Достапни линкови

За пандемијата се бараше тоалетна, за нуклеарната закана јод


Купон за слободна набавка на калиум јодид од аптеките во францускиот град Бањол во октомври 1997 година, каде што има постројка за процесирање нуклеарен отпад. На граѓаните им беше кажано дека треба да ги користат таблетите во случај на радиоактивен инцидент.
Купон за слободна набавка на калиум јодид од аптеките во францускиот град Бањол во октомври 1997 година, каде што има постројка за процесирање нуклеарен отпад. На граѓаните им беше кажано дека треба да ги користат таблетите во случај на радиоактивен инцидент.

Путин нареди ставање на нуклеарните сили во висока готовност, а жителите на Централна и Источна Европа почнаа да купат таблети јод против нуклеарна радијација, како што купуваа Сумамед на почетокот на пандемијата. Фаталистите, пак, велат дека ако дојде до нуклеарна војна, никаков јод не помага.

Рускиот претседател Владимир Путин, во ек на воената инвазија врз Украина, нареди ставање во висока готовност на нуклеарните сили на земјата што веројатно за првпат по крајот на Студената војна го зголеми стравувањето од нуклеарна војна.

Песимистите планираат да ги чистат скривниците, купуваат јод и залихи храна.

Фаталистите велат дека евентуалната нуклеарна војна ќе биде последна во светот и никаква заштита не помага.

Оптимистите се среќни што барем пандемијата на коронавирус заврши, со оглед на тоа што веќе не е тема број 1 во медиумите.

Верниците само се молат дека нема да дојде до нуклеарна војна.

Медиумите јавуваат дека жителите на Полска, Чешка, Бугарија, Хрватска и другите земји од Централна и Источна Европа ги испразниле аптеките од јод. Има информации дека и македонските граѓани не остануваат покусо.

Повозрасните се потсетија на часовите по Општонародна одбрана каде што се учеше дека по нуклеарен напад треба да се земе јод.

Таблетите со калиум јодид доколку се земаат навреме по нуклеарен инцидент, штитат од таложење на радиоактивен јод во тироидната жлезда и на тој начин го намалуваат ризикот од рак на тироидната жлезда. Вакви таблети им беа препорачани на граѓаните по нуклеарна катастрофа во Чернобил во 1986 година.

Лекарите, пак, велат дека јодот не може да се зема на своја рака, туку исклучиво во консултација со лекар. Треба да го користат само луѓе помлади од 40 години кои биле изложени на нуклеарна радијација, а во зависност од возраста и тежината, докторите треба да ја одредат дозата. Никако не треба да се зема како превентива.

Дел од граѓаните, пак, сметаат дека шегата е најдобар лек против стравот.

На почетокот на епидемијата на коронавирус, граѓаните го испокупуваа целото брашно, зејтин и тоалетна хартија од маркетите. Потоа ги испразнија аптеките од витамини и сумамед. Па кога докторите почнаа гласно да предупредуваат дека сумамедот не помага против вируси, направија залихи од ивермектин. Рафтовите на маркетите сега повторно останаа празни, зашто граѓаните повторно ги наполнија домашните „бункери“ со прехранбени производи.

Некои се потсетија дека брашното од почетокот на пандемијата уште им стои.

Русија на 24 февруари ја нападна Украина, а руската војска влезе на украинска територија. Целиот западен свет ја осуди инвазијата, воведе жестоки санкции против Русија и најави помош за Украинците. Рускиот претседател Владимир Путин на 27 февруари нареди ставање на нуклеарните сили во состојба на висока готовност поради „агресивни изјави“ против Русија на водечките сили на НАТО.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG