Шест илјади денари за полагање испит за лиценца за инструктор, плус лекарско уверение од 1000 денари. Или вкупно 7000 денари треба да издвои од својот буџет секој инструктор за возење доколку сака да добие нова лиценца, а со тоа и да го задржи правото да ја работи својата работа во автошкола. Барањата за лиценцирање кандидатите веќе ги поднеле во Министерството за внатрешни работи, а првиот испит пред членовите на Државниот испитен центар е закажан за 21 октомври.
Задолжителните лиценци за инструктори се дел од измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, но иако неговата примена е одложена до март следната година, обврските околу задолжителното лиценцирање веќе се спроведуваат. Токму затоа голем дел од инструкторите ширум земјава реагираат на дополнителниот трошок во услови кога веќе имаат лиценци за работа, а посебно ги погодува тоа што во услови на корона криза, кога автошколите беа затворени неколку месеци, сега им се наметнуваат нови трошоци.
„За мене е неразбирливо зошто сега се бара од нас повторно да полагаме испит и да плаќаме околу 120 евра за нова лиценца, кога јас веќе 25 години работам како инструктор и имам дозвола за работа, која сум ја добил со полагање испити“, се жали инструктор од внатрешноста.
Претседателот на Националното здружение на автошколи и возачи инструктори Јонче Апостоловски, вели дека лиценцирањето е добро за да се стави ред во оваа професија, бидејќи досега за индивидуални грешки на инструкторот одговараше автошколата, односно правниот субјект.
„Сметаме дека со лиценцирањето ќе се лоцира индивидуалната одговорност. И санкциите нема да се кон правниот субјект, туку кон тој што ја направил грешката или пропустот“, вели Апостоловски.
Но за Апостоловски останува нејасно зошто се инсистира токму сега да се полагаат испитите за добивање лиценца и зошто е толкава нивната цена.
„Цената е донесена со еден правилник уште од министерот од претходната власт и таа цена остана. Е сега, дали е реална, дали и другите професии полагаат по таа цена не ми е познато, меѓутоа сметам дека во однос на нас, е висока, особено сега со кризата и висината на платите и висината на обуката во споредба со другите земји, сме најзагрозени“, вели Апостоловски.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека мора да се стави ред во сообраќајот и да се осигура безбедноста на граѓаните и учесниците во сообраќајот. Законите мора да се спроведуваат и не може постојано да се одложува примената на истите, велат надлежните. Од МВР додаваат дека не може секој да биде инструктор и објаснуваат дека законската обврска околу лиценците и постапките за нив се донесени и започнати уште во 2015 година, истите подоцна се изменети или дополнети, а министерството ги спроведува се додека имаат законска сила.
Целта според надлежните е да се лоцира одговорноста при евентуално незаконско постапување, односно таа да не паѓа на товар на автошколата.
„Искуствата од претходните законски решенија (без индивидуални лиценци) се покажаа како незадоволителни, како за квалитетот на спроведената обука или испит, така и за правните лица кои вршат обука и испитување на кандидати за возачи, од причина што при евентуално утврдени незаконити постапувања од страна на поединци од стручниот кадар во автошколите или испитните центри, одговорноста се лоцираше најчесто кај правното лице, а поединецот сторител на незаконитото дејствие имаше можност да премине на работа во друг правен субјект. Затоа, со цел зголемување на квалитетот на обуката и испитувањето на кандидатите за возачи, како и утврдување на индивидуална одговорност при евентуално незаконите постапување, воведено е законско решение за лиценцирање на стручниот кадар во автошколите и испитните центри“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Од Здружението на автошколи и возачи инструктори додаваат дека нивните предлози искусните инструктори со долгогодишен стаж да не полагаат испит и лиценците да ги издава Комората, а не МВР, биле одбиени.
Инаку стручниот испит ќе се полага согласно утврдена програма, а прашањата ќе ги подготвуваат двајца универзитетски професори од областа на патниот сообраќај кои се избираат на јавен оглас, како и претставници на МВР. Од полицијата истакнуваат дека во членовите 232 и 246 точно се предвидени условите за работа кои треба да ги исполнува стручниот кадар во автошколите и испитните центри. Новите лиценци ќе имаат рок од пет години, по што пак ќе треба да полагаат испит за нова дозвола за работа.
Од Здружението на автошколи и возачи инструктори истакнуваат дека инструктори има се помалку и дека професијата постепено изумира. Причините за тоа ги лоцираат во ниските плати и стресната работа која бара целосна посветеност и концентрација.