Достапни линкови

Има (ли) недостиг на редовни вакцини за бебиња


Родители се жалат дека има недостаток на шестовалентни вакцини за новороденчиња и доенчиња. Скопска поликлиника потврди дека немаат на залиха таква вакцина и дека чекаат да им пристигне нова тура. Од Mинистерството за здравство пак, негираат, велат дека детската имунизација тече без проблем.

Полио – болест која предизвикува детска парализа, Хепатитис Б – болест на црниот дроб или познато како жолтица, дифтерија, тетанус и голема кашлица. Ова се болести против кои се вакцинираат доенчињата и малите бебиња во првите шест месеци од нивниот живот.

Но, во неколку здравствени домови низ земјава тоа не е можно да се направи деновиве затоа што има недостиг од шестовалентната вакцина која е задолжителна за бебиња кои навршиле 6 месеци. Неколку родители на социјалните мрежи се жалат дека иако нивните деца наполниле 6 месеци, нема да може да ја примат оваа вакцина затоа што ја нема.

Од скопската поликлиника Ѓорче Петров ни потврдија дека има недостиг од оваа вакцина и дека не знаат кога ќе им пристигнат нови вакцини.

Триесет и седумгодишната Александра Георгиева, мајка на 7 месечно бебе, вели дека веќе две недели ја нема оваа вакцина во скопските вакцинални пунктови.

„Капак на сè тоа е, што пред секоја вакцина треба да се направи крвна слика, сред пандемија беспотребно се малтретира бебе, направивме крвна слика за џабе. Нема вакцини. Самата помисла дека за бебиња не е нешто набавено, што е потребно ме извади од такт. Нема никакво извесување, затоа што за носење на вакцина се зема слободен ден од работа се очекува реакција, не е едноставно“, вели Георгиева.

Од Здравствениот дом во Скопје неофицијално потврдуваат дека имаат проблем со шестовалентната вакцина, затоа што имаат мали залихи кои не се доволни за сите здравствени домови во градот кои вршат имунизација.

„Ние имаме некоја мала количина, како ни доаѓаат така ги распределуваме, во некоја поликлиника имаме, во некоја немаме, ние од министерство добиваме“, велат од Здравствениот дом.

Оттаму додаваат дека набавката за вакцини ја прави Министерството и дека до нив пристигнуваат вакцините кои тие потоа ги распределуваат низ здравствените домови.

Од Mинистерството за здравство, пак, велат дека нема проблем со набавката на вакцините за доенчиња.

„Министерството за здравство континуирано обезбедува вакцини и навремено врши испорака во вакциналните пунктови. Сите Поликлиники располагаат со вакцините кои се наменети за вакцинација согласно Календарот за задолжителна имунизација. Секоја Поликлиника има посебен дел за новородени и за школски деца и покрај актуелната ситуација со пандемијата имунизацијата се спроведува без никаков застој во сите Здравствени домови“, велат во одговорот од Министерството за здравство.

Георгиева се жали дека детската имунизација не тече навремено и без проблеми како што тврди Министерството. Таа посочува дека откако поликлиниките Букурешт и Јане Сандански се пренасочени за имунизација на населението против ковид, децата од Сарај до Центар се пренасочени да се имунизираат во поликлиниката Ѓорче Петров.

„Последниот пат кога ја носев на вакцина беше страшна глетка. Во поликлиниката Ѓорче Петров се пренасочени од Сарај, Карпош, Влае. Страшна гужва. Со петмесечно бебе чекав три саати. Еден родител надвор со неа да ја чува, да ја надоиш, нема ни место каде, а друг родител чека ред . Дури и училишните деца се пренасочени во таа поликиника. На кратко само ќе кажам дека е направен тотален хаос“, вели Георгиева.

Радост и страв - новороденчиња во време на пандемија
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:20 0:00

Уште во првите 24 часа по раѓањето новороденчињата примаат вакцина против жолтица, а до крајот на првата година и против туберколоза. Со полни 2 месеца примаат шестовалентна вакцина против жолтица, детска парализа, дифтерија, тетанус, црна кашлица и ХиБ. Потоа на 6 до 7 месеци доенчињата примаат ревакцина. Со полни 3,5 месеци повторно примаат петовалентна вакцина која штити од сите овие заболувања освен хепатит Б. Таа се повторува и на полни шест месеци. На 12 месеци децата се вакцинираат со МРП вакцината, чија цел е да создаде одбранбен механизам против мали сипаници, заушки и рубеола. Ова е календарот за задолжителна имунизација во првата година на едно бебе.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG