Достапни линкови

Заев се изгорел со некои кандидати на ДУИ, ќе дува ли сега и на ладно?


Состанок со коалицискиот партнер во Владата, претседател на ДУИ, Али Ахмети. и претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев
Состанок со коалицискиот партнер во Владата, претседател на ДУИ, Али Ахмети. и претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети најавија соработка за локалните избори, но засега нема детали каква ќе биде поддршката што ќе си ја дадат. Од Беса, другиот владин коалициски партнер, очекуваат договорот СДСМ-ДУИ да не биде на нивна штета.

Ден по средбата на владините коалициски партнери Зоран Заев и Али Ахмети од кусиот текст кој го објави лидерот на СДСМ и премиер на социјалните мрежи, не може да се видат многу детали како би изгледала најавената соработка на локалните избори ниту, пак, дали е поинаква од досегашната поддршка која си ја даваа двете партии при изборот на градоначалници.

Радио Слободна Европа праша во владејачката партија дали договорената поддршка значи и заеднички советнички листи и дали услов за поддршка од СДСМ ќе биде и кандидатот земајќи предвид дека досега изразуваа негодување од некои градоначалници на ДУИ, а во одговорот нема детали туку се наведува дека остануваат „на тоа што го сподели претседателот на партијата“.

Попладнето премиерот на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека со Ахмети договориле соработка за изборите и меѓусебна поддршка во некои општини уште во првиот, а во други во вториот круг.

„Се договоривме дека СДСМ и ДУИ заедно ќе настапат на претстојните локални избори“, напиша Заев во објавата на Фејсбук.

Инаку СДСМ и ДУИ меѓусебно се поддржаа и на претходните локални избори во 2017 година. И од ДУИ денеска на прашањето дали договориле иста или подлабока поддршка не дадоа детали.

Три години по последните локални избори, минатата година, СДСМ одлучи да оди во коалиција со Беса и со заеднички листи на парламентарните избори со таа партијата. Движењето сега има четири пратеници кои се дел од владејачкото мнозинство кое го сочинуваат 62 пратеника.

Но, Фадиљ Зендели, пратеник од Беса вели дека позицијата на СДСМ во општините во кои ќе имаат кандидати и тие и ДУИ ќе влијае врз владината коалиција. СДСМ и ДУИ се две независни партии кои се дел од власта, вели Зендели додавајќи дека нивно право е да разговараат и да соработуваат.

„За нас како движење Беса кое е дел од мнозинството е важно нивниот договор да не биде на наша штета, да не чепка нешто во нашите интереси. Ние сме во редовна комуникација и со СДСМ и со ДУИ и очекуваме коректен однос на локалните избори, таму каде што ќе настапуваме со наши кандидати СДСМ да биде неутрален во однос на кандидатите на ДУИ и на Беса. Ако тие ова го почитуваат нема проблем, ако не го почитуваат ќе има и последици“, вели Зендели потврдно одговорајќи дали под последици мисли на последици врз владината коалиција.

Инаку, Заев и лидерот на Беса Биљаљ Касами договорија заеднички настап лани во февруари за предвремените парламентарни избори што се одржаа летото.

Пред нивното одржување Заев во интервју за РСЕ зборувајќи за тогашната соработка со Беса и поранешната соработка на локалните избори со ДУИ рече дека во 2017 година застанале зад соодветни кандидати во кои верувале иако како што нагласи: „се изгоревме реално со некои кандидати“.

РСЕ: „За кој најмногу жалите?“

„Господинот Мерко. Жалам. Еве зошто жалам. Едноставно е. Може градоначалникот на Охрид да постапува, тоа не е така пријатна надлежност на општините, во Струга не се постапува. Успеавме со Беса да изградиме програма, заеднички концепт во кој веруваме. Концепт на реформи, на економијата, на кревање на стандардот, европеизацијата низ поглавјата и слично“, рече Заев лани во јуни.

На најавената соработка СДСМ-ДУИ реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ.

„Можеме само да потенцираме дека СДСМ и ДУИ како во криминалот и корупцијата така се сложуваат и во власта и ова е нивни последен обид да го продолжат тоа и понатака но на овие избори граѓаните ќе ги казнат“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Тој додава дека неговата партија има одлична соработка со некои партии на Албанците и дека се спремни на следните избори да коалицираат со секој оној кој е против оваа власт.

Локалните избори треба да се одржат наесен, а засега не се знае точниот датум. Првично премиерот предложи тие да бидат на 31 октомври, но по реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ и тврдењето дека дотогаш ќе биде поминат мандатот на градоначалници, што велат било противуставно, последно како прифатлив датум се споменува 17 октомври.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG