Достапни линкови

Зголемена минимална плата како предизборен маркетинг


По најавите за уште едно покачување на минималната плата, бизнисмените реагираат дека мерката е нереална и се коси со принципите на бизнис секторот. Дел од економските експерти велат дека вакви политики се дел од концептот „изборна економија“ преку кои властите купуваат гласачи со популистички мерки.

Нереални се најавите за зголемување на минималната плата во услови на ниска продуктивност. Истовремено тие се косат со принципите на бизнис секторот кои се заснова на слободна економија, коментира стопанственикот Трајан Анѓелески, по најавите за ново зголемување на минималната плата.

„Тие износи од 12 000, 13 000 денари се релативно нереални и генерално во државата ретко на кои места можете да најдете вработен за тие износи. Можеби на некои најелементарни работни места. Но , влијае повеќе психолошки на самите кандидати за одредени работни места и вештачки го подигате минималниот праг. Тоа значи дека потенцијалните вработени веднаш помислуваат дека само со отворањето на вратата во некоја фирма, треба да добијат толкав износ, а никој не размислува што треба да врати за тој износ. Ние во земјава имаме тековен проблем со ефикасноста и продуктивноста на вработените”, вели Трајан Анѓелески, сопственик на фирма за производство на машински делови.

По првичните реакции од Сојузот на стопански комори од каде што предупредија дека платите треба да се зголемат, но, природно, а не со наметнувања кои во турбулентни времиња приватниот сектор тешко може да ги издржи, реагираше и Светската банка која во својот последен извештај посочи дека се потребни сериозни анализи за тоа дели е можно уште едно покачување на минималната плата, со оглед на тоа што продуктивноста не е зголемена. Меѓународните финансиски институции предупредија дека ново зголемување на минималната плата може да ја зголеми невработеноста кај младите и да ја зголеми сивата економија.

Универзитетскиот професор Зоран Ивановски смета дека оваа политика на Владата која е насочена кон динамизирање на економскиот раст повеќе личи на таканаречената „изборна економија“.

„Една од базичните лекции кои ја учат и студентите на прва година на факултет е дека зголемувањето на минималните плати најчесто се пресликуваат како пораст на стапката на невработеност. Тоа значи дека и оние кои се одлучуваат да студираат сега во услови на зголемена минимална плата можеби ќе се одлучат да бараат работа, Исто така оние кои се постојно вработени, во дел од компаниите кои не можат да ги обезбедат зголемувањата може да дојде до намалување на работната сила”, вели професорот Зоран Ивановски, според кој мерката е проблематична и поради тоа што промените во минималната плата и во даночната сфера можат да влијаат на зголемување на појавата на сивата економија.

Анѓелески пак, не очекува зголемувањето на минималната плата да ја зголеми невработеноста и посочува дека економските одлуки треба да се донесуваат во консултација со реалниот сектор, а не во министерските кабинети.

„Никогаш не е добро изолирано да се донесуваат одлуките. Секогаш треба да се случи една широка дебата и таму да се слушнат практичните работи кои се случуваат во реалниот сектор”, вели Анѓелески.

Според Ивановски мотивот за ваквите потези и политики на надлежните треба да се бараат во концепт на „изборна економија” кој како што вели, е создаден во последните 10-тина години, а кој значи водење на економските политики во насока на добивање избори, што генерално е неодржливо и нездраво на долг рок.

Инаку, Владата најавува зголемување на минималната плата, но не кажува ни кога, ниту за колку. Сојузот на синдикати на Македонија реагира дека е потребно покачување на минималната плата од најмалку 12 отсто, односно за околу 1500 денари, со што минималната плата од сегашните 12 илјади би се покачила на 13.500 денари.

Од бизнис секторот пак порачаа дека зголемувањето на платите треба да се спроведе преку национална стратегија со зацртани цели за подобрување на продуктивноста на приватниот сектор, обезбедување стабилен пласман на македонски производи и зголемување на бројот компании што извезуваат.

Овој месец се очекува зголемување на минималната бруто плата за околу 600 денари. Министерот за финансии Драган Тевдовски неодамна изјави дека со законското решение за минимална плата, поставен е механизам за нејзино редовно усогласување, зависно од растот на просечната плата, на бруто домашниот производ и растот на цените.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG