријател, кој му е и колега на факултет и преку девојка која го познавала Маргулан, таа почна некако да ги составува фактите, некои детали, и можеше да ги состави деловите од сложувалката“, изјави Магџан Кахарманов, вујко на Маргулан и пензионер од казахстанската армија.

Маргулан Бекенов
Маргулан Бекенов

Бекенова не сакаше да биде интервјуирана од Радио Слободна Европа и го овласти Кахарманов да зборува од име на семејството.

Во Томск ѝ било кажано дека нејзиниот син бил земен од претставници на Вагнер и испратен во камп во близина на градот Краснодар, околу 3400 километри југозападно. Семејството на Бекенов се сомнева дека претставниците на Вагнер го нашле во фабрика од одбранбената индустрија во Томск, каде што работел како компјутерски програмер.

Во потрага по својот син, Бекенова тргнала за Краснодар, изјави Кахарманов за Сибирска реалност, сервис на Радио Слободна Европа.

Таа таму се распрашувала за него секојдневно, на секој влез во органзиацијата, но ѝ кажувале дека кај нив нема такво момче.

„Потоа, како што разбрав, од некого што поминувал во близина, кого го подмитила со пари или некаков подарок, дознала дека нејзиниот син е внатре. Таа му покажала негова фотографија. Човекот ја погледнал, рекол да, тој е, и ѝ го дал бројот на неговата единица. Восхитувачка е нејзината снаодливост и решителност. Таа успеа да го лоцира нејзиниот син кога официјалните барања не дадоа резултати“, вели тој.

На 9 април, Бекенова успеала накратко да се сретне со својот син на контролен пункт во кампот во близина на Краснодар. Таа не сакала да каже како успеала да ја договори средбата.

„Го донеле со кола во придружба на неговиот директен претпоставен“, изјави Кахарманов.

„Им дале 5 минути да поразговараат... Офицерот бил присутен цело време. Алмира успеала да дознае дека не потпишал договор. Тој не го променил државјанството“, изјави Кахарманов.

Тие имале краток неврзан разговор, во кој се вмешувал и офицерот. Таа била изненадена што е офицерот на Вагнер исто така бил Казахстанец од Караганда.

Иако офицерот на Вагнер немал правна основа да го задржи Бекенов, неговата мајка била „физички“ спречена да го врати својот син дома. Таа рекла дека тој бил „исцрпен“ и „во лоша состојба“.

Треба да ги предупредиме луѓето

На 12 април, Бекенова од свои извори во кампот дознала дека син ѝ бил испратен во Украина, рече Кахарманов.

Семејството поднело „десетици“ жалби до руските органи за спроведување на законот во Москва, Томск и во Краснодар, но без резултат. Тие се жалеле до воената комисија во Краснодар и до обвинителството во Санкт Петерсбург каде што е официјално регистрирана компанијата Вагнер.

На 5 април, добиле писмо од казахстанското Министерство за надворешни работи со кое ги известиле дека испратиле дипломатска нота до нивните руски колеги за случајот.

„Ова прашање е под постојано внимание од амбасадата“, се наведува во писмото.

„За првпат во животот сум немоќен да му помогнам на семејството“, рече Кахарманов, кој се пожали дека Министерството и Амбасадата биле „целосно импотентни“.

На 20 април на руските социјални мрежи се појави видеоснимка на која Бекенов вели дека „доброволно служи во Украина“.

„Вреди да се борите“ – Шведска доброволка во украинските сили
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:54 0:00

Семејството е убедено дека тој бил принуден да го сними видеото.

Алмира Бекенова вели дека тој не ѝ кажал такво нешто кога разговарале на 9 април. Сепак, таа продолжува да се држи до гаранциите од претставниците на Вагнер дека на нејзиниот син ќе му биде дозволено да си оди дома.

И покрај нејзината резервираност, семејството одлучи да излезе во јавност со нивната приказна.

„Сестра ми им верува и мисли дека ќе ѝ го вратат синот побрзо без публицитет“, рече Дулат Бекенов, брат на Алмира и друг вујко на Маргулан.

„Но, мислам дека, со оглед на тоа што ништо друго не помогна досега, нашето момче мора да се смета за исчезнато“, рече тој.

Дулат Бекенов има мала надеж дека повторно ќе го види внукот жив.

„Мора да ги предупредиме луѓето чии деца студираат во Русија“, додаде тој.

„Тие се во опасност“, вели Бекенов.

Принудени со закани

Вагнер е мета на критики од активистите за човекови права за нивната сомнителна вмешаност во воени злосторства, регрутирањето затвореници и други ранливи групи, како и за третманот на сопствените војници.

Се верува дека компанијата изгуби десетици илјади борци во изминатите месеци во борбите во градот Бахмут во Донецк, кој според оценките на основачот на Вагнер, бизнисменот поврзан со Кремљ, Дмитри Пригожин, е „мелница за месо“.

Лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин
Лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин

Случајот со Бекенов не прв во кој Вагнер е обвинет дека испраќа луѓе во борба без нивна согласност.

Претходно овој месец, шест мобилизирани руски војници од Република Саха, исто така позната и како Јакутија, тврдеа дека без нивна согласност биле префрлени во единица на Вагнер и испратени да се борат во близина на Бахмут. Пригожин лично ги отфрли овие обвинувања и рече дека Вагнер никогаш не присилил никого да се приклучи.

Според член на семејството, еден од мобилизираните Степан Назаров рекол дека тие „со закани биле принудени“ да потпишат договор со Вагнер.

„На почеток не му пречеше многу“, рече роднината Григори Назаров за Радио Слободна Европа.

„Но, потоа им било директно кажано дека ќе бидат испратени во најопасните борби... Беа испратени во Бахмут“, рече тој.

Фјодор Тумусов, пратеник од Јакутија во Државната дума, Долниот дом на рускиот парламент, на 18 април на Телеграм потврди дека добил поплака од семејствата на војниците и побарал официјална истрага за ова прашање од министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

„Ја држам оваа работа под контрола“, напиша Тумусов.

XS
SM
MD
LG