Достапни линкови

Дезинформации, Устав и „Бехтел и Енка“


Њузлетер 14.04.2023 - Борба со дезинформации од странство, манипулации со информации дома.

Загадувачи на медиумскиот простор

Западен Балкан е „затруен“ од дезинформации, главно од Русија и Кина, а Србија е една од главните бази од каде тргнуваат дезинформациите во регионот. Ова е главната порака од специјалниот американски пратеник Џејмс Рубин, кој неделава ги посети Подгорица, Приштина и Скопје. Ниту односите меѓу Скопје и Софија и дебатата за уставните измени, потребни Македонија да го продолжи евро-интегративниот пат, не се имуни на оваа појава, додава Рубин.

Тој вели дека има многу загадувачи на медиумскиот простор во Бугарија кои објавуваат малициозни стории, информации и манипулации, а понекогаш дури и лаги. Запознаен е, додава, со случаи во Бугарија на новинари кои се платени да пишуваат и да повторуваат лаги и оти за ова ќе разговара со бугарските власти кога ќе ја посети Софија.
Рубин најави дека САД ќе им помагаат на институциите во Македонија со аналитички способности и со техничка поддршка, експертиза и искуство да се борат со дезинформациите.

Устав и уставни измени

Кој да им помогне на Владата и на парламентарното мнозинство да ги истуркаат уставните измени, според Устав и закон и без дезинформации и манипулации со информациите? Процедурата за измена на Уставот е јасна, но власта реши да формира широка работна група за консултации околу уставните измени, иако во Парламентот воопшто не е иницирана постапка за менување на Уставот. Одлука за почнување на постапката носи Парламентот со двотретинско мнозинство, а таква одлука нема, бидејќи власта сеуште не може да обезбеди такво мнозинство.

Значи, постапката не е ни почната, па тогаш што ќе прави и подготвува работната група, составена само од членови од владејачките партии, за што ќе се трошат време и пари, не е јасно. Без меѓупартиски консензус, тешко ќе оди таа работа.

Шпекулации со договорот со Бехтел и Енка за изградба на автопатишта

Кога нема вистински, точни и транспарентни информации, има куп шпекулации и дезинформации. Со Договорот со „Бехтел и Енка“ што беше потпишан на 8 март годинава, ќе се градат четири автопатски делници во должина од 108,8 километри. Вредноста на проектот е 1,3 милијарди евра, без парите за експропријацијата и проектирање. Проектот, од самиот старт е проследен со низа контроверзи.

Заради спроведување на овој договор, ќе се менуваат повеќе закони. Договорот, иако е непознат за јавноста, медиумите, опозицијата, експерти објавуваат информации за можна корупција, штети по домашниот буџет, штети за државата. Што е точно, а што се шпекулации може да се разјасни со објавување на сите детали од овој договор, што барем засега, нема да се случи.
Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека не е прв пат договори со компании да не се објавуваат за да се заштитат нивните интереси. Така не се објавени договорите со ОКТА, Еуромакс, кинеската Синохидро и турски Тав. Со некои од ове компании, исто така, имаше многу контроверзи, па и големи штети за македонскиот буџет.

Црвени елеци и розови очила

Не е дезинформација. Премиерот Димитар Ковачевски и лидер на СДСМ, како што самиот кажа, три месеци нема да оди дома. Ќе ги посетува сите градови и села во Македонија во рамките на новата кампања - „Рамо до рамо до победа“. До каква победа, против кого и за што, кога упорно тврдат дека годинава нема да има избори.

Трибините на СДСМ лани, под мотото -„Силно и одлучно кон иднината“, сега добија надградена верзија.
Ниту најголемиот коалиционен партнер на СДСМ во Владата, ДУИ не мирува и под мотото „Заедно за Европа“ неодамна излезе на средби со граѓани во скопската населба Чаир.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, минатиот месец започна акција „Заедно со народот“. Но, партијата е во постојана кампања ако се суди според зборовите на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.
„Ако се растегнат овие периоди на водење на кампањи и да станат произволни, односно кога сакаат партиите да ги прават, проблематични се, не само за дефокусирање на јавноста и граѓаните од важни економски и политички прашања, туку сега тие функционери наместо да бидат во канцелариите и да ги вршат своите должности треба да одат на терен да разговараат со граѓани“, вели комуникологот Сеад Џигал.

АДА – Инвестирајте во Македонија

За да нема погрешни информации за тоа како да инвестирате во Македонија, ќе се грижи АДА - дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција во јавниот сектор. Може да одговори на широк спектар на прашања поврзани со условите за инвестирање и државната помош, нон стоп, 24 часа.

Изгледа има „огромен“ интерес за инвестирање во земјата, вработените во надлежните институции не можат да постигнат, па ќе им помага АДА.
Доволен повод за премиерот Ковачевски да оцени дека сега Северна Македонија е дел од бранот модерни достигнувања кои го зафаќаат „секој аспект нашите животи.“
Вакви дигитални асистенти со вештачка интелигенција има речиси секојa посериозна компанија на нивните интернет страници.

Србија се согласила да и дава оружје на Украина?

Информација или дезинформација. Србија, една од ретките земји во Европа која одби да ја санкционира Русија поради нејзината инвазија врз Украина, се согласила да испорача оружје на Киев или веќе го испратила, стои во еден од доверливите документи на Пентагон, објави агенцијата Ројтерс на 12 април.

Според тие документи, Србија одбила да обезбеди обука за украинските сили, но ветила дека ќе испрати воена помош или веќе ја доставила. Исто така, дека Србија има политичка волја и воена способност во иднина да и обезбедува оружје на Украина.
Ројтерс не можел независно да ја потврди автентичноста на документот. Српските официјални претставници демантираат.

Во Русија и православни свештеници пропагираат војна

Андреј Ткачев стана познат по жестоки проповеди во кои вели дека смртта во војна е најдобриот начин да се умре. Тој е само еден од многутепровоени руски православни свештеници во црква која, според еден висок поранешен член, го изгубила својот пат. Некои руски свештеници отидоа дотаму што ги реинтерпретираа христијанските заповеди за да дадат оправдание за бруталната војна на Москва во Украина.

Руски православен свештеник пропагира војна
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:38 0:00
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG