Достапни линкови

Еден месец од автобуската несреќа во Бугарија истрагата при крај


Местото на несреќата во Бугарија.
Местото на несреќата во Бугарија.

Се уште се чекаат конкретните причини за автобуската несреќа во Бугарија која се случи пред точно еден месец. Бугарското обвинителство најави дека истрагата е при крај, а последните вештачења се очекува да бидат готови деновиве. Како водечка причина досега се посочува човечка грешка. Македонското обвинителство се уште не обелоденува дали во земјава ќе се бара одговорност од превозникот што го организирал патувањето од кои не се вратија 45 луѓе, а седуммина беа повредени.

Истрагата е при крај и деновиве бугарското обвинителство треба да ги соопшти причините за автобуската несреќа на македонски превозник во Бугарија во која на 23 ноември загинаа 45 луѓе, од кои 12 деца, а седуммина преживеаја. Тие се враќале од туристичко патување во Турција.

Од бугарското обвинителство најавија дека резултатите од последните вештачењата кои се очекуваат може да бидат готови и пред католички Божиќ. Истрагата ја водат бугарските власти, оти несреќата се случи на бугарско тло, a македонските обвинители ги обезбедија сите докази кои до овој момент беа побарани од бугарските истражители.

„Соработката продолжува до целосно расчистување на настанот и утврдување на причините за трагедијата“, велат од Основното јавно обвинителство за РСЕ.

Паралелно на ова, Основното јавно обвинителство Скопје постапува во предмет кој се однесува на работењето на правниот субјект - организатор на патувањето, односно фирмата Беса транс, како и постапувањето на други надлежни органи, велат од Обвинителство. Повеќе детали не се соопшуваат за да не и се наштети на истрагата.

Македонското јавно обвинителство на бугарските колеги им им ги испратило податоците за лиценците обезбедени од Министерството за транспорт, податоци од МВР за регистрацијата на возилото, потоа ОЈО ја запленило документацијата кај превозникот и други документи што им биле побарани од бугарските обвинители, рече по несреќата првиот човек на ОЈО, Љубомир Јовески, во интервјуа за медиумите.

Човечка грешка - водечка причина уште од почетокот

Бугарските истражители како можна причина го посочија човечкиот фактор, односно дека возачот не ја прилагодил брзината на условите на патот. Иако и лошата сигнализација беше посочена како можна причина, истрагата покажа дека патот имал маани, но тие не биле пресудни за несреќата. Бугарските обвинители по несреќата соопштија дека аутопсиите на жртвите покажале дека сите загинати починале од задушување, а не од ударот, односно дека биле живи во моментот на избувнување на пожарот. Уште на почетокот водечка верзија беше дека станува збора за човечка грешка.

Шефот на бугарската Националната истражна служба Борислав Сарафов за БНТ, пред една недела рече дека истрагата е при крај и дека се очекуваат само резултатите од вештачењата – судско-медицински, технички и пожарно-технички вештачења. Тие вештачења ќе ги утврдат конкретните причини за несреќата.

Бугарскиот обвинител како можна причина за несреќата го посочи тоа што возачот возел со брзина несоодветна за условите на патот, иако пропишаната брзина е 120 километри на час, а тој возел со над 90 км, на час. Ноќта на несреќата врнело дожд, и како што вели бугарскиот обвинител, секој искусен возач требало да ја приспособи брзината согласно условите.

„Брзината на автобусот била прилично несоодветна со условите на патот. Мислам дека возел над 90 км/ч. Барањата на еден професионален возач на автобус се повисоки отколку за кој било друг возач“, рече Сарафов.

Според Сарафов, нема причинско-последична врска меѓу несреќата, патната сигнализација и ознаките, но посочува дека ознаките на патиштата „очигледно не ги исполнуваат условите“.

Досега истрагата покажува дека автобусот од се уште непозната причина скршнал надесно и удрил во заштитната ограда која го дели просторот за одмор од автопатот. Од ударот се дупнал резервоарот за гориво, избувнал пожар и возилото се заглавило меѓу заштитните огради што ги делат двете ленти на автопатот.

Увидот на бугарското Министерство за регионален развој и јавни работи на местото на инцидентот покажа дека тротоарот е во одлична состојба, но ознаката е дотраена, а не е извршена и пролетната надгредба за негово реновирање.

Автобусот бил без лиценца, а патувал со фалсификувани документи

Од македонските институции по несреќата излегоа информации дека автобусот со невалидни или со фалсификувани документи вршел превоз и преминувал граници. Не бил заведен ниту во документацијата на Министерството за транспорт и врски. Имаше и информации дека возачите на изгорениот автобус не биле вработени, едниот немал ни сертификат за професионална компетентност. Сите тие информации ги истражува обвинителството. Засега за случајот суспендирани се двајца цариници оти не го евидентирале излезот на автобусот од земјата, а нивниот раководител ќе биде санкциониран.

Државниот обвинител Љубомир Јовески во интервјуа за медиумите по несреќата во Бугарија рече дека ќе бидат сослушани околу 20 луѓе, а ако од предистрагата излезе дека има сомнежи за сторено кривично дело и македонското обвинителство ќе отвори предмет.

И од Министерството за внатрешни работи не споделуваат информации за несреќата, оти за тоа надлежни се бугарските органи, рече минатата недела министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања. Тој рече дека на бугарските истражни органи им ги испраќаат бараните информации и само тие можат со јавноста да ги споделуваат своите сознанија. Спасовски информира дека годинава, преку вонредни технички прегледи, било утврдено дека секој шести автобус или комбе биле неисправни.

Пречекани посмртните останки на жртвите од несреќата во Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Компанијата, чиј автобус изгоре пред еден месец во Бугарија, приложувала изводи од лиценци за автобусот, но најверојатно се прикажувале невалидни или фалсификувани документи, рече пред една недела директорката на Царина, Славица Кутиров на прес-конференција во Сојузот на синдикати.

„Имаме детална евиденција дека истиот автобус повеќе од 120 пати е евидентиран во нашиот систем вклучувајќи и број од извод од лиценци за кои секојдневно се зборува дека не биле евидентирани. Кај нас се евидентирани и најверојатно се приложувани одредени фалсификувани или невалидни документи. Но, за тоа истрагата е веќе во рамки на Јавното обвинителство и повеќе детали во следниот период тие можат да кажат“, рече Кутиров.

Десет дена по несреќата, со воени авиони од Бугарија беа донесени посмртните останки на загинатите во несреќата. Повредените патници и беа сместени во софиската болница „Пирогов”, а неколку денови по несреќата, во зависност од сериозноста на повредите, беа пренесени на скопските клиники.

По несреќата беа прогласени денови на жалост и во Македонија и во Бугарија. А неколку општини и Град Скопје, од каде што се потекнувале жртвите, дел од својот буџет одделија за помош на семејствата на жртвите.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG