Достапни линкови

Заев повикува на лидерска, ВМРО-ДПМНЕ бара избори


Премиерот Зоран Заев на прес-конференција во владата
Премиерот Зоран Заев на прес-конференција во владата

Лидерска средба в петок на која ќе се разговара за Изборниот законик, Законот за СЈО и пописот јавно предложи премиерот Зоран Заев. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека се спремни за лидерска на која ќе се разговара за предвремени парламентарни избори.

Премиерот Зоран Заев јавно повика на одржување лидерска средба в петок, на која треба да се разговара за Изборниот законик, Законот за СЈО и пописот. Поканата ја упати до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети и претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веднаш одговори дека тие се спремни за лидерска средба на која прва и единствена точка мора да биде одржување предвремени парламентарни избори.

На прес-конференција во владата, Заев рече треба да се направи сè за да се дадат дополнителни аргументи во пресрет на добивањето датум за преговори за членство во ЕУ. Тој рече дека е против предвремени парламентарни избори, но оти ВМРО-ДПМНЕ на лидерската може да ја стави и таа точка на дневен ред. Треба да покажеме единство кога се работи за стратешките интереси на државата, вели Заев.

„Искрената и чесна посветеност на овие теми ќе ги заокружи реформите во делот на европските интеграции до почетокот на преговори со ЕУ со кои наесен ќе се претставиме како земја која ги затворила сите прашања за добивање на ветениот датум за старт на преговорите, односно евентуално нема никому да дадеме аргумент да биде против или да биде резервиран“, рече Заев.

Тој рече дека предвремени избори нема да променат ништо во составот на владата, но на тој начин само ќе се изгуби време, кое сака да ѝ го посвети на економијата.

Заев рече дека сака да ги донесе законите со што поширок консензус, но ако процесот се закочи, ќе се разговара со пратениците поединечно во обид да се направи двотретинско мнозинство за Законот за СЈО.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, пак, обвини дека Заев бега од избори.

„Најпрво на таа лидерска средба мора да се разговара за предвремени парламентарни избори, а веднаш потоа може да сè разговара за се останато“, рече Арсовски.

Парламентарните избори треба да се одржат во декември догодина, но Заев рече дека тие може да се одржат и два месеци порано за да се избегне зимата. Тој, сепак, рече дека може да размислува за предвремени избори во случај земјава да не добие датум за преговори во октомври.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG